verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Како да препознаете нарко зависници

on 19 - 12 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

FireShot-Како-да-препознаете-нарко-зависници-I-Денешен-весник-crop-resize

Основен проблем на написот е што ги генерализира симптомите поврзани со корисниците на дроги и истовремено врши стигматизација врз група граѓани. Написот нема форма на новинарски текст, туку со повеќе точки, групирани во три групи, дава одговори на прашањето – како да осознаете дали вашето дете или пријател користи дрога? Нема извор од каде се преземени објавените одговори.

Рецензија: Како да препознаете нарко зависнициЛинк до оригиналниот напис: Како да препознаете нарко зависници

Датум и време на објавување: 05.12.2013, 11.30

Датум на рецензирање: 18.12.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Генерализацијата по која било основа секогаш треба да се избегнува. Во овој случај, симптомите што се карактеристични за користењето на еден вид дрога не мора да се појавуваат кај корисниците на друг вид дрога. Оттаму, наводите што се користат во написот можат да бидат и точни и неточни, а следствено на тоа – неверодостојни.

Извори на информации: Во написот нема наведено ниту еден официјален или релевантен извор од каде се преземени објаснувањата на симптомите. Исто така, во написот нема објаснување како се добиени информациите, дали станува збор за истражување или за белешки преземени од сајт на некоја здравствена институција. Отсуството на изворот ја намалува веродостојноста на објавените информации.

Содржајност: Формата во која е објавен написот не личи на новинарски производ. Нема вовед, нагласена причина или актуелно случување што довело до одлуката за објавување на текстот. Жанровски написот ниту е вест, ниту анализа, ниту колумна. Ако целта на написот е да има советодавна или превентивна функција, тогаш треба да се прецизира на кого му се обраќа. Иако се наведени симптоми од користењето дроги, во написот не се гледа дека се прави разлика меѓу зависност од дрога и користење дрога. Зависниците од дрога може да бидат пациенти во здравствена установа, но не треба да се третираат како девијантна појава во општеството.  Во овој случај се отвораат можности за стигматизирање на зависниците од дрога, наспроти можноста за нивно лечење и адаптирање во општеството.

Коментирање: Коментирањето во написот е содржано во изборот на темата и начинот на кој истата е елаборирана. Од дадените одговори може да се заклучи дека корисниците и зависниците од дрога се криминалци, крадци, неработници, луѓе кои не водат сметка за својата хигиена и сл. Истите карактеристики можат да ги поседуваат и лица кои не се корисници или зависници од дрога, но тие не се во интересот на овој напис.

Оригиналност/Плагијат: Написот е објавен без наведен автор, извор и линк до изворот на информацијата. Тоа е дополнителна причина објавените информации да се прифатат со резерва.

Квалитет на насловот: Стигматизацијата врз лицата што користат дрога е нагласена во насловот на написот. Употребен е изразот „нарко зависници“, додека коректен и соодветен израз е корисници или зависници од дрога. Со употребата на терминот „нарко“ направен е обид за сензација во насловот. Затоа сметаме дека е несоодветен и тенденциозен.

Фотографија: Написот е илустриран со фотографија, чија цел е да предизвика страв. На истата фотографија, покрај неколку видови дрога, се забележуваат пиштол и шише со алкохол. Очигледна е намерата во композицијата на фотографијата да бидат ставени сите зла на едно место. Но, од тие причини употребената фотографија не е соодветна за објавениот напис. Дополнително, пиштолот директно асоцира на криминални активности, а не на зависност од дрога.

Говор на омраза: Иако првичната идеја за написот била да има превентивна функција, на крајот, сепак, се сведува на дискриминација на лицата кои користат или се зависници од дрога. Отворено останува прашањето – што ако некој од симптомите забележите кај вашето дете или пријател? Дали тоа е дефинитивен знак дека станува збор за корисник на дрога? И како понатаму ќе се однесувате кон него? На овие прашања написот не дава одговор.

Заклучок: Иако на прв поглед делува пријателски и советодавен, сепак написот повеќе звучи пропагандистички. Неговата цел е да ги обележи лицата кои користат или се зависници од дрога, но не и да им помогне во справувањето со својата зависност. Затоа овој напис генерализира, стигматизира и дава можност за дискриминација на одредена група луѓе, но, за жал, не е дел од решението на проблемот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

социјална

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести