verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Божјо предупредување? Крвави реки низ целата планета, научниците немаат објаснување!

on 19 - 05 - 2014       

FireShot-Screen-Capture-038-crveni-reki-crop-resize

Веќе со самиот наслов читателите се измамени. Текстот под него само ја продлабочува измамата. Предмет на рецензијава е текст кој прераскажува фото-сторија „позајмена“ од друг, странски портал, сосе „библиското“ толкување на настаните, кои навистина се случувале и се случуваат низ светот, а изгледаат навистина шокантно – реки и други водени површини буквално преку ноќ добиле како крв црвена боја на водата. Како и примарниот извор, и текстот кој го рецензираме ја застапува тезата дека за овие феномени нема објаснување. Демек, владите и научниците биле „во целост збунети од овие случувања“, додека „луѓето сѐ повеќе зборуваат дека станува збор за јасни знаци од Ивановата книга на Откровението“. Па, уште се додава дека „луѓето поради својата ароганција никогаш нема да ги видат овие знаци иако се видливи и реални“.

За жал, иако некому можеби звучи (и изгледа) примамлива помислата дека пред наши очи се одвива вовед во Апокалипса онака како што тоа го предвидел Новиот Завет на Библијата, и настаните и тврдењата во написот (и во оригиналиот извор), сепак, ИМААТ логично, овоземско објаснување и лесно се демистификуваат. Потребен е само мал, 10-минутен труд вложен во пребарување на Интернет, за да се пронајде изобилство на информации, во кои не само што се известува за овие навистина бројни и збунувачки феномени, туку и за тоа дека тие се истражени и во најголем број случаи постојат „овоземски“ и најчесто доста прозаични објаснувања од каде потекнува бојата на водата.

Но, тоа или не е сторено при подготовката за објавување на текстот, или намерно се игнорирани оние информации кои укажуваат дека во сите овие случаи на „мистериозно“ боење на водите во црвено, всушност, нема никаква апокалиптична мистерија.

Текстот укажува на еден мошне интригирачки феномен или, подобро кажано, настани кои веќе околу две години се случуваат на различни места низ светот, а сите се поврзани со ненадејно и на прв поглед необјасниво боење на водените површини со црвена боја, која асоцира на крв. Понатамошното истражување на овие феномени најчесто резултирало со објаснувања дека се работи за природни реакции на глобалното затоплување, на зголеменото загадување на водните токови, за човечка негрижа или – за нечија лош смисла за хумор! Меѓутоа, читателите овојпат наместо релевантна информација добиваат тенденциозен, идеолошки обоен и необјективен напис кој повеќе прилега на верски памфлет отколку на новинарски текст.

Рецензија: Божјо предупредување? Крвави реки низ целата планета, научниците немаат објаснување!Линк до оригиналниот напис: Божјо предупредување? Крвави реки низ целата планета, научниците немаат објаснување!

Датум и време на објавување: 2.05.2014, 16:32

Датум на рецензирање: 10.05.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

АПОКАЛИПСА И СТРАШНИОТ СУД – ПОСИЛНИ ОД АРГУМЕНТИТЕ И ВИСТИНАТА

Написот донесува два вида на факти – точни и неточни. Но, и едните и другите им ги пласира на читателите без трунка резерва, како и без ниту еден релевантен цитиран извор. Неспорно е, а се гледа и од приложените фотографии, дека многу реки и други водени површини низ целата планета, во текот на изминативе години, одненадеж се обојувале во интензивно црвена боја. Но, овие настани биле предмет на истрага и за повеќето, барем од она што може да се пронајде при површно истражување на содржините на Интернет, има рационални објаснувања, кои не инволвираат Апокалипси, Страшни судови и Божји предупредувања.

Извори на информации овој текст – нема. Веќе самото тоа треба да предизвика сомнеж кај било кој просечен читател, кој секако знае дека новински текстови не се пишуваат така што ќе се „истресат од ракав“, туку секогаш се базирани на факти добиени од (повеќе) извори и тие се проверливи. Посебно кога написот содржи и вакви „описи“:

„Во декември 2013-тата година една помала река во Словачка во близина на една мало село, прокрварила на изворот. Мештаните сметале дека тоа е крв од кланицата во близина, но подоцна се утврдило дека не еПримерок никогаш не бил пронајден“.

Ако се занемари несоодветно одбраниот збор (река која „прокрварила“), во написот видливо недостигаат деталите кои ги има во повеќето светски медиуми кои известуваат за настанот, а тоа е дека словачката полиција ја стеснила истрагата на случајот околу можен дефект на базенот за отпадна вода на една кланица која се наоѓа низводно од делницата со црвена вода. Дополнително, при преводот на овој пасус е направен превид па реченицата „Примерок никогаш не бил пронајден“ нема никаква смисла. Но, написот има проблем и со останатите пасуси, кои секогаш завршуваат со една иста констатација – дека феномените немаат никакво објаснување, што не е вистина. Ќе наведеме само еден пример – обојувањето на водата на плажата Бонди во Сиднеј, Австралија во ноември 2012 година во написов се спомнува како мистериозен, нерешен случај, но вистината е дека со сигурност се знае дека се работело за ненадејно цветање на морски алги од видот Noctilluca Scintilians.

Од аспект на сеопфатност, написот е некомплетен, ги нема потребните елементи за да се смета за комплетна информација. Прикривањето на информациите, намерно или од небрежност, го прави написот несериозно четиво. Или подобро речено, некритички е пренесено она што некој друг го напишал за овие случаи, а притоа не се водела сметка дали пренесеното е точно или не.

Евидентен е неизбалансиран приод, отворено фаворизирање на верско толкување на феномените за кои се пишува, извртување на вистината или некритичко пренесување на информација без да се провери кредибилноста на нејзиниот извор.

 

„ПОЗАЈМЕНА“ ФОТО-СТОРИЈА

Постапено е непрофесионално и при (не)цитирање на изворот на оваа фото-сторија. Мала проверка на Интернет потврдува дека се работи за делумна копија (изоставени се завршните пасуси) со превод на овој текст без да се наведе дека бил користен како извор.

Насловот е исклучително сензационалистички, типично таблоиден, а патем и дезинформира.

Фотографиите се истите оние кои се наоѓаат и во написот од странскиот портал.

Напис кој преку привид на информирање, всушност, врши верска индоктринација на своите читатели, а притоа и отворено дезинформира. На ова треба уште да се додаде дека не е ниту оригинален новинарски труд, туку фактички плагијат, поточно речено – некоректно цитиран текст од друг извор.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

нема извори

нема извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести