verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Проблем се изборите или медиумите – прашање без одговор

on 31 - 08 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

Медиуми и политика: Кој ја крепи, а кој стои на штицата што виси над амбисот. Фото: pixabay
Медиуми и политика: Кој ја крепи, а кој стои на штицата што виси над амбисот. Фото: pixabay

 

Несфатливо е колку лесно медиумските работници се откажуваат од базичните принципи на работењето во својата професија, односно фактот дека слободата на медиумите е неприкосновено право не само на нив како вработени, туку и уставно право на сите нас како граѓани, кои сакаат да бидат информирани од независни и непристрасни медиуми

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Улогата на медиумите во претстојните избори во Република Македонија како да е поголема и позначајна од самите политички партии, кои формално-правно се тие кон кои треба да биде насочено вниманието на јавноста. Ова е впечатокот што се наметнува последниве месеци и токму поради тоа се поставуваат неколку прашања што би требало да се разработат од медиумите.

Имено, во ерата на електронските медиуми и на интернет-комуникацијата, кои сè повеќе се доминантни над печатените медиуми, неизбежна е дилемата дали слободата на печатот е попречена или не во ваква констелација на односите на медиумскиот простор. Ова прашање влече корени уште со почетоците на појавата на печатените медиуми, кога дилемата била дали идејата за слобода од цензура и слободен печат е остварлив идеал за слободна и рамноправна комуникација (информирање) на граѓаните по пат на медиумите.

Социолозите и истражувачите во сферата на медиумите кои ја анализираат реакцијата на публиката, обликувањето на жанровите, идеолошките ефекти  на корпоративните медиуми и културните последици на новите информативни технологии, речиси се едногласни во тоа дека натпреварот на пазарот е највалиден во дефинирањето на слободата на медиумите. Меѓутоа, практиката води кон заклучокот дека медиумите што се под закрилата на државата ги нарушуваат пазарните аспекти и  ги попречуваат развојните тенденции на пазарен натпревар за медиумскиот простор.

Дебатата и пазарењето, прво за постоењето, а потоа и за составот на тело кое ќе ја следи работата на медиумите во овој ограничен предизборен период, добива многу поголем медиумски простор отколку самата суштина: зошто воопшто треба да постои тоа тело, односно дали е потребно неговото постоење и причините кои доведоа до потребата за формирање на ваков контролен механизам на медиумското работење. Неколкуте линкови подолу го потврдуваат интересот, но и реферираат кон прашањето:

 

САМООТКАЖУВАЊЕ ОД НЕПРИКОСНОВЕНО ПРАВО

Несфатливо е колку лесно медиумските работници се откажуваат од базичните принципи на работењето во својата професија, односно фактот дека слободата на медиумите е неприкосновено право не само на нив како вработени, туку и уставно право на сите нас како граѓани, кои сакаат да бидат информирани од независни и непристрасни медиуми.

Сето ова убаво е запишано и објаснето во  Кодексот на новинари на РМ:

Основна задача  на новинар(к)ите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со чл. 16 од Уставот на Република Македонија. Улогата на новинар(к)ите е да пренесуваат информации, идеи и мислења со право да коментираат и со обврска за ги почитуваат етичките вредности и професионални стандарди во професијата. Новинар(к)ите треба да бидат чесни, објективни, точни и да работат без цензура и искривување на вестите.

Не знам што од овие работи не е јасно за припадниците на оваа професија, што така лесно прифатија да бидат дел од комбинаториките и услов за одржување или на овие или на кои било идни избори.

Никаде, ама баш на ниедно место во регулативата за новинарството (законска  и професионална), во земјава и пошироко во светски рамки, не стои дека медиумите и вработените во нив имаат некоја друга улога, освен да се грижат за почитување на човековите права, достоинство и слобода; почитување на плурализмот на идеите, ставовите, јакнење на правната држава; контрола на власта и сите субјекти во јавниот живот.

Неколкумина медиумски работници  (теоретичари) сфатија дека ова ад хок тело ја губи улогата уште пред да профункционира и го кажаа својот став и, можеби, е вистинско време да се надмине оваа ,,фарса“ и да се остави стручното тело (Агенцијата за медиуми и медиумски услуги)  да си ја работи својата работа, а новинарите својата.

Ако како појдовна точка се земе премисата дека секој е важен толку колку што се зборува за него, тогаш по сè изгледа дека медиумите имаат поголем интерес да бидат ,,важни“ и да се занимаваат самите со себе отколку со другите. Нивната примарна улога на „пренесувачи“  на информации за другите се трансформира и неретко сме сведоци на повеќе информации за медиумите отколку за другите субјекти во општественото живеење, од аспект на претстојниот изборен процес.

Сега дури и фактот дека четворицата членови на ова тело треба да одберат уште еден кој би им бил рамноправен не се дебатира во медиумите, туку се зема здраво за готово дека ,,така е регулира“. И можеби тука се во право, бидејќи пропустот е направен во моментот кога медиумските работници се согласија да бидат вклучени во ваквите комбинаторики.

 

ДЕБАТАТА ДА СЕ НАСОЧИ КОН МЕТОДОЛОГИЈАТА

И Кодексот на новинарите во чл. 14  препорачува „новинар(к)ите да обезбедат професионална  дистанца од политичките субјекти“, токму поради ваквите потенцијални пречки, што сега едноставно се пренебрегнуваат, со објаснување дека сè е во интерес на обезбедување на изборниот процес, при што се заборава дека медиумите не треба ниту да бидат дел од процесот, туку само негови набљудувачи или, подобро речено, проследувачи до јавноста!

Дебатата или, подобро речено, сферата на интерес на медиумите би требала да се насочи кон еднаквите можности во претставување на изборните програми на кандидатите за политички позиции, кон давањето реален приказ на сè што секој учесник во политичката битка го нуди на целокупното гласачко тело.

Методологијата која требаше да го олесни овој процес, исто така, е подложена на критики, а речиси неверојатно е дека без проблем ќе помине и следната фаза – именување на прв човек на Јавниот радиодифузен сервис. Со еден збор, произлегува дека медиумскиот аспект на изборниот процес, вклученоста на медиумите во него, е она што е најпроблематичното во изборите кај нас?!

Како дозволија медиумите тоа да се случи, е прашање на кое, барем во овој момент, тешко може да се најде одговор.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести