verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кога е задоволен јавниот интерес, идентитетот не е важен

on 12 - 02 - 2016       
Медиумот треба да се води од важноста на податоците. Ако идентитетот не е важен, тогаш тој не се објавува. Фото: Скриншот
Медиумот треба да се води од важноста на податоците. Ако идентитетот не е важен, тогаш тој не се објавува. Фото: Скриншот

 

Основниот концепт по кој медиумот треба да се води е „битност (важност) на информацијата“. Новинарите мораат да вршат процена дали објавувањето лични податоци што се содржани во веста е битно, односно дали и без нивното објавување ќе биде постигната целта и, конечно, дали објавувањето на личните податоци е од јавен интерес или не.

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Случајот на дадилката што малтретираше деветмесечно бебе во изминатите месеци ја вознемири јавноста и несомнено стана една од најспоменуваните теми на разговор и осуда. Јавноста дозна за случајот токму од родителите на бебето, кои самите дадоа снимка направена во нивниот дом, на која јасно се гледа однесувањето на дадилката. Неспорна е потребата јавноста да биде запозната со ваквите случаи, како и улогата што медиумите ја имаат во пренесувањето на ваквите информации.

Она што јавноста го следеше преку медиумите беше институционалното третирање на појавата и судската разврска на случајот, иако во целиот овој случај може да бидат разгледани и други аспекти што отвораат неколку интересни прашања.

 

МОНТИРАЊЕТО КАМЕРА И НАЧИНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕ СЕ СПОРНИ

За потребите на оваа анализа ќе се послужиме само со еден напис на медиумите за овој случај, бидејќи цитираните делови ќе бидат доволни за поентите.

„Родителите се посомневале во неа, откако на телото на нивното дете забележале модринки, па решиле да стават камера во домот. Она што го виделе ги шокирало и тие веднаш поднесоа тужба против дадилката, на која сега и се суди за запуштање и малтретирање на малолетно лице на кое му е нанесена тешка телесна повреда.“

Вршењето видеонадзор е исклучиво регулирано со Законот за заштита на личните податоци, чии одредби уредуваат дека видеонадзор може да се врши: во службени или деловни простории заради заштита на сопственоста или заради заштита на безбедноста на вработените и во едностанбени или повеќестанбени објекти, доколку сите сопственици на станови се согласат на тоа.

Одредбите што го регулираат вршењето на видеонадзорот не се конкретно поврзани со вршењето видеонадзор на приватен простор, но, сепак, постои одредба според која е забрането пренесување на снимките од видеонадзорот во едностанбените и во повеќестанбените објекти преку кабелска телевизија (јавна или интерна мрежа), преку интернет или други електронски средства за пренос на податоци.

Ако се држиме строго до примената на Законот за заштита на личните податоци, за вршењето видеонадзор во домот родителите требало да ја известат дадилката. Но, дали тогаш би дошле до снимката на која се гледа како таа го малтретира нивното дете? Известувањето дека станот се снима може да има два ефекти во овој случај– да го превенира насилството врз малолетното дете или, пак, да се сфати како закана и нарушување на интегритетот на личноста.

Снимката од домот на родителите на бебето на која се гледа однесувањето на дадилката, првично беше поставена на социјалната мрежа „Ффејсбук“, а набргу беше пренесена и од медиумите. Кога веќе еднаш е направена снимка на приватен простор, без за тоа да бидат известени лицата што се снимени, законитоста, наспроти оправданоста на објавувањето на снимката од страна на оној кој ја направил, но и од страна на медиумите, треба да биде разјаснета.

 

УПОТРЕБА НА СНИМКИТЕ ОД ПРИВАТЕН ПРОСТОР

Оправданоста и задоволувањето на јавниот интерес се неспорни. Ваквите појави во општеството апсолутно треба да најдат простор во јавноста, а со тоа да се влијае на нивно спречување во иднина. Следењето на случајот до неговата судска завршница, од друга страна, ѝ дава на јавноста слика за процената на судот за висината на казната за дела од овој вид.

Она што не е пресудно за информирањето на јавноста за овој случај е идентитетот на дадилката, кој се открива во снимката. Во согласност со Законот за заштита на личните податоци, личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, или чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, особено врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

На делови од снимката, која е објавена, може да се види ликот на дадилката што претставува биометриски личен податок, а во медиумските прилози неколкупати е објавено и името на дадилката, како и нејзината возраст, со што се овозможува индиректна идентификација на лицето.

„Иако судењето се одвиваше далеку од очите на јавноста, сепак, неофицијално се дознава дека обвинетата Тодорка Н. (61) го негирала претепувањето на бебето, за кое се појави видеоснимка на социјалните мрежи.“

Основниот концепт по кој медиумот треба да се води е „битност (важност) на информацијата“. Новинарите мораат да вршат процена дали објавувањето лични податоци кои се содржани во веста е битно, односно дали и без нивното објавување ќе биде постигната целта и, конечно, дали објавувањето на личните податоци е од јавен интерес или не.

Фактот дека снимката била веќе објавена од родителите на социјалната мрежа „Фејсбук“, не треба да биде оправдување за истата да биде преобјавена без соодветна заштита – заматување на ликот и дисторозија на гласот на дадилката, употреба на иницијали, наместо името на дадилката.

Конечно, целта на оваа новинарска лекција никако не е да ја заштити дадилката, туку да посочи дека медиумите треба да обратат внимание на повеќе аспекти кои се јавуваат во овој случај, а притоа да помогнат освен во откривањето на ваквите појави и во едуцирањето на јавноста за тоа дали приватните снимки и фотографии можат да бидат објавени, за начините на нивното објавување, но и за нивното користење во судски постапки.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести