verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Двајца Македонци на листата на најзначајни личности во историјата на човештвото

on 17 - 12 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Двајца-Македонци-на-листата-на-најзначајни-личности-Република-Online-crop-resize

Разбирањето на новинарството како средство за одбрана на национални интереси и натаму често се среќава во македонскиот, но и во балканскиот медиумски простор. Според оваа „школа“, кога се брани националната кауза дозволени се сите средства – па и манипулацијата со читателите. Ваквата пропаганда, маскирана како објективна информација, е спротивна на сите основни новинарски принципи.

Двајца Македонци на листата на најзначајни личности во историјата на човештвото   Република OnlineЛинк до оригиналниот напис: Двајца Македонци на листата на најзначајни личности во историјата на човештвото

Датум и време на објавување: 10 декември 2013

Датум на рецензирање: 15 декември 2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост: Факт е дека книгата, односно листата на која се повикува авторот на текстот постои, односно дека е објавена. Сепак, кусо пребарување на интернет открива дека книгата „Кој е поголем? Како навистина се рангирани историските фигури“  е всушност тривијален обид да се квантифицира „значењето“ на личности од историјата со помош на софтвер за обработка на податоци од интернет. Оттаму, во еден сериозен новинарски текст наводите објавени во оваа книга не би смееле да се претставуваат како потврдени факти.

Извори на информации: Ова е пренесен текст во кој единствен извор кој се користи е книгата „Кој е поголем?“ на Ричард Скиена и Чарлс Ворд. Името на книгата е погрешно преведено како „Кој е најголем“. Не е наведено од кој медиум е пренесена веста.

Содржајност: Во веста недостигаат повеќе информации за методологијата што ја користеле двајцата научници при составувањето на нивната листа. Со ова, читателот би добил поточна слика за типот на истражување што се презентира, па би можел и подобро да ја оцени неговата веродостојност. Авторот на веста површно ја претставува оваа листа и начинот на кој таа е составена, со што се добива впечаток дека тој можеби не ги презентира сите информации.

Пристрасност: Авторот се обидува да ги привлече читателите, апелирајќи на нивните чувства. Притоа, тој наметнува дискутабилна порака, сервирајќи ја како потврдена и апсолутна вистина – Александар и Аристотел се Македонци! Ова е повреда на елементарната објективност, која, гледано во актуелниот политички амбиент, претставува неетичко исползување на чувствителна тема за промоција на една политичка позиција во јавноста.

Коментирање: Текстот е прилично краток и во него нема коментари. Сепак, самото тврдење изнесено во насловот е резултат на субјективна перцепција на авторот, која тој се обидува да им ја наметне на читателите.

Плагијат: Веста е пренесена од странски медиум, без да се наведе изворот. Од неа е издвоен и нагласен делот за кој авторот мислел дека ќе ја заинтересира македонската публика.

Квалитет на насловот: Насловот на веста сензационално јавува за двајца Македонци меѓу најзначајните луѓе во историјата на човештвото. Дури кога читателот ќе ја отвори веста, дознава дека двајцата „нашинци“ се Александар Велики и Аристотел. За оваа теорија можеби и може да се дискутира, но не и кога националната припадност на личности од антиката во новинарски текст се претставува како неоспорен и проверен факт.

Фотографија: Веста е илустрирана со фотографии од бисти на Аристотел и Александар Македонски што само ја дополнува манипулацијата што провејува низ целиот напис.

Говор на омраза: Написот не поттикнува дискриминација, но самото тврдење дека Аристотел и Александар се Македонци  и ставањето знак на еднаквост со денешните Македонци може да ги навреди читателите, кои не го делат верувањето во континуитет на македонската нација од античкиот период досега.

Заклучок: Ваквите написи, кои често се гледаат во македонските и во балканските медиуми, произлегуваат од една ментална матрица неспоива со етичкото и објективното новинарство. Авторите на ваквите текстови веруваат дека пропагандата е легитимна кога пишуваат за теми, кои, според нивните сфаќања, се од „национално значење“. Но, тие често забораваат дека основната задача на новинарите е да информираат и наместо на страната на јавноста и граѓаните, застануваат зад политички интереси, маскирани во борци за националната кауза.

За новинарите кои се посветени на вистинските вредности на својата професија, пропагандата не е оправдана ниту дозволена во ниедна ситуација. Впрочем, секоја пропаганда, па и таа што ја гледаме во оваа вест, значи прекршување на еден од основните принципи на однесување во новинарството, кој е вграден и во Кодексот на новинарите на Македонија:

„Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.“


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести