Рецензија: ВИДЕО-Феминистки и хомосексуалци нападнаа црква и христијани
Објавено во Рецензии
on 18 - 12 - 2013 Автор: Оливера ВојновскаСтанува збор за фотовест преземена од странски медиум и објавена со наслов: „ВИДЕО-Феминистки и хомосексуалци нападнаа црква и христијани“. Иако во оригиналниот текст е наведено дека се работи за протест на феминистки пред катедарлата San Juan Batista во Аргентина и никаде не се споменуваат хомосексуалците . Исто така, веста што ја рецензираме нема назнака за тоа каде се случува настанот, туку на крајот од текстот има линк до оригиналниот видео материјал. Така што, дури откако ќе се погледне видеото станува јасно дека се работи за Аргентина.
Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО-Феминистки и хомосексуалци нападнаа црвка и христијани
Датум и време на објавување: 6.12.2013, 11:40
Датум на рецензирање: 17.12.2013
Рецензент: Оливера Војновска
Вистинитост: Оваа куса вест во еден дел содржи факти и тие се вистинити. Но, истовремено се објавува и една невистина дека на протестот учествувале и хомосексуалци.
„Феминистките и хомосексуалците на видеото плукаат по верниците, ги удираат, ги прскаат со спреј по лицето, им фрлаат на глава долна облека, им цртаат на лицата крстови…“
„Над 1.500 христијани ја заштитија црквата од вандализмот на 500 насилници, милитантни феминистки, хомосексуалци и ЛГБТ активисти“
Наспроти ваквите тврдења, во оригиналот се вели дека „феминистките од Ааргентина излегле да протестираат за да ги поддржат абортусот, хомоскесуалноста и контрацепцијата.“
Извори на информации: Како извор на информации се користи странски медиум
Содржајност: Освен што содржи лажна иформација (учеството на хомосексуалците), веста за читателот делува и збунувачки. Во неа нема локација, па може да се извлечат погрешни заклучоци за местото на случувањата.
Пристрасност: Начинот на кој е пласирана веста, со тоа што во текстот и во насловот е додаден терминот „хомосексуалци“, укажува дека таа отстапува од линијата на објективност.
Оригиналност/Плагијат: Веста е преземена од странски медиум, но нема наведено извор, туку под текстот е посочен линк до оригиналот .
Квалитет на насловот: Македонската верзија е со манипулативен наслов кој го трасира патот во погрешна насока. Тој искажува тврдење: „ феминистки и хомосексуалци нападнаа црква и христијани“, што не е целосно точно. Имено, од оригиналната вест и од видеото се гледа дека хомосексуалната заедница не е дел од протестот. Исто така, таму е наведено дека „група феминистки нападнале католички верници кои ја заштитувале катедралата.“
Фотографија: Како илустрација е употребена снимка од видеото што го има на оригиналната вест.
Говор на омраза: Лажната информација што се пушта во јавноста и тонот во кој е напишана крие во себе елементи на говор на омраза, бидејќи неосновано обвинува за напад на верски објект една групација која и онака се соочува со проблемот на дискриминација. Со оглед на тоа што се задира во верските чувства на граѓаните, а имајќи ги предвид и предрасудите кон геј-заедницата, опасно е да се тврди дека хомосексуалците нападнале црква и христијани . Тоа може да предизвика дополнителна негативна енергија, па и насилство кон оваа маргинализирана група.
Заклучок: Веста, која е објавена во сосема куса форма, делува прилично вознемирувачки. Особено насловот и поднасловот. Независно дали преземениот материјал е лошо преведен, или пак, хомосексуалците се намерно вметнати, факт е дека се објавува дезинформација во која оваа заедница се претставува како насилна. Што е непрофесионално и некоректно. Истовремено, текстот остава простор за сомнеж дека идејата не била да се информира за настан кој се случил во Аргентина, туку да се манипулира домашната јавност и да разбуди негативни чувства кон геј-заедницата.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
друга пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
дискриминација според сексуална ориентација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови