verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумските слободи: Тумороу вил би бетер

on 20 - 01 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Нацртано на ѕид во центарот на Фиренца. Фото: stefano di prima, 2006
Нацртано на ѕид во центарот на Фиренца. Фото: stefano di prima, 2006

 

Слободата на говорот (и на печатот) во Македонија секогаш биле проблематична тема. И во онаа СФРЈ, Македонија беше обележена како „темен вилает“. Ништо не се менува, таа и натаму е темен вилает.

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Слободатa е како здравје, размислуваш за неа кога ја нема. Ова го рекол Mеша Селимовиќ, а ние можеме да го позајмиме како размисла во овие трагични моменти кога слободата на изразување е крајно загрозена.

За волја на вистината, слободата на говорот (и на печатот) во Македонија секогаш биле проблематична тема. И во онаа СФРЈ, Македонија беше обележена како „темен вилает“. Ништо не се променило, таа и натаму е темен вилает.

За среќа, вистината ни доаѓаше преку загрепскиот и белградскиот печат. Ние само каскавме и посакувавме да имаме барем толку слобода колку што има таму. Сега и таму нешто лошо се случува, но затоа кај нас се случува најлошото. Темниот вилает си остана темен. Без разлика  на сѐ што поминавме низ овие две и пол децении, повторно сме на почетокот кога епски треба да заклучиме дека – за слободата треба да се бориме!

Оние кои се наклонети да идеализираат дека дури и во комунизмот изразувањето било послободно – не ја говорат целата вистина. Разликите се воочуваат во моментот кога ќе почнете да споредувате. И тогаш и сега немаше слобода и тогаш и сега новинари страдаа од самоволието на дрските политичари и на нивните приврзоци. Главно, заради баналности.  Пример: целата редакција на „Остен“ во седумдесеттите години беше под партиска истрага за насловната страница на која пишуваше „Тумороу вил би бетер“. Партискиот комитет спроведе цела истражна кампања за да ја утврди непријателската заднина на оваа порака. А, се работеше само за една добра досетка на едно сатирично списание, кое најде начин да ги искаже своите резерви во однос на постојаните ветувања за подобро утре.

 

ПАРТИСКИ ЧИСТИЛИШТА

Или: еден коментатор на скопската телевизија остана со години без работа само поради една реченица која на една спикерка ѝ заличила на заговарање тероризам (дали да споменеме дека таа спикерка беше сопруга на тогашен политички дрматор). Редакцијата на весникот на скопската младина, „Фокус“, беше растурена затоа што во една козерија ги беше навредила борците од НОВ.

И тогаш и сега во партиските чистилишта владееја истите лигави типови кои ги измислуваа, конструираа, наоѓаа заднина во новинарските текстови (и мисли), а потоа, преку „свои“ новинари, егзекутираа луѓе кои или не им се допаѓаа или, пак, просто беа одредени за отстрел.

Плурализмот донесе нови правила и првите неколку години може да се оценат како најсветлите во македонскиот журнализам. Немаше теми за кои не можеше да се пишува, се пробиваа сите табуа, немаше репресија врз слободата на говорот, а оние кои не се сложуваа со редакциските политики, имаа можност да се определат за некои други медиуми кои постојано никнуваа. Никому не му паѓаше на памет да тужи новинари.

Новинарите во тие први неколку години важеа за најзаштитениот професионален слој во општеството. Некои тоа го злоупотребија во сосема лукративни цели, тргуваа со медиумската слобода и во тој поглед поминуваа одлично.

Некаде на почетокот од 1994 година, Киро Глигоров во присуство на една група новинари, мошне енергично изјави дека тој ќе се заложи во прилог на секој новинар кој би настрадал заради она што го напишал, затоа што тоа би било недозволиво во демократскиот амбиент! И притоа, за да ја нагласи решителноста, удри со рака во маса, што не му беше обичај. Но, нешто подоцна не му пречеше кога беше сменет директорот на  националната телевизија заради критички напис за него.

Откако Бранко и неговите се етаблираа на власт, по 1995 година, почна повторното „зауздување“ на медиумите. Се отстрануваа новинари кои на власта не ѝ се допаѓаа поради критичноста на ставовите, се отстрануваа од уреднички места и повторно на сцена настапија оние лигави типови, сега во форма на уредници и на водители, се појавија и газди на телевизии кои тргуваа и ги трампаа услугите на своите медиуми со добробити од власта. Тука веќе немаше збор за медиумските слободи.

Владата на Љубчо ја затегна состојбата, финансиски казнуваше неподобни редакции (тогашните финансиски инспекции беа под ингеренции на министерот за финансии, Никола Груевски). Љубчо прв успеа од јавниот сервис да направи свое пропагандно дувло… Потоа следи враќањето на Бранко – кој не направи ништо и тоа му се удри од глава.

 

ЗАПОСЕДНУВАЊЕ, ГАСНЕЊЕ ИЛИ УЦЕНУВАЊЕ

Темниот вилает се етаблираше со запоседнување, гаснење или уценување на сите релевантни медиуми, на начин премногу силовит за да не се види дека претставува смислен план за ставање под контрола на сѐ што може да наликува на слобода на говор. Конечно, сето тоа и законски се спакува, се воведоа драконски парични казни. Сега ја имаме ситуацијата што ја имаме.

Ако мислевме дека слободата во демократски општества е нешто што се подразбира, нешто што е дадено само по себе, гадно сме се излажале. Кога нема демократија, нема ни слободи. Соодветно на тоа ако нема слобода на изразување, нема ни демократија. Приказната за темниот вилает во слободата на говорот се проширува од печатот кон сите други слободи и домени на животот: синдикати, цивилен сектор, култура, архитектура, историја…

Доаѓаме до поразителното сознание дека слободата на говорот и на мислата не се нешто дадено само по себе, дека тоа е, пред сѐ, состојба на свест, ниво на сознание, политичка култура, интелектуална доблест, добра намера… Дотогаш остануваме во темниот медиумски вилает.

 

proverka na fakti fotosВо светлоста на сегашнава планетарна одбрана на слободата на говорот по масакрот во „Шарли ебдо“ да потсетиме дека истиот весник, пред неполна година, а по повод љубовните афери на Оланд, на насловната страница објави карикатура на претседателот со која се имплицира дека тој наместо со глава размислува со пенисот (органот).
По масакрот во редакцијата, истиот тој Оланд покрена половина свет во одбрана на слободата на изразувањето за истиот тој „Шарли ебдо“. Дека не е само постхумно манифестирање на слободарска доблест, сведочи еден документарец снимен пред атентатот во редакцијата, а во кој Оланд запрашан за тоа што мисли за она што во „Шарли ебдо“ го прават, одговара дека некогаш спори, негодува, некогаш смета дека има претерувања, но смета дека тоа е духовито, смешно и дека тоа е дел од јавната дебата.
Можете ли, на пример, во оваа светлост да ги замислите Груевски и целата владејачка политичка гарнитура во првите редови на  протестот против затворската казна на Кежаровски, на пример !?

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести