verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Пропагандата наспроти новинарството – „Канал 5“: Самоубиство во деветтата минута!

on 13 - 01 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
И ова го видовме - после којзнае колку години. Фото: скриншот
И ова го видовме: опозициски лидер на „Канал 5“ – по којзнае колку години. Фото: скриншот

 

Којзнае зошто, индиспонираната главна уредничка на „Канал 5“, Лидија Богатинова, среде интервјуто со расположениот Зоран Заев реши да се откаже од разговорот и да се посвети на она што се обидува најдобро да го прави: пропаганда во корист на фамилијата. Потфатот заврши со карневалско финале.

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Во вторникот вечерта во Македонија се случи уште едно мало парче во нашата жална медиумска историја, онаа што, да се има и малку пристојност, треба да ја изеде срамот. Драмолетката се одигра на националната телевизија „Канал 5“, чијшто сопственик Стојменов, паметите, во еден од неколкуте објавени колоритни телефонски разговори велеше дека е подготвен лично да си ја изгаси струјата во телевизијата, само во„неговиот“ етер да не му се случи нешто против интересите на фамилијата на власт во Македонија.

На таа телевизија – инаку, една одамна етаблирана информативна платформа за пропагандно труење на македонската јавност – се „охрабриле“, веројатно како резултат на уште една морално-политичка вратоломија „во најава“ на нејзиниот сопственик, да го нагостат лидерот на опозицијата Заев и тоа во 14-минутно интервју, водено од главната уредничка на телевизијата, Лидија Богатинова, во главниот вечерен дневник.

Заев на програмата на „Канал 5“, па уште и во живо во главниот дневник – тоа ви е како Мет Дејмон (Заев) кога одгледува компири во смеса од човечки измет и планетарна прашина (Канал 5/Богатинова) на планетата Марс!

Е, во таквото компир-интервју, дали затоа што расположениот Заев уште од почетокот почна да ѝ држи лекција на очигледно исфрустрираната Богатинова по предметот македонска природа и општество; или, можеби, затоа што Богатинова дента имала некој тежок разговор со некого од кого не ги разбрала сосема инструкциите… значи, којзнае зошто, некаде околу деветтата минута од разговорот, главнава уредничка, „ничим изазвана“, реши да си изврши професионално самоубиство (иако е прашање дали некој што одамна е професионален „мртовец“ може и дополнително да се самоубие?!) со следнава антологиска размена на реплики:

Богатинова: Вие сте сега, во моментов, на оваа телевизија, како наш гостин во дневникот и како наш гостин разговарам со Вас… и, впрочем, ова интервју, како да Ви кажам, немаше да се случи доколку не Ви беше наредено… Но, ние ќе продолжиме понатаму со нашите…

Заев: Како да не ми беше наредено?!

Богатинова: Господине Заев, да Ве прашам…

Заев: Значи, иницијативата да бидам гостин… (понатаму не се разбира, бидејќи Богатинова му влегува во збор…)

Богатинова: Знаеме каква е позадината зад Вашето доаѓање, а ние ќе продолжиме понатаму за случајот…

Потоа следуваа уште 4 минути и 46 секунди „мрцварење“ на напудрената водителка на интервјуто во кое Заев, таа вечер, со светнати очиња на струмички карневалски шегобиец, знаеше дека „нокаутира“ многу поголем противник од една конфузна пропагандистка на режимот на фамилијата.

Што сакаше да каже Богатинова во морално-политичкиот грч фатена во живо на „Канал 5“? Од што се уплаши главната уредничка, па панично избегна да го дообјасни „заговорот“ на гостувањето на Заев на „Канал 5“? Почувствува ли дека не е на висината на дадената задача и дека укорот од комитетот ќе биде остар и немилосрден? Или намерно го „провали“ својот газда во уште еден обид за политичко „пресоблекување“ кое таа, очигледно, нема да може и ментално да го преживее, откако професионално е одамна упокоена?

Така ви е тоа кога македонското пропагандно „новинарство“ функционира на „далечинско“ со ослабени батерии, па не секогаш работат сите копчиња што ќе ги притиснете. Концентрацијата на режимот попушта, пропагандни киксови има сè повеќе. Да не е тажно, би било забавно. Всушност, тагата е одамна зад нас, баш е забавно.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *