verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: 40 милиони евра од казни ќе легнат на државна сметка?!

on 22 - 10 - 2014       

Плусинфо 40 милиони евра од казни ќе легнат на државна сметка-crop-resize

Овој напис има проблеми со вистинитоста на некои места што се важни за севкупната веродостојност на написот, а, покрај тоа, и насловот едноставно не држи. Точно е дека Законот за буџет е збунувачки и комплексен документ и на места се чини (а можеби и навистина) дека дава контроверзни и различни податоци, но не е упатно во таква ситуација медиумите да се фаќаат за оној податок кој ним најмногу им одговара. Сепак, и покрај сите збунувачки елементи во буџетот, написот има наводи кои се едноставно неточни или, кои, пак, сами по себе се нејасни, со што е поткопана точноста и на целиот текст.

Плусинфо 40 милиони евра од казни ќе легнат на државна сметкаЛинк до оригиналниот напис: 40 милиони евра од казни ќе легнат на државна сметка?!

Датум и време на објавување: 22.10.2014, 13:48

Датум на рецензирање: 22.10.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Текстот почнува со неточни наводи. Еве го почетокот:

„Ставката од Буџетот за 2015 година која се однесува на приходи од казни, глоби и такси, е зголемена за 40 милиони евра во споредба со минатата година. Неданочните приходи во Буџетот за следната година изнесуваат вкупно 277 милиони евра, што е за 39 милиони евра повеќе од 2014 година. Под неданочни приходи, пак, се подразбираат глобите, административните такси и концесиите.“

 

НЕДАНОЧНИ ПРИХОДИ – МИСТЕРИЈА 1

Ставката, која е зголемена за 40 милиони евра (поточно 39 милиони евра, како што и се вели малку подолу), не е онаа „која се однесува на приходи од казни, глоби и од такси“. Ставката која е зголемена за овој износ се вика „неданочни приходи“ на буџетот. И, во оваа ставка, има една потставка која се вика „глоби, судски и административни такси“, а не „казни, глоби и такси“ (патем, казни и глоби се едно исто). Но, во ставката „неданочни приходи“ има и вкупно пет потставки, чии имиња гласат:

  • „претприемачки приход и приход од имот“,
  • „глоби, судски и административни такси“,
  • „такси и надоместоци“,
  • „други владини услуги“ и
  • „други неданочни приходи.“

Сите овие пет потставки заедно, кои ја сочинуваат ставката „неданочни приходи“, бележат пораст од 39 милиони евра според собранискиот Закон за буџет за 2015 година. Забуната се продлабочува во третата реченица, каде се вели дека „под неданочни приходи, пак, се подразбираат глобите, административните такси и концесиите“. Како што видовме, „неданочните приходи“ се многу пошироки од овде наведените.

Основа за текстот е соопштение на СДСМ во кое опозициската партија истакна дека неданочните приходи се зголемуваат за 40 милиони евра до нивото од 300 милиони евра, иако точните бројки, заради прецизност, се зголемување за 39 милиони евра до износот од 277 милиони евра, како што е и напишано во овој напис. Но, ВМРО-ДПМНЕ го негираше ваквото тврдење на СДСМ, истакнувајќи дека „апсолутно не е точно дека е зголемена ставката на приходи врз основа на глоби и казни во Буџетот за 2015 година. Тоа секој може да го види на јавно објавениот Буџет на страна 72. Ставката приходи од судски и административни такси и глоби е на исто ниво со оваа година…“

И, тука настанува хаосот. Проблемот е во различните, некомпатибилните, нејасните или збунувачките податоци, кои ги има во документот за буџетот. Имено, додека СДСМ за своето тврдење се повикува на консолидираната табела за буџетот на страница 4 од документот:

Konsolidiran budzet-podvleceno

Напомена: отвори во посебен прозорец за преглед

ВМРО-ДПМНЕ се повикува на подеталниот преглед на предвидените буџетски приходи за идната година, кој е прикажан на 72. страница од истиот документ:

Напомена: отвори во посебен прозорец за преглед

Напомена: отвори во посебен прозорец за преглед

Во овој подетален преглед ја има конкретната потставка „глоби, судски и административни такси“ и таа изнесува исто како и лани, при што овие делови од потставката заедно изнесуваат 2,25 милијарди денари или 36,6 милиони евра.

Она што е чудно е што вкупниот износ на сите неданочни приходи во оваа подетална табела изнесува 13,2 милијарди денари, за разлика од износот од 17,1 милијарди денари (или веќе спомнатите 277 милиони евра) во погорната табелата на консолидираниот буџет. Од каде доаѓа оваа разлика во вкупните бројки не е веднаш јасно. Дали рубриката „неданочни приходи“ има различно значење во двете различни табели и вклучува различни бројки и приходи или, пак, станува збор за некаква грешка не е јасно и „Сервис за проверка на факти за медиумите“ не можеше да провери во доцните попладневни часови кога е пишувана оваа рецензија. Она што е важно да се каже е дека овој текст требало да ја разреши оваа „мистерија“, нејансотија, грешка или што и да е. Зошто две различни партии се повикуваат на различни бројки од различни табели? Станува збор за грешка или е потребно некое дополнително објаснување или дополнителни информации? На овие прашања немаме одговор.

 

НЕДАНОЧНИ ПРИХОДИ – МИСТЕРИЈА 2

Следен проблем во однос на вистинитоста се појавува и кон крајот на текстот:

„На тврдењата од СДСМ дека се е со цел да се пополни дупката во Буџетот, од ВМРО-ДПМНЕ демантираа. Во соопштение на владејачката партија до медиумите се вели дека ставката за судски и административни такси и глоби е повторно на исто ниво како и претходната година, односно изнесува 0,3 отсто од буџетот, или вкупно 8 милиони евра.

Но во консолидираниот буџет неданочните приходи се далеку повисоки, а неданочен приход е се она што не подлежни на данок.

– Клучни приходи кои не подлежат на данок се казни, такси и глоби. Овде се гледа која е тенденцијата на Владата, преку казните и глобите да соберат пари за буџетот – велат од таму.“

Не е точно дека „неданочен приход е сè она што не подлежи на данок“. Не е јасно овде на што се мислело, но неданочен приход, кога станува збор за национален буџет, е оној приход кој не стигнува од даноци, туку од други давачки на граѓаните. Како што и може да се забележи од потставките кои ги сочинуваат неданочните приходи, тие се однесуваат на претприемачки и на приходи од имот, глоби, судски и од административни такси, надоместоци, итн., значи видови приходи кои не се добиени преку оданочување, туку на друг, поинаков начин.

Грешката со неточното дефинирање на неданочните приходи е повторена и во последната речница („Клучни приходи кои не подлежат на данок се казни, такси и глоби“), при што повторно и овде не станува збор за тоа дали таксите и глобите подлежат или не подлежат на данок, туку дека тоа се приходи кои не се добиени преку оданочување. За оваа реченица останува и нејасно од каде потекнува зашто на крајот стои: „велат од таму“. Но, не е јасно кои се тие што велат и од каде се.

Изворите на информации се двете најголеми политички партии, текстот е доволно содржаен, нема коментирање, а на прв поглед не се забележува ни пристрасност, барем не сè додека не се дојде до насловот. Тука веќе е проблематично оценувањето на евентуалната пристрасност зашто тој личи како да е пристрасен. Но, од друга страна, со оглед на грешките од текстот, каде што стои дека „казните, глобите и таксите“ биле тие што ќе пораснеле 39 милиони евра (во насловот е заокружено на 40), може и да се сфати дека за ваквиот наслов придонеле грешките од текстот, а не евентуалната пристрасност.

 

ГЛОБИ ОД 40 МИЛИОНИ ЕВРА? ТЕШКО

Инаку, ако малку подлабоко се проанализираат работите, веднаш е јасно дека износот на глобите како приход во националниот буџет едноставно не може да изнесува 40 милиони евра. Ни приближно. Како прво, на буџет од нешто помалку од 3 милијарди евра, 40 милиони евра се околу 1,3 отсто. Ова би значело дека на секои 75 денари што ќе влезат во буџетот идната година, еден денар би требало да дојде од глоби, а тоа е премногу. Тоа би значело и дека, во просек, 100.000 граѓани би требало да бидат казнети со 400 евра секој, за да се собере таква сума на средства. 100.000 казнети граѓани значи дека секој 17. полнолетен граѓанин на Република Македонија, кој се наоѓа на избирачкиот список, без оглед кој и да е, на која било возраст и од кој пол било, дали живее во земјата или е иселен, значи буквално секој полнолетен граѓанин би требало да биде казнет со 400 евра во просек за да се соберат толкави пари. Тоа е невозможно и тука не помагаат ниту прашалникот и извичникот (!?) ставени на крајот од насловот. Според деталната табела од буџетот, целата потставкаглоби, судски и административни такси“ вкупно изнесува 2,25 милијарди денари или 36,6 милиони евра. Значи сите овие три сегменти на оваа потставка заедно го градат износот од 36,6 милиони евра. Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од овој износ од 36,6 милиони евра глобите изнесуваат 8 милиони евра, додека судските и административните такси се остатокот. Ова изгледа логично – на територијата на целата земја судовите и администрацијата да соберат такси во износ од 28,6 милиони евра за централниот буџет. Сепак, треба да се спомене и дека ВМРО-ДПМНЕ не кажува од каде потекнува оваа бројка од 8 милиони евра како износ на глобите.

Написите, па и соопштенијата на јавните чинители, кои се однесуваат на еден комплексен документ каков што е буџетот, кој во себе содржи илјадници ставки, потставки, сегменти и уште илјадници бројки, секогаш е предизвик во новинарството. Особено, пак, кога тој буџет дополнително ќе биде предмет на спротивставени толкувања, кога ќе се додадат и други одлуки и акти на владата, кои во себе исто содржат бројки, на крајот се добива опасен микс од кој можат да произлезат грешки или да останат неодговорени прашања. На пример, не е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вели дека нивото на глобите за идната година останува исто како и лани, кога во меѓувреме се усвоени и редица нови глоби со високи износи, кои, пак, се однесуваат на пошироки сегменти на популацијата и на распространети професии за кои говори и овој текст. Ако веќе се воведуваат нови глоби за повеќе граѓани и распространети професии, не е ли нормално и за очекување и приходите од глобите да пораснат, а не да останат на истото планирано ниво од лани, како што вели владејачката партија? Но, на ова прашање овде немаме одговор.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

има и точпни и неточни

и веродостојни и неверодостојни

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

2 извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

наведува на погрешно толкување

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести