verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Борбата на медиумите за подобро утре не смее да запре

on 19 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Untitled
Настрана рацете од медиумите. Фото: „Гугл“

 

 

Во овој период од несреќниот број на месеци (13 севкупно), како повторно да се враќаме наназад! Отпочеток да ја поставуваме агендата за правилно и трезвено движење по трасираниот пат, како повторно да ја „откриваме Америка“, чудејќи се на сопствените грешки и инаетливост, како и на немањето чувство дека работиме, сме во интерес на сите во оваа држава. Токму затоа и нужноста од поставување и од реализирање на трите услови за надминување на кризата, особено на тој што се однесува на медиумите!

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Пред тринаесет месеци почнаа протестите кои најавија значајни поместувања во политичкиот живот во Македонија, во власта и во нејзините ешалони, како и во другите сегменти на заедничкото живеење, а изразени преку граѓанското движење „Протестирам“, попознато како „Шарена револуција“. Почна големата политичка криза во Македонија! Беше фрлена белата ракавица на опозицијата која значеше предизвикување на власта во однос на адресираните проблеми, кои требаше да ги реши во изминатите десет години, но најважно од сè, граѓанската свест и активност беше ставена на тест, иницирана, разбудена, да ја покаже својата сила, моќ, самосвесност и да преземе одговорност за својата летаргичност.

Се случи Договорот од Пржино. Се поставија барања, се бараа компромисни решенија за излез од кризата, но не во однос на предизвикување штета кон и онака напатениот народ. Странците, кои, се чини, се неминовност и нужност во градењето на младата демократија (особено кога се работи за тврди политички глави), повторно стапија на сцена да потсетат зошто стагнираме на проевопскиот и на атланскиот пат, кој сè повеќе личи на сон отколку на реалност која ја бараме како подобрување на квалитетот на сеопштиот живот. Потсетија на должности, на обрски, на рокови, на работење, а не конфронтации со пропагандистичка артилерија преку медиумскиот апаратус и токму затоа се изнедрија трите услови за промени:

– прочистување на избирачкиот список;

– одвојување на партијата од државата;

– како и најважната за севкупното живеење: реформите во медиумскиот сектор.

Последниот услов, можеби не најважен на „прва топка“ за политичарите, но повеќе од витален е за доследно справување со кризата. Ако за неоспорувана победа на изборите ви е потребно да знаете колку луѓе гласаат во оваа земја и дали и колку од нив имаат право на глас, за да не се повторат сценарија од типот на „засенета победа“, исто толку е важно да ја одвоите партијата од државата, нејзините ресурси кои се преведуваат најчесто со терминот „народни пари и време“ и да понудите реално изводлива програма која ќе ги опфати и ќе проба да ги реализира во поголем процент барањата на народот, на гласачите, на приврзаниците… Но, најсуштинскиот услов од сите, погледнато од аспект на етичноста во користењето на јавниот простор за комуникација, креирањето на правилна, во поголем процент, објективна реалност и вистинитост на таа двонасочност во информирањето и во комуницирањето, се чини дека е нужноста од реформи во медиумскиот сектор.

 

ИСКРИВУВАЊЕ НА ПЕРЦЕПЦИЈАТА

А за истите, кој е најкомпетентен, ако не самите учесници во истиот процес – новинарите, медиумските работници и сопственици на средствата за масовно комуницирање. Истите како создавачи на тој конверзациски свет во кој сме сите ние, но и како главни виновници за искривувањето во перцепирањето на тој свет и можните и реално спроведливите малверзации и злоупотреби. Се покажа по којзнае кој пат дека медиумите и нивните носители и учесници можат да бидат најподатлива машинерија за манипулација, спин, пропаганда, дезинформирање… во корист на власта, а на штета на заедничкиот живот. Розови слики за нејзината успешност, економски прогрес и брилијантни решенија за подобар квалитет на животот на секого од нас, одведоа илјадници животи и сништа за подобро утре на големото ѓубриште на историјата. Се скршија илјадници напори и интенции да се подобри нешто, а само поради одредено политичко лошо решение или програма. Да не зборуваме за егоистичните реални начини на кои власта го „ограби“ народот, ја уништи неговата креативност во изнаоѓањето решенија, во истрајноста за големи дела и цели, а користејќи ги своите финансиски зависници во медиумскиот сектор, што преку лошиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вештачки создадените и наметнати правила на игра во медиумскиот натпревар, но и преку погрешените медиумски стратегии во создавањето на медиумски описменета јавност која критички ќе селектира и ќе повикува.

Во овој контекст, и нешто повеќе од три месеци по поднесувањето и по експресното отфрлање на иницијативата, т.е. предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој беше донесен во 2012 година во услови во кои Владата и Собранието ги игнорираа забелешките на новинарските и на медиумските организации – разврска нема! Иако поднесувачите на оваа иницијатива: Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), како и Институтот за комуникациски студии (ИКС) се „прелажаа“ во искреноста на отворениот повик на политичките партии кои инсистираа на предлози од страна на новинарската бранша во насока на подобрување на тековната ситуација, а за професионализација и за деполитизација најмногу на регулаторното тело и на јавниот радиодифузен сервис – сепак, не се откажуваат и само ги потврдија добронамерноста и доблесноста во своето постоење и работење. А, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше и сè уште е лошо решение, најмногу затоа што во него отсуствуваат клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание на советите на медиумскиот регулатор и на јавниот сервис, а за обезбедување транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиоадифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.

И сега, што беше лошо во оваа иницијатива, ако воопшто има нешто лошо и злонамерно во интенцијата да се обидете да ја надминете кризата на продуктивен начин? Имено, „Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис не се независни и професионални институции како што е предвидено во Законот. Македонската радиотелевизија нема независна уредувачка политика, ниту одржлив систем на финансирање. Отсуствува политички плурализам во медиумите, зачестен е говорот на омраза во медиумите, додека Агенцијата за медиуми е само нем сведок на овие негативни појави. Агенцијата не реагираше на тоа што Владата е еден од најголемите огласувачи во медиумите и со тоа прави упад во медиумскиот пазар и влијае на уредувачката политика на приватните медиуми…

 

МОЌТА НА ТРОНОТ ИЛИ НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС

Во оваа насока, ако го разгледаме предлогот кој тие го иницираа за исполнување на овој услов за излез од политичката криза, односно измените кои ги предложија, истите согласно нивната битност, се наведени или екстрахирани и синхронизирани со Извештајот на Прибе од минатата година, како и со/во Извештајот на Европската комисија. Се работи за измени во тековниот закон согласно кои „сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок без мешање и закани. Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и на политичките партии, додека јавниот национален сервис треба да настојува/да вложува напори да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии да придонесе кон информирано граѓанство. Едновремено, медиумите играат посебна важна улога во ситуации на политичка криза. Јавен интерес е нивната задача да откриваат можни грешки во функционирањето на државата или општеството. Јавните тела треба да се воздржат со обесхрабрувањето на медиумите за да си го изнесат/извршат нивниот мандат“.

Истото, сосема за крај од оваа анализа, се потврдува и со препораките за итни реформи со/во Извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ во насока на усогласување со законодавството на ЕУ, каде се вели дека „сите независни регулаторни тела, супервизорски и советодавни тела треба да имаат можност непречено да ги извршуваат своите задачи на проактивен и ефективен начин, без надворешно влијание и без политичка самоцензура при исполнување на нивните задачи. Треба да се обезбеди целосна транспарентност на владините реклами и да се создаде механизам кој ќе утврди дали неплатените огласи навистина се од јавен интерес. Едновремено, да се обезбеди дека јавноста ќе има пристап до објективно известување во медиумите, особено преку јавниот сервис затоа што сè уште не е обезбедена целосно независност на уредувачката политика на МРТВ. Неинфромирањето на јавноста за прашања кои се од јавен интерес, како што беше во случајот со прислушуваните разговори, ја намалува нејзината улога како јавен сервис“.

Оттука, политико, драги политичари и политичарки кои „работите“ согласно јавниот интерес, а сте избрани од народот заради реализирање и решавање на неговите потреби и проблеми, вие сте на потег: ќе доминира моќта за тронот или моралоста во постапувањето и во медиумскиот сектор, кога веќе до овој сегмент цврсто држите и неразумно инсистирате да го користите!

 

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести