verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кромид си е кромид, па макар бил и патриотски

on 13 - 02 - 2016       
onion-858465_960_720-kolaz
Кромид до кромид – од толку кромиди реата не може да се избегне. Колаж: СПФМ

 

Не е претенциозно да се каже дека овој „кромид“ многу речито ја прикажува општата состојба во која живурка македонското новинарство во последната деценија, особено во последните четири-пет години, кога и се случува подемот на порталите со хиперпродуција на текстови, сработени во стилот „плукни-залепи“, кои трчаат по кликнувања и по прегледи наместо по вистината.

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Што имаат заедничко еден Мирослав Крлежа, еден „кромид“ и српско-хрватскиот јазичен спор? Звучи како добар почеток на виц, но не е виц. Навидум ништо, би рекле, но никогаш не потценувајте ја моќта на кромидот, особено кога е во прашање „кромид-вест“, која осамнала на страниците на некој медиум и тоа на неговите „сериозни страници“. Така се случи неодамна неколку домашни медиуми да објават текст со наслов „Лингвистите едногласни: Србите и Хрватите говорат еден јазик – Македонски!“ и да останат живи.

Едно мора да се признае, коректно е исцитиран и линкуван изворот, написот дури и илустриран со скриншот од оригиналниот текст, што би се рекло, запазени се некои од основните новинарски правила, како што е цитирањето на изворот и почитувањето на неговите авторски права. Текстот е и уредно потпишан со лично име (презимето некако му доаѓа како вишок, кога се обидувате да им се доближите, ама ептен да им се доближите на читателите) на новинарот кој го превел и „уредил и опремил“ овој текст за објавување. Плус, темата е „топ“, бидејќи, ете, и хрватските лингвисти признаваат дека сè почнува и завршува со Македонија, нели?

 

КРЛЕЖИ И ПАДЕЖИ

Но, веќе по првата прочитана реченица станува јасно што недостига. Вистината! Јасно е дека во прашање е паравест или псевдовест, која припаѓа на жанрот познат уште и како „кромид“ според американската веб-страница што прва почна со објавувањето на ваквите содржини „Онион“ (theonion.com). Феноменот „кромид-новинарство“ доби глобални размери со појавата на сатирични портали и неретко се случува консументите на интернет-содржините да „паднат“ на нивните штосови, верувајќи дека се работи за вистинита информација. Преку социјалните мрежи – „Фејсбук“, „Твитер“ – ваквите лажни вести се шират како шумски пожар. Но, пред да осамнат на социјалните мрежи, на нив „паднале“ „сериозните“ информативни медиуми од калибар на државната информативна агенција МИА или порталот „Нетпрес“.

Да се вратиме на текстот за македонскиот, српскиот и за хрватскиот јазик.

„Откако нивните колеги од други научни области објавија неверојатни откритија и лингвистите од институтот „Фрањо Араповиќ“ ги завршија долгорочните истражувања за јазиците на Јужните Словени, а нивните откритија го демантираат дури и Мирослав Крлеж, пишува news-bar.hr“,

гласи првата реченица, која кажува сè. Дури и да се забошоти фактот дека колегите не се потрудиле да откријат кој е тој институт „Фрањо Араповиќ“, (Фрањо Араповиќ е некогашен кошаркар на клубот Цибона од Загреб од осумдесеттите, а подоцна пратеник во хрватскиот парламент од ХДЗ), тешко ќе може да се помине преку флагрантното незнаење кое довело до тоа еден од најпознатите хрватски писатели, енциклопедисти, есеисти, па и политички фигури на 20 век, Мирослав Крлежа, да стане – крлеж. Па, кога веќе пренесува и преобјавува текст од хрватски медиум, не е лошо да го преведе некој кој тој јазик го разбира и знае што се, да речеме, падежи.

И, кај што е направен превид дека се работи за неточна, шеговита содржина, таа уште е и бајата. Поточно, хрватскиот сатиричен портал текстот го објавил уште во септември 2013 година, а тој потоа добил свој таинствен живот низ интернет-пространството за да биде извлечен од заборавот и објавен токму во актуелниот политички и општествен момент во Македонија, кога е многу потребно билдањето на национал-романтичарските чувства и на македонштината.

 

МАКЕДОНЕЦОТ СО ГОВОРНА МАНА

Дали е можеби преамбициозно да се очекува дека новинарите во Македонија денес треба да имаат рамковни познавања од тој калибар, односно нешто што порано се нарекуваше општа култура?! И дека поседувањето на таа општа култура, која секогаш има подлога во насобраното знаење, соодветното образование и, се разбира, во многу, многу читање, нема да дозволи да им побегне небулоза од типот:

„Со помош на историчарите (демек, овие, лингвистиве) откриле дека при ширењето на старословенските племиња Македонците, во Бугарија отишол и еден Македонец со говорна мана па Бугарите го прифатиле македонскиот јазик со говорна мана, кој и денес се зборува во малку модифицирана верзија.“

Тука, рака на срце, и не треба многу општа култура за да се препознае шеговитоста на тврдењето, но што е со здравиот разум? Или текстов премногу добро поентира на контото на официјално етаблираниот македонски национал-романтизам за да му се гледа во забите, барајќи такви тривијални детали како – вистината? Дека има медиуми во кои е прозреана матрицата која стои зад објавувањето на ваков патриотски „кромид“ сведочи и текстот под наслов: „За да знаете како “државната пропаганда” Ве лаже за да помислите дека само власта се патриоти!!!“, кој, додуша не виде дека написот е од хумористичен портал, но мора да му се признае дека ја разбрал поентата на објавувањето.

 

„ПЛУКНИ-ЗАЛЕПИ“ НОВИНАРСТВО

Не е претенциозно да се каже дека овој „кромид“ многу речито ја прикажува општата состојба во која живурка македонското новинарство во последната деценија, особено во последните четири-пет години, кога и се случува подемот на порталите со хиперпродуција на текстови, сработени во стилот „плукни-залепи“, кои трчаат по кликнувања и по прегледи наместо по вистината и падот или потемнувањето на ѕвездата на дотогаш неприкосновените медиуми и креатори на јавното мислење од калибар на некогашна „Нова Македонија“ или подоцна „Дневник“. Или, како што тој проблем на денешницата сосема точно го лоцира новинарот и публицист Сашо Орданоски во една од своите скорешни колумни:

„Во тој „новинарски“ свет проверката на фактите и изворите на вестите се прави ретко, ако веќе не е и практично невозможна. Контекстот, таа круна на доброто новинарство, повеќе не е толку важен – се бара брзина и атрактивност.“

Дали сме навистина осудени како консументи на медиумски содржини да голтаме сè, па и бајати кромиди, плаќајќи данок на развојот на информативната технологија и на брзиот протек на информациите? И дали е само технологијата виновна или некој едноставно немал капацитет и знаење да ги разбере шегите оти е незнајко? А што кога незнаењето оди рака под рака со поттурањето провладина патриотска пропаганда секаде и во секоја пригода, како платформа за нега и за едукација на сè понеписмена и понеписмена читателска публика, на која по само неколку години „кромидот“ едноставно ќе ѝ мириса како полско цвеќе? Во тој случај, би се рекло, ниту Македонецот со говорна мана од текстот за кој зборувавме нема да биде доволен да нè спаси од мракот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести