verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како медиумите се справија со невремето

on 21 - 01 - 2015       
„Македонија пат“ има 98 товарни возила опремени со снежен плуг и соларки (меѓу остантите). Композиција: СПФМ, фото: „Македонија пат“ и blmlers2

„Македонија пат“ има 98 товарни возила опремени со снежен плуг и соларки (меѓу остантите). Композиција: СПФМ, фото: „Македонија пат“ и blmlers2

 

Не видовме никаква разврска од страна на надлежните за проблемите што настанаа на патиштата по паѓањето на првиот посериозен снег низ земјава, ниту, пак, медиумите побараа информации, а камоли да известат за какви било решенија и одлуки во таква насока. Особено што викендов, според метеоролозите, нè очекува нов снег, кој повторно може да ги затрупа патиштата.

 

Пишува: Светлана Вељановскадоцент-доктор по меѓународно право

 

Насловните страници на весниците, порталите и првите вести во електронските медиуми сè уште се посветени на времето, временската прогноза и на состојбата на патиштата низ Републикава. Веќе излитената констатација дека снегот ги изненади надлежните во годишното време кога се очекува, па дури и е пожелно да врне, стана медуимска содржина која има третман на ,,специјална вест од животна важност за граѓаните“.

Зошто е потребно медиумите да одделуваат толкав простор или време токму за овие состојби? Ова е прашање кое, веројатно, си го поставуваат читателите, гледачите, слушателите од деловите на земјата каде нема снег или тој се стопил уште првиот ден по паѓањето. Но, фактот дека и по 15 дена по првиот снег сè уште имаше завеани села каде нема пристап со возило, ниту, пак, системот за снабдување со струја беше во функција, ги оправдува овие наслови и текстови во медиумите.

 

КАКО СЕ ИНФОРМИРАШЕ

Што е приоритетот, односно што беше најважно во медиумските известувања во изминатиот период и на кој начин медиумите се ,,справија со вишокот снег и со недостигот од струја“?

Насловите се доволно илустративни:

Во Законот за јавните патишта прецизно се утврдени условите и начинот на одржување на јавните патишта во РМ, како и тоа кој ја има обврската и за кој дел од патиштата. Еден дел од обврската на Агенцијата за државни патишта е да се грижи и за редовното, но и за зимското и интервентното одржување на патиштата, за што е дадена и можноста да ангажира правни лица регистрирани со закон за вршење на ваков вид дејност, при што крајната цел треба да биде: функционална состојба и безбедно одвивање на сообраќајот (чл  34, 35, 36 )

Друг повикан субјект, кој, исто така, постои токму поради одржување и заштита на магистралните и на регионалните патишта е Јавното претпријатие „Македонија пат“, кое има повеќе работни задачи и обврски, меѓу кои и редовно и зимско одржување на магистралните и регионалните патишта.

Медиумите, со право, кај овие правни субјекти се обраќаа во обид да добијат информации за состојбата на патиштата, но и ги повикуваа на одговорност поради неизвршената обврска.

Директорот на „Македонија пат“, Гајур Кадриу, (како најповикана личност за сè позитивно, но и негативно во претпријатието со кое раководи), имавме можност да го видиме неколкупати со неговите изјави кога тврдеше дека ќе се справи со состојбите, но како што стануваше поургентна состојбата, неговите обврски ги презеде кризниот штаб, па дури и министерот за транспорт и врски. Повиците за отчет на неговата работа во овие изминати денови и одговорноста која треба да ја преземе се заборавија како што се надминуваа состојбите. А, на неговиот профил на веб-страницата на „Македонија пат“ стои следнава реченица:

„Ние се грижиме тој крвоток да функционира и во зимски период, во услови на снег, дожд и магла, како и во летен период, кога температурите на отворено се преку 50 степени. Секојдневно со нашиот труд го градиме имиџот на компанијата, како сигурен партнер кој ви овозможува безбедно да стигнете до саканата дестинација. Со мое големо залагање, ова ќе биде година на Македонијапат.“

За жал, како и многупати досега, медиумите по првичните критики за несоодветните реакции најдоа поинтересни теми и повикувањето на одговорност на Гајур Кадриу се заборави.

Медиуми кои се општествено одговорни имаат обврска да не „забораваат“ и одвреме- навреме да ги потсетуваат надлежните (министерот за транспорт и врски) дека нивна обврска, која и јавно ја презентираа, е да проверат каде биле пропустите и зошто беа завеани патиштата, односно дали и кај кого ја лоцирале одговорноста. Тие треба да побараат одговор и истиот да го пренесат на своите читатели (слушатели, гледачи), без разлика дали станува збор за проблем со машините за чистење на снегот или за неисплатените плати на работниците, или часовите за прекувремени дежурства или што и да е друго што имавме можност да го прочитаме на нивните страници како аргумент зошто снегот остана на патиштата и не беше навреме расчистен.

 

КАКО (НЕ) СЕ РЕАГИРАШЕ

И уште еден момент го привлекува вниманието на несоодветното реагирање на медиумите. Кога беше најавено дека е можен нов снежен бран, министерот за транспорт и врски преку медиумите ги замоли сите кои сакаат да патуваат за Вевчани, тоа да го сторат пред понеделник (пред празникот Василица). Никој од медиумите не го постави прашањето: зошто овие информации не ги презентираше пред службите надлежни за расчистување на снегот, со обврска да ги ангажираат сите потребни капацитети да не дојде до проблеми, туку апелира граѓаните да не патуваат на овој настан. Која е логиката на оваа порака? Дали тоа значи дека настанот не треба да се одржи? За среќа, снег немаше во количества како што беа најавувани. Медиумите, сепак, пропуштија да прашаат кој ќе ги сносеше последиците ако граѓаните го послушаа министерот и не го посетеа настанот? Кој ќе одговараше за последиците од штетата која ќе се нанесеше на културата, традицијата, економијата што ќе ја имаше населението во овој крај?

Друг сериозен проблем, непосредно поврзан со снегот, е снабдувањето со електрична енергија. Медиумите и во овој случај со голема сериозност информираа за тежината на состојбите во регионите кои беа најзагрозени:

Декларативниот приказ на ЕВН како компанија која во сите свои активности ги втемелува принципите на општествена одговорност и се стреми за подобрување на квалитетот на животот, не беше испочитуван во овие моменти, пред сè, од аспект на населението кое десетина и повеќе денови мораше да живее како во деветнаесетиот век.

Медиумите не пропуштија да презентираат изјави на жители на овие населени места, но пропуштија да побараат информација од надлежните зошто се дозволило да дојде до вакви масовни хаварии во системот, туку најчестите информации од ЕВН и од МЕПСО се однесуваа на тоа во кои населени места има дефекти и колку време е потребно истите да бидат отстранети. Коментарите на познавачите на состојбите во системот за снабдување со електрична енергија велат дека тоа е процес кој бара постојана грижа за одржување на мрежата, нејзина навремена заштита, предвидување и превенирање на можни штети, а не само отстранување  на последиците кога тие ќе се случат.

Пренесувањето на изјавата на претставник на ЕВН, според кој станува збор за елементарна непогода, заслужува аспект за анализа од типот: кога последен пат се контролирани трасите на трафостаниците, дали се вршат редовните заштити препорачани со правилниците на ЕВН и други функционални прашања за да се превенираат ваквите состојби, што, за жал, овојпат не беше направено.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести