verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Правила за пишување коментар

on 19 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Страница за мислења и коментари. Фото: http://ribmunk.dk/
Страница за мислења и коментари. Фото: ribmunk.dk

 

Вест или коментар? Која е разликата меѓу овие два новинарски жанрови? Во последно време на некои од македонските веб-страници можат да се сретнат многу написи кои се пласираат како вест, а всушност се коментаторски. Тие најчесто се непотпишани текстови и во голем дел се пропагандни

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Границата меѓу веста и коментарот сè повеќе почнува да се губи, особено кога станува збор за написи објавувани на некои портали, кои главно се познати по тоа што со сите сили бранат одредена политичка партија. Токму затоа и ваквите текстови многу често се предмет на рецензија на нашиот „Сервис за проверка на фактите“, а овде ќе објасниме што е тоа коментар и како тој треба да се пласира во медиумите.

 

КОМЕНТАРОТ Е АНАЛИТИЧКИ, МОНОЛОШКИ НОВИНАРСКИ ЖАНР

Во теоријата на новинарството, постои трипартитна поделба на новинарските жанрови: фактографски, аналитички и белетристички. Коментарот спаѓа во групата аналитички новинарски жанрови.

Новинарските жанрови уште се делат во две општи големи групи во однос на типот на медиумската практика: монолошки и дијалошки. Монолошки се новинарски авторски текстови во кои спаѓа и коментарот и подразбираат собирање на информации од изворот, одење на местото на настанот и известување од местото во облик на вести или во облик на извештај. Притоа, новинарите кои пишуваат имаат одговор за пет замислени прашања на својот аудиториум: кој, што, кога, каде, како се случило.

Коментарот е посложена новинарска форма и бара, освен упатеност во случувањата, и подобро познавање на општествените феномени што ги предизвикале. Коментарот е единствен жанр во кој новинарите се задолжени да го изнесат својот став или ставот на медиумската куќа во која работат за некој општествен феномен или случување.

Притоа, можат да се најдат во улога на интерпретатори, автори или одговорни личности. По правило, коментаторите се новинари кои ги обединуваат сите три функции со тоа што можат да говорат во свое име, но притоа да ја почитуваат уредувачката политика на медиумската куќа во која работат, без оглед на тоа дали како приватно лице се согласуваат со неа или не.

Поголемиот број новинари во некоја своја интерна хиерархија, за коментатори ги сметаат луѓето кои се занимаваат со највисоката новинарска форма. Меѓутоа, во практиката често не е така и читателите често и не обрнуваат внимание на овие текстови, следејќи ја содржината.

Во теоријата, по правило, се разликуваат два вида коментари: воведник или редакциски коментар како текст понекогаш потпишан со името на авторот, но често и непотпишан, кој го одразува индивидуалното гледиште на некој уредник или синтетизираното мислење на група уредници. Пример за редакциски коментар е „Слободен удар“, кој секогаш се објавува на втората страница од дневниот весник „Слободен печат“, а како автори се јавуваат и уредници и новинари.

Layout 1

 

Колумна или авторски коментар претставува текст во кој авторот е јасно идентификуван и кој авторот редовно го објавува под истиот наднаслов. Пример за авторски коментар е „Острилка“ на главниот уредник на „Слободен печат“, Бранко Геровски, која се објавува во истоимениот весник.

 

02-03_Layout 1.qxd

 

РАЗЛИКИ МЕЃУ РЕДАКЦИСКИ КОМЕНТАР И КОЛУМНА

Воведник/редакциски коментар                                     Колумна/авторски коментар

– договор за тема                                                                   – слободен избор на тема

– колективна свест                                                                – его на авторот

– анонимен автор(најчесто)                                               – личност на авторот

– „воспитување“ на читателите                                         – блискост со читателот

– поддршка на уредувачката политика                          – контрирање (многу често)

– уредничка редактура                                                        – отсуство на редактура

 

ПРАВИЛА ЗА ПИШУВАЊЕ НА КОЛУМНА/АВТОРСКИ КОМЕНТАР

Кај колумните доминира личното гледање на појавите или случувањата, доминира личниот став и, пред сè, не може да се зборува за некои посебни правила. Секој колумнист се труди да изгради личен стил по кој ќе биде препознатлив. Колумната на некој автор има и непроменливи елеменати, како што се објавување во одреден ден, постојан наднаслов, име и најчесто фотографија од авторот, постојано место во весникот. Колумната се објавува интегрално, без уреднички интервенции.

 

ОСНОВАТА ЗА КОМЕНТАР Е ВЕСТА

Коментарот се пишува откако нешто се случило. Предвидувањата дека нешто ќе се случи не се најдобра основа за коментар во медиумите. Веста мора да биде значајна за да се коментира. Коректно е да се објави веста во целина, па дури потоа да се коментира.

Неопходен е објективен пристап во коментирањето. Иако коментарот е одраз на личниот став, не значи дека не треба да биде објективна слика на случувањата. Вообичаено е коментарот во весниците да биде реалтивно краток, до 84 реда, а во електронските медиуми до 2 минути. Добро е коментарот да се изговара, но да не биде повторување на памет. Со оглед на тоа дека коментарот е авторска форма, недозволено е да го чита спикер.

 

ЕЛЕМЕНТИ НА КОМЕНТАРОТ

Коментарот содржи три целини: глава, среден дел и заклучок.

Во главата на коментарот е веста. Може да содржи и изјава, но интригантска „јадица“ за која ќе се закачи коментаторот. Тој може во рамки на главата веќе да ја изнесе својата теза, односно антитеза на поставената теза.

Слободен печат

 

На пример, во колумната „Нови граници на Балканот?“, професорот Денко Малески, во главата, пренесува изјава на Дејвид Овен и со тоа најавува што ќе коментира.

„Дејвид Овен, меѓународниот посредник во кризата во Југославија, човекот кој на почетокот од деведесеттите со жар нè убедуваше дека никогаш, ама никогаш, нема да се легитимираат придобивките од етничкото чистење и промените на границите, десетина години подоцна помирливо ќе изјави: „Време е да се ослободиме од резервите кои ги имаме кон ново исцртување на меѓународните граници и да понудиме балканско решение за балкански проблем“. Зашто, ако и натаму се инсистира на непроменливост на границите, предупреди Овен, тогаш на сите треба да им биде јасно дека американските и НАТО трупите ќе мора да патролираат долж етничките линии на овие поделени општества, уште долго време“.

Во средниот дел од коментарот се создава заплетот. Се редат аргументите за и против изнесените тези во главата. Се наведуваат податоци, факти (може да бидат општествени односи, причини за појави кои треба да се пронајдат, одговорност која треба точно да се утврди) се подредуваат и се објаснуваат. Важно е да нема многу општи работи и да се посочуваат прецизни и конкретни работи. Во спротивно, сè е само празна приказна. Во овој дел доаѓа до израз знаењето на коментаторот, општата култура и добрата информираност. Со овој дел, авторот го придобива аудиториумот за своите ставови.

„Верувале или не, но опасниот настан од Куманово можеше да биде тоа треперење на крилјата на една пеперутка која, докажано е, предизвикува ураган. Или, да претпоставиме, сецесионистичкото поведение на Република Српска, во случај на силна поддршка од Русија, како одговор, да речеме, на Западното инволвирање во Украина, би можел да биде причинител за конфликт. Односите помеѓу Албанците и Србите во Косово, е уште еден таков пример, каде некој налудничав етнички колеж, може да го загрози целиот регион, повторно вовлекувајќи ги и околните држави во вртлогот на историјата“.

Заклучокот во коментарот може да има само една ефектна реченица или цел пасус, но не повеќе. Добро е да е категоричен, јасен, може да биде и афористичен, доколку авторот има афинитети кон таа форма на изразување, но не насила духовит – тоа го убива секој коментар. Може да биде мобилизирачки (да се покрене акција која би придонела кон санација на состојбата) или да сумира некои состојби или да се заврши добро со одмерени прашања. Во секој поглед, не би требало да биде наметлив и морализаторски, а особено не да вади заклучоци од ништо.

„Оттука, наспроти сите домашни опструкции и сета антизападна реторика, со зборови и со дела мора да се истрае во напорите за европски, а не за балкански исходи во Македонија и пошироко во регионот. Инаку, македонскиот претседател може да напише уште осуманесет или колку беа писма за постоење на терористички групи во регионот, но сè додека претставник на нашата држава како полноправна членка не седи на масата на НАТО, врзувајќи ја нашата безбедност со безбедноста на Алиансата, опасноста останува“.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КОМЕНТАРОТ

Различни теоретичари наведуваат различни квалификации за коментарот. Најтипична е онаа која разликува полемички, аналитички и хумористичен коментар.

Полемичкиот коментар во изнесувањето на главата зазема спротивен став и го брани со аргументација до крај, а во заклучокот целосно ја оспорува тезата од главата.

По чиј налог работи Јанева

Аналитичкиот коментатор ја разложува на сегменти тезата што е изразена во главата и ги наведува аргументите за и против, го осветлува проблемот од неколку страни, бара причини, наведува последици.

Македонија нема спор за името со Грција

Хумористичниот коментар, по целосното сериозно поставување на главата, иронично и хумористично се осврнува на тезата и се докажува сè спротивно до апсурд. Во овој тип на коментар најважно е да се одреди границата на добриот вкус.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести