verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Членови на ЛДП преминаа во ВМРО-ДПМНЕ

on 11 - 03 - 2013       

Класичен пример на еднострана вест, манипулација и спин, чија цел е да фаворизира една, а да омаловажи друга политичка партија, во екот на кампањата за локалните избори.

Рецензија: Членови на ЛДП преминаа во ВМРО-ДПМНЕЛинк до оригиналниот напис: Членови на ЛДП преминаа во ВМРО-ДПМНЕ

Датум и време на објавување: 10.03.2013, 16:28

Датум на рецензирање: 10.03.2013, 23:55

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот содржи еден суштински факт, односно новина, иако нема доволно елементи официјално да се потврди и нејзината точност – тоа е фактот дека членови на Либерално-демократската партија ја напуштиле и преминале во ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, пак, во текстот се пласирани мноштво наводи за кои не се нудат ни аргументи, ниту можност да се потврди или провери нивната точност и веродостојност.

Така, се тврди дека причината за преминувањето е „затвореноста на раководството и поврзаноста на ЛДП кон политиката на СДСМ“. Се пласира тврдењето дека „ЛДП, наместо на либерална партија, почнува да заличува на комунистичка партија, но не како во Данска и Шведска, туку како во Кина и Северна Кореја“ (ова атрибуирано на „разочараните членови на ЛДП“). Тука е и квалификацијата за владејачката партија: „Преминуваме во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што препознаваме квалитет, скромност, отвореност, место каде имаме подадена рака да дејствуваме и твориме…“

Ниту една од овие квалификации, многу важни во екот на изборната кампања, не се поткрепени со факти (докази), за да се потврди нивната точност и веродостојност.

Извори на информации: Читателот може само да претпоставува дека во текстот се користени повеќе извори кои се актуелни и контекстуални, бидејќи немаме никаква конкретна потврда за тоа. Причината е едноставна – во текстот не се наведуваат имињата на луѓето кои даваат сериозни искази за нивната партија и го објаснуваат својот чин. Анонимноста на изворите очигледно е во функција на манипулацијата и со цел да ја прикрие нивната нерелевантност.

Имено, со голема доза на сигурност може да се претпостави дека група од неколку членови на општински комитет на една партија (згора на тоа, во случајов и – анонимни), не може да се сметаат за релевантен извор, кој уверливо ќе ги образложи тврдењата дека конкретната политичка партија станала „комунистичка“, дека е поврзана со СДСМ, дека партијата во која преминуваат се одликува со „квалитет, скромност, отвореност“ итн.

Но, се чини дека на авторот тоа и не му е важно. Релевантноста на изворите за него не е примарна, туку тежината на нивните искази, кои го „оправдуваат“ аголот на текстот.

Содржајност: Повеќе од очигледно е дека веста е несеопфатна. Таа не ги содржи дури ни најосновните податоци за членовите на ЛДП кои наводно ја напуштаат матичната партија – нивните имиња и функции. Недостасува дури и времето кога се случил настанот.

Од друга страна, со голема доза на веројатност читателот може да претпостави дека веста прикрива информации. Така, во неа се тврди дека пребегнатите членови на ЛДП својата поддршка ќе ја дадат за носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Кисела Вода и за кандидатот за градоначалник Билјана Беличанец – Алексиќ. Не е кажано што тие ќе добијат за возврат и каков е договорот. Ваквите трансфери вообичаено се проследени со форми на сатисфакција, при што јавноста дознава за легалните и вообичаените облици, а тоа се места на советничките листи и други привилегии, што во поширока смисла на зборот може да се смета и за изборна корупција.

Пристрасност: Нема сомнение дека написот не ја прикажува целата вистина, бидејќи, како што веќе утврдивме, недостасуваат и елементарните и некои други суштински факти за да се разлачи вистината за настанот од спинот и лагите (кога на анонимните извори би им биле сопоставени други, официјални и релевантни, веројатно текстот би содржел искази кои ќе потврдат дека некои од наводите се лажни информации – како омаловажувачките оценки за ЛДП, на пример).

Значи, може да се претпостави дека е вистина тоа дека група членови на ЛДП од скопската општина Кисела Вода преминале во ВМРО-ДПМНЕ, но наместо вистината за причините за овој чин, текстот нуди еден класичен спин, за да се омаловажи една политичка партија и да се пофали друга. Наклонетоста и политичката пристрасност на известувачот се очигледни и тие просто бликаат од секоја реченица во овој текст.

Коментирање: Целиот текст, иако озаглавен со еден информативен и беневолентен наслов, всушност е коментар за наводната пропаст на ЛДП во групата „комунистички“ партии по примерот на тие во Кина и во Северна Кореја и еден панегирик за ВМРО-ДПМНЕ, како партија во која има „квалитет, скромност, отвореност и подадена рака“ за дејствување и творење. Овие оценки во текстот се пласирани како искази на изворите, но со оглед на тоа што тие не се ниту именувани, ниту поблиску лоцирани, читателот ги доживува како интегрирани со авторот на текстот, па и со медиумот во целина.

Впрочем, авторот и медиумот не прават ни обид да обезбедат минимална професионална дистанца од исказите, од што можеме да заклучиме дека за нив јасното издвојување на фактите од мислењето (коментарите) не е клучен журналистички стандард кон кој тежнеат. Напротив.

Плагијат: Не е суштествено за оваа анализа, но интересно е да се спомне дека текстот воопшто не е потпишан, а со речиси истоветна содржина е објавен и на сајтот kurir.mk. Не е можно да се утврди кој е изворникот и кој го извршил преземањето на текстот.

Квалитет на насловот: Ако воопшто може да се зборува за „светла точка“ во овој текст, тоа е насловот. Иако некреативна и неинвентивна, таа куса реченица ја предава, всушност, веројатно, единствената точна и непристрасна информација во овој текст – дека членови на една преминале во друга партија. Сè друго во овој текст е спин и црна пропаганда.

Фотографија: Фотографијата со која е илустриран овој текст е посебна приказна. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, насмеана од говорницата, како да се радува поради преминувањето на членови од ЛДП и уште повеќе, поради комплиментите кои тие ги искажуваат за нејзината партија.

Објавувањето на нејзината фотографија нема директна врска со фактите, па и со коментарите со кои изобилува текстот. Очигледно е дека фотографијата е објавена во манипулативен контекст. Просто кажано, искористена е уште една, банална прилика за дополнителна реклама за кандидатот на владејачката партија.

Говор на омраза: И покрај омаловажувачките коментари кои се однесуваат на ЛДП (нејзиното споредување со комунистичките партии на Кина и на Северна Кореја, на пример), во текот на изборната кампања прагот на чувствителност природно се подига, па оттаму заклучуваме дека во случајов, сепак, би било претерано да се зборува за говор на омраза и за дискриминација.

Уреден за веб: Веста ја оценуваме како „средно читлива“, бидејќи за обичниот читател, кој не е детално упатен во политичките збиднувања, таа би можела да биде дури и неразбирлива. Не се сите читатели доволно информирани за да можат квалификувано да судат за односите меѓу партиите и за евентуалното значење на фактите и коментарите кои се пренесуваат. Во таа смисла, на веста ѝ недостасуваат две-три реченици бекграунд и една посебна контекстуална единица, која ќе го објасни значењето на трансферот на членови на ЛДП во време кога се затвораат избирачките листи.

Заклучок: Сајтот republika.mk на читателот му понудил еден недооформен новинарски производ, чија цел е директно и недвосмислено да се нападне и да се омаловажи опозициската Либерално-демократска партија и да се фаворизира и неумерено да се пофали владеачката ВМРО-ДПМНЕ. На веста ѝ недостасуваат елементарни информации за да се поткрепи нејзината веродостојност. Таа се потпира на наводни изјави на анонимни лица, во кои, всушност, се пласираат коментарите на непознатиот автор и на медиумот. Целиот текст е еден класичен спин, пласиран дури и без обид и напор да се маскира, за да биде поуверлив. Манипулацијата е заокружена со фотографија на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, која очигледно е тука само да го украси овој новинарски полуфабрикат.

Рецензија: Членови на ЛДП преминаа во ВМРО-ДПМНЕ

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести