verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите, изборите, говорот на омраза и нетолеранција (2)

on 11 - 03 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски

Колку е часот, почитувани новинар(к)и?

Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Mediet, zgjedhjet, shprehjet e urrjetjes dhe jotoleranca (2)
mediumite-izborite-govorot-na-omraza-i-netolerancija-2

Фотографија: Jonathan Rashad

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“ (Кодекс на новинарите на Македонија, ЗНМ)

Продолжение на: Ни медиумите не се тоа што беа: Смеат ли министри да даваат партиски изјави во работно време?

Слободата на изразување подразбира одговорност

Една од етичките должности на новинарите е да го препознаваат говорот на омраза и говорот кој поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа, и да се оградуваат од него. Токму затоа, неопходно е познавање на најбитните пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со говорот на омраза.

Според д-р Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Европскиот суд за човекови права, судот ѝ „придава највисоко значење на слободата на изразување во контекст на политичката дебата и смета дека политичкиот дискурс не треба да биде ограничен без цврсти причини“, со цел да не дојде до гаснење на критичката мисла. Сепак, оваа слобода не е апсолутна и налага „политичарите во нивните политички говори да го избегнуваат ширењето на коментари кои би можеле да водат кон нетолеранција“ (Incal против Турција, пресуда на ГС од 9.6.1998 година по жалба бр. 22678/93 22678/93).

Како прво, новинарите треба да знаат дека во принцип, казнувањето на говорот на омраза во текот на изборна кампања не претставува повреда на правото на слобода на изразување. На пример, за време на изборна кампања во Белгија, биле делени разни летоци со вакви слогани: „Спротивставете се на исламизирањето на Белгија“, „Стоп на срамната политика на интеграција“, „Испратете ги дома оние што бараат работа, а не се од Европа“, итн. Одговорниот политичар за ширење на летоците од белгиската политичка партија „Национален фронт“ бил осуден за поттикнување расизам, омраза, и дискриминација, откако му бил одземен парламентарниот имунитет. Во 2006 година, политичарот бил осуден на алтернативна мерка (служба на заедницата, во врска со интеграција на имигранти) и му било одземено правото да биде пратеник за одреден период. На пример, за летокот „Атентатите во САД, тоа е кус-кус кланот“, белгискиот апелационен суд утврдил дека таквото неизнијансирано претставување, со кое сите муслимани се поврзуваат со терористи, претставува поттикнување на омраза кон сите членови на таа група.

Откако осудениот политичар се жалел во Стразбур, Европскиот суд утврдил дека:

„Иако во изборниот контекст политичките партии мора да уживаат широка слобода на изразување во обидот да ги убедат своите бирачи, во случај на расистички или ксенофобичен говор таквиот контекст придонесува за ширење на омраза и нетрпеливост…“,

односно, дека:

„влијанието на расистичкиот и ксенофобичен говор тогаш станува поголемо и поштетно.“

Една од главните поенти на судот е дека изборниот процес не може да биде оправдување за користење на речник кој поттикнува на расна дискриминација и омраза, и покрај тоа што политичкиот говор налага повисоко ниво на заштита. (Féret v. Belgium)

Одговорноста на новинарите и медиумите во врска со ширење говор на омраза

Дали и новинарите можат да се казнуваат за пренесување на говор на омраза, на пример, заради изјави кои ги дале други лица во интервју? Прашањето е контроверзно.

Според европскиот суд за човекови права:

„Казнувањето на новинар заради помагање во ширење на изјави кои ги дале други лица во интервју сериозно би го попречило медиумот да придонесе кон дебата по прашања од јавен интерес и такво ограничување не треба да се предвиди, освен доколку нема особено сериозни причини за тоа“. (Jersild против Данска)

Токму затоа, судот утврди повреда на правото на изразување на данскиот новинар, кој бил казнет заради ширење на расистички изјави во ТВ-документарец. Надвладува мислењето дека документарецот немал цел да пропагира расистички гледишта и идеи, туку да ја информира јавноста за социјален проблем.

Но, самата пресуда беше контроверзна, меѓу другото, затоа што четворица судии имаа спротивно мислење. Според нив, истото што важи за расистите (кои не се опфатени со заштита на правото на слобода на изразување) „мора да важи и за новинарите кои шират такви изјави давајќи коментари во нивна поддршка или одобрувајќи ги таквите изјави“.

Сепак, Европскиот суд за човекови права наоѓа одговорност на медиумите во однос на ширење на омраза во случајот SÜREK v. TURKEY (No. 1). Имено, судот не ја уважува жалбата на еден сопственик на медиум, кој бил казнет и за поттикнување непријателство и омраза меѓу народот, затоа што овозможил објавување на две писма на читатели. Судот утврдува дека во едно од писмата се наведуваат конкретни лица по име, дека се поттикнува омраза кон нив и дека се изложуваат на можен ризик на физичко насилство. И покрај тоа што судот наоѓа дека сопственикот на медиумот лично не е поврзан со гледиштата содржани во писмата, сепак тој им овозможил на тие што ги напишале да разгоруваат насилство и омраза. Судот не го прифатил ниту аргументот на сопственикот дека има само комерцијална, но не и уредничка врска со публикацијата.

Непрепознавање на говорот на омраза како генератор на кривични дела од омраза

„Безмилосните политичари и бескрупулозните академици помогнати и поддржани од послушни новинари можат да спроведуваат успешни кампањи на омраза и насилство базирани на извртени теории на супериорност, а доказ за тоа се етничкото чистење и геноцид во Африка и на Балканот во 90-тите години од минатиот век.“ (Етичко новинарство и човекови права)

Според „Прирачник за етиката во новинарството“, издаден од ЗНМ, „говорот на омразата е неспоив со новинарската етика“:

„Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.“

Новинарите се секогаш исправени пред етички предизвик дали и како да известуваат за говор на омраза и насилство предизвикано од омраза. Во принцип, радиодифузерите не смеат да емитуваат содржини што се насочени кон „насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија или кон поттикнување или повикување на воена агресија или на разгорување на национална, расна, полова или верска омраза и нетрпеливост“.

Но, во случај на вакви содржини, „радиодифузерите можат да го остварат своето право на информирање на јавноста така што ќе се оградат од тие содржини, односно за нив ќе обезбедат дополнителен фактички, критички контекст со што ќе се намалат негативната конотација или обвинението содржани во нив.“

На пример, кога известуваа за насилството на лицата што протестираа пред владата на 01.03.2013, дел од медиумите прикажаа видеоснимки како демонстрантите скандираат слогани кои поттикнуваат омраза и насилство. Меѓутоа, најголем дел од оние новинари кои одлучија да ги објават снимките со скандирања пропуштија да го осудат и да се оградат од навредливиот јазик кој поттикнува омраза, насилство и дискриминација. Ја пропуштија и приликата да ги доведат во врска говорот на омраза и насилството, и да ги покренат горливите прашања од јавен интерес:

  • Зошто се казнува само насилството, а се игнорира говорот на омраза кој предизвикува насилство?
  • Зошто во Македонија нема заострени законски одредби за кривични дела од омраза, какви што има во другите земји?

Покрај тоа, во известувањето на МИА, кое некритички беше пренесено од повеќе медиуми, воопшто не се информира дека протестите се проследени со говор на омраза врз етничка основа. Написот Приведени учесници во инцидентот пред Владата известува дека „неколкумина полицајци се пожалиле на повреди здобиени во инцидентот“, а завршува повикувајќи се на „првичните информации на местото на инцидентот“, според кои „имало амбулантно возило – брза помош, а сè уште не е потврдено дали има повредени лица“.

Дури подоцна, други медиуми известија за „Повредени граѓани и полицајци“ (Нова ТВ), „Во инцидентот има повредени полицајци и граѓани“ (Плусинфо) и дека „успеаја да нападнат и да истепаат неколку случајни минувачи од албанска националност“ (МКД.МК и Сител). Наспроти медиумите на македонски јазик, кои не известуваа за состојбата со жртвите на насилство, Алсат извести за „Насилство од навивачи, петмина млади Албанци во болница“ (Dhuna nga tifozët, 5 të rinj shqiptarë në spital, Alsat), од кои двајца на интензивна нега.

Лажни и избрзани генерализации

„Избегнувајте да генерализирате по основ на раса, пол, возраст, вероисповед, етничка припадност, место на живеење, сексуална ориентација, хендикепираност, физички изглед или социјален статус.“ (Новинарски кодекс на Здружение на професионални новинари)

Дел од етичките професионални стандарди се однесуваат на избегнување на стереотипизирање по разни основи. Во едно поделено општество, какво што е македонското, новинар(к)ите треба да бидат особено претпазливи да не западнат во стапицата „лажна генерализација“.

Школски пример за лажно генерализирање е ТВ-прилогот „Албанците ги боли за своите, молчат за тепаните Македонци“ (05.03.2013), емитуван на вестите на Канал 5, кој стана фокус на новинарски сензационализам. Инсерти од прилогот беа објавени на повеќе медиуми, со сензационалистички наслови: ВИДЕО: Господнине Канал 5, колку е саат? (Нетпрес), ВИДЕО: Непоканет гостин влета во вестите на Канал 5 (Курир), Потпијанет минувач влета во живо во вестите на Канал 5 (Република), Непоканет гостин влета во вестите на Канал 5! Извинете, колку е саат? (ВИДЕО) (Вечер).

Во фокусот на сензационалистичкиот приказ на медиумите беше „непоканетиот гостин“, а сосема беше игнориран насловот на ТВ-прилогот кој е школски пример за неетичко врамување преку лажна генерализација. Имено, во наведениот прилог воопшто не се обработува тенденциозното прашање од поднасловот „Зошто албанските медиуми во земјава и во регионот објавуваат само за тепаните Албанци, а не кажуваат дека и Македонците се жртви на насилни Албанци?“, туку сосема други разгорувачки прашања. А во насловот, констатацијата не се однесува на „албанските медиуми“, туку воопшто на „Албанците“.

Да потсетиме на уште едно етичко укажување од „Прирачник за етиката во новинарството“:

„кога се информира за етнички групи, новинарот не смее да заборави дека тие се составени од поединци со различни ставови и искуство и не смее да ги генерализира.“

 

Одговорност за изјави од извори

„Новинарот е одговорен и за искажаното од страна на соговорниците, бидејќи преку него тие ставови добиваат јавност, затоа е должен да ги парафразира или да се огради од навредлив јазик, промовирање на стереотипи или дискриминација.“ („Прирачник за етиката во новинарството“)

Етичкото новинарство внимава и се оградува од секаков вид говор на омраза и нетолеранција кој може да нанесе штета, согласно принципот „минимизирајте ја штетата“.

Голем број новинари воопшто не се оградија, туку некритички ги пренесоа, или дури и ги зајакнаа во насловите, ксенофобичните испади на премиерот.

Повеќе медиуми, без никаква ограда и критика, ја пренесоа распламтувачката изјава на еден косовски експерт кој оцени дека „…повторно оживува тој словенски фашизам кој ги предизвика војните во 90-те…“.

Најголем број новинари воопшто не се оградија и не ги осудија омаловажувачките изјави и негативни стереотипи на градоначалникот на Охрид (врз основа на раса и сексуална ориентација), туку ги зајакнаа и дисеминираа преку насловите.

Бројните примери на неетичко известување, наспроти ретките случаи на новинари кои отворено и храбро му се спротивставуваат на неетичкото новинарство, му даваат посебна етичка тежина на прашањето, актуелизирано од „упадот на реалното“ во живо: Навистина, колку е часот, почитувани новинар(к)и?



Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести