verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Протестот за Кежаровски е бунт против политиките на власта

on 20 - 01 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
B7ythmKIgAAGjpY-crop

Фото: СПФМ

Скопје, 20 јануари, 2015 (META)  – Неколку стотини новинари, граѓани и студенти кои денеска излегоа на протест против пресудата за новинарот Томислав Кежаровски, својата огорченост и осуда ја искажаа пред Владата, местото каде, според нив, е скроена неправедната одлука за затворање, а потоа и за привремено ослободување на новинарот.

Со маски со ликот на Кежаровски на своите лица, транспаренти и со свирежи, протестот почна пред Апелацискиот суд Скопје, со испишување на слоганот „Слобода за Кежо“ на бела ткаенина, поставена на тлото, пред вратите на судот.

Тамара Чаусидис, од Самостојнот синдикат на новинари, го најави доаѓањето на Кежаровски, кој утрово ненадејно беше пуштен од затворот „Скопје“.

Емоциите се измешаа кога тој дојде пред судот со семејството.

– Томче е со нас. Но, тој е пуштен само на лекување. Ова е само мала победа, но не е незначајна. Војната се уште не сме ја добиле. Кежо не го даваме. Освен слобода, друго за него не прифаќаме. Сè беше во ред додека Кежаровски истражуваше за убиството во Ореше, па дури сè беше во ред и кога истражуваше за недостатоци во постапката за тоа убиство. Но, кога загина колегата Никола Младенов и кога Кежаровски почна да истражува за тоа убиство и дојде до важни информации, тогаш за Томче почнаа сите проблеми. Кежаровски напиша и истражи дека нешто не е во ред со истрагата за Младенов и оттогаш бел ден не виде. Го затворија како што ја затворија и истрагата за Младенов, со кикотење. Кежаровски на себе го зеде товарот да го брани достоинството на новинарите да истражуваат и да откриваат. Ќе продолжиме да се бориме за Кежаровски, за Младенов и за сите замолчени и понижени новинари зашто тоа им го должиме на граѓаните, зашто ние сме нивниот глас – рече Чаусидис.

Од платото пред Апелацискиот суд, новинарите и граѓаните, со марш, го префрлија протестот пред Владата, каде новинарот Зоран Димитровски, член на иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, упати жестока критика и порака до власта.

– Утрото кога го уапсија Кежаровски, ми се јави трубадур на власта да ми каже дека уапсиле новинар. Се смееше, сеиреше, а знаеше оти е во прашање новинар од весникот каде што сум главен уредник. Таков е нивниот табиет, драги колеги. Нелуѓе се тие! Се смеат и ликуваат на туѓата несреќа. Затвораат новинари, апсат политички неистомисленици, ништат семејства, понижуваат професори, интелектуалци, земјоделци и студенти што не сакаат да играат по нивната музика – и потоа слават! Како оние дивјаци од Исламската држава се! Во името на нацијата сечат умни глави, кастрат медиуми, лустрираат, затвораат слободумни луѓе и пеат! Багра! Во име на нацијата, од Македонија изградија монструм! Првиот балкански калифат во Европа! Му пресудија на Кежаровски две години зандана, а побараа да им речеме – фала ви што сте толку милостиви, да му целиваме рака на пастирот. Да ја славиме неговата добродетел! Демек, Мајка Тереза бил тој!? Син на мајка! Маската одамна му е симната, еве каков е! Кому да му целиваме рака? На овој неранимајко што нè цензурира, катаден нè казнува, нè понижува, ни куси од лебот, од хонорарите, од правдата, од слободата, нè апси и ни се заканува, јавно нè жигосува како предавници, нè камшикува, нè срами дома и по светот… Нему ли да му целиваме рака? Скраја да е, колеги и граѓани! Не дојдовме да му кажеме „евала“ на овој кабадахија, кој им вети на европските посланици дека Кежаровски ќе биде на слобода и стопати ги излажа. Дојдовме да му порачаме оти не му се плашиме – нагласи Димитровски.

Тој порача дека протестот е против премиерот Груевски оти тој и неговите се минливи, а слободата – вечна.

– Знаеме оти не ги цени слободата, демократијата, човековите права. Знаеме дека за него ништо не значат ниту физичката слобода на луѓето, ниту животот. Дојдовме да му кажеме дека меѓу нас има и леви и десни и верници и атеисти, ама ние, за разлика од него, ги цениме слободата и правдата! Дојдовме да му кажеме оти сите во светот веќе го знаат дека е тиранин, дека неговите лаги поминуваат уште само онаму каде што владее стравот што го шири неговото злосторничко здружение. Дојдовме да му кажеме дека ние одамна го победивме стравот! Дојдовме да му се насмееме в лице и да му порачаме оти Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи. Немаме намера да се пазариме, не сакаме да бидеме лажно пристојни и да му речеме оти не сме против него. Не! Против него сме, решително сме против него и ќе бидеме сè повеќе ако тој слободата ја множи со нула, ако не сака да го чуе нашиот глас. Дојдовме да му кажеме оти тој и неговите се минливи, а слободата и правдата се вечни! – истакна Димитровски.

Во идентичен тон и критички насочен кон власта се обрати и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, порачувајчи „колку повеќе нѐ притискате, толку поголем отпор ќе добиете“.

– Кежаровски е во затвор оти овие не трпат критика и го ставија в затвор за да се одмаздат и да нè заплашуваат. Срам да ви е што направивте од Македонија! Владата ги контролира поголемиот дел од медиумите преку реклами од наши пари. Каде овие момчиња ја научија оваа лекција за демократрија? Ни малкуте деца не веруваат во приказната дека судот е независен. Ние веруваме дека зад одлуката Кежаровски да биде в затвор стојат луѓето од оваа зграда зад нас. Можеа да го амнестираат, но не го направија тоа, го одбија законот за заштитени сведоци – рече Селмани.

Димитровски, Селмани и Чаусидис со полициска придружба беа пуштени да влезат во владината зграда, каде ја оставија врамената карикатура на Груевски, на која тој е претставен со војничка кама во рацете и со окрвавена вреќа на која пишува „слободни медиуми“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести