verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прецизни одредби во законот за да се стигне до плурализам во медиумите

on 12 - 02 - 2016       
22705803979_dcd25fe79f_k-1200

Средување на медиумскиот хаос во земјата. Фото: Michigan Municipal League

 

 

Предлог-членовите за обезбедување политички плурализам во медиумите што емитувваат вести и дебатни емисии, поднесени од СДСМ, имаат превентивна и насочувачка улога за обезбедување на квалитетно и објективно информирање и за остварување на правото на граѓанинот на пристап до точна и објективна информација.

 

Пишува: Александар Георгиев, адвокат

 

Она што денес е актуелно по медиумите, но и во преговорите помеѓу политичките лидери за спроведување на Договорот од Пржино, се законската регулација на медиумите како еден од условите за спреведување на фер избори и балансирано информирање во текот на изборната кампања. Во контекст на ова Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со предлог-измени и дополнувања во Законот за аудио и адиовизиуелни медиумски услуги, предлагајќи низа решенија за средување на медиумскиот хаос во земјата.

Предлог-измените се насочени кон регулирање на изборот на членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, нивниот мандат, овластувања во однос на поведување прекршочни постапки за оние кои го прекршуваат законот, финансирањето на МРТ, членување во Програмскиот совет на МРТ, како и кон воведување политички плурализам во медиумите, особено во вестите, дневно-информативните програми, дебатните, актуелно-информативните и контактните програми.

Овие предлог-измени беа жестоко нападнати од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, особено во делот на воведувањето на политичкиот плурализам во медиумите. Предлог-решенијата беа нарекувани апсурдни и нелогични, поврзувајќи ги со примери кои не соодвестуваат на вистинската намера и на целта што треба да се постигне.

Воведувањето политички плурализам во медиумите во предлог-измените е поделен на два нови членови кои се однесуваат на „политички плурализам во вестите и дневно-информативните програми“ и „политички плурализам во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми“.

Политичкиот плурализам во медиумите се однесува на фер и различно претставување на гледиштата на различни политички партии и идеолошки групи, вклучувајќи ги тука и гледиштата на најмалите групи на граѓани и нивните интереси. Политичкиот плурализам во медиумите е спектар на различни политички и идеолошки гледишта, мислења и интереси, пренесени и претставени во медиумите.

 

ЛИЧЕН СТАВ ВО ВЕСТИ Е ЗАБРАНЕТ

Во членот кој се однесува на „политички плурализам во вестите и во дневно-информативните програми“, се предвидува:

  1. Радиодифузерите кои емитуваат вести и дневно-информативни програми се должни во нив да обезбедат непристрасно, правично и избалансирано претставување на различните политички и идеолошки гледишта. 
  2. При известувањето за прашањата кои се предмет на дебата меѓу политичките субјекти или пошироко во општеството, во вестите и во дневно-информативните програми мора да им се даде адекватна тежина на што повеќе различни и/или спротивставени гледишта, како во секое поединечно издание, така и во низа последователни изданија на вестите.
  3. Во вестите и дневно-информативните програми не смее прекумерно да се нагласуваат гледиштата и мислењата на една конкретна личност, институција или организација.
  4. Прекумерно нагласување на едно конкретно гледиште значи дека тоа гледиште е временски значително повеќе застапено во вестите, отколку другите гледишта за тоа исто прашање и дека новинарскиот пристап во презентирањето на тоа гледиште е фаворизирачки. 
  5. Презентерите на вести и новинарите, во вестите и во дневно-информативните програми не смеат да изразуваат свои лични гледишта.
  6. Гледиштата и фактите не смеат да бидат погрешно претставени. 

Како што може да се види и од насловот на членот, овде станува збор за воведување политички плурализам во вестите и во дневно-информативните програми со една единствена цел, а тоа е обезбедување непристрасно, правично и избалансирано претставување на различните политички и идеолошки гледишта.

Со овој член се укажува дека за да се спроведе тој политичку плурализам, потребно е при известувањето да бидат вклучени  различни спротивставени гледишта, преку објективно информирање и пренесување на информацијата од сите гледни точки. Кон ова оди и забраната на прекумерно нагласување и фаворизирање на гледиштата и мислењата на една конкретна личност или институција. Со ова се прави обид да се нагласи дека објективното информирање е неопходно и дека граѓанинот има право да биде информиран точно и да биде запознат со сите факти, за да може сам да донесе залучок за конкретната ситуација.

 

ЛИЧЕН СТАВ ВО ДЕБАТНА ЕМИСИЈА Е ДОЗВОЛЕН, НО БЕЗ ФАВОРИЗИРАЊЕ

Вториот член е со наслов „Политички плурализам во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми“ и гласи:

  • Во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми мора адекватно да бидат претставени сите различни гледишта за темата што е предмет на програмата.
  • Презентерите и водителите на дебатните, актуелно-информативните и на контактните програми можат да искажат сопствено мислење за прашањата за кои дебатираат, но не смеат да фаворизираат едно одредено гледиште, односно да ги исклучуваат другите алтернативни гледишта за темата која е предмет на дискусија во програмата.
  • Гледиштата и фактите во дебатните емисии не смеат да бидат погрешно претставени.

Ова е членот каде се крена најмногу прашина кај владејачката паритија, при што беше погрешно толкуван со примери кои не соодвестуваат на неговата содржина. Како и претходниот член, но и во насловот, јасно може да се заклучи дека целта на ова решение е воведување на разновидност и квалитена дебата во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми.

Самиот поим дебата како поширока форма на аргументација, претставува спротивставување на аргументи со кои се дискутира за одредено прашање и се изведува заклучок. Воведувањето на политичкиот плурализам во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми, е темел за понатамошно развивање на новинароството, но  и за развојот на поквалитетно и пообјективно информирање на граѓаните од страна на медиумите. Како што може да се види од став 2, членот е главно наменет за презентерите и за водителите, кои вршејќи ја својата улога не смеат да фаворизираат или да наметнуваат свои гледишта или да исклучуваат одредени гледишта за темата, туку треба да спроведат квалитетна дебата и презентирање на сите гледишта, и притоа да им дадат на сите страни простор да го искажат своето гледиште на темата. Членот има превентивна улога за спречување цензура во одреден медиум за одредени политички прашање или актуелности, и фаворизирање на одредено гледиште, како и превенција од погрешно пренесување и прикажување на гледишта и факти во дебатните емисии.

Треба да се нагласи дека овие предлог-членови треба да имаат превентивна и насочувачка улога за обезбедување на квалитетно и објективно информирање и за остварување на правото на граѓанинот на пристап до точна и објективна информација.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести