verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Политика и зрелост: Младоста како хендикеп

on 5 - 02 - 2015       
Фитон, од грчката митологија, син на Сонцето (Хелиос), ја позајмува кочијата на татко си која се движи околу Земјата и ги менува денот и ноќта. Не можејќи да ги контролира коњите, тој паѓа многу ниско, создавајќи опасност од пожар. Умира откако е погоден од Зевс, кој интервенира да ја спаси Земјата. Како и митот за Икар, ова е предупредување за амибициите и неискуството на младоста. Слика: Peter Paul Rubens (1577-1640), Падот на Фитон. Фото: jean louis mazieres, 2014
Фитон, од грчката митологија, син на Хелиос (Сонцето), ја позајмува кочијата на татко си која се движи околу Земјата и ги менува денот и ноќта. Не можејќи да ги контролира коњите, паѓа многу ниско, создавајќи опасност од пожар. Умира откако е погоден од Зевс, кој интервенира за да ја спаси Земјата. Како и митот за Икар, ова е предупредување за амибициите и за неискуството на младоста. Слика: Peter Paul Rubens (1577-1640), Падот на Фитон. Фото: jean louis mazieres, 2014

 

Откако постои  државата Македонија (мислам од АСНОМ наваму), во сета таа кратка историја, голем хендикеп билo и тоа што во пресудни моменти политичкото раководството било премногу младо. Сигурно дека младоста на многу места може да биде предност и квалитет, но во државните работи тоа не оди така.

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Македонската јавност и медиумите никогаш не се занимавале со ова прашање. Мошне ретко во анализите било посочувано дека одредени работи се направени лошо токму заради недостиг од искуство. Зошто? Веројатно по толку време на влади, составени претежно од (пре)многу млади политичари, станало природно, па го поднесуваме овој таксират. Впрочем, сегашните новинари и немаат други искуства за да можат да проценат и да споредат.

Но, зошто младоста би била ограничувачка, зошто хендикеп? Има два ракурса низ кои може да се гледа на овој проблем. Едниот е искуството во светот на политиката во демократските системи, а другиот се резултатите на младата гарда политичари кои го направија она во што денес се препелкаме, без шанси во догледно време да се извлечеме.

Во демократскиот напреден свет, водењето државни работи претпоставува, пред сѐ, многу знаење, многу искуство, способност за примање и за одбирање совети, добро промислување, осет за историја и за историчност, мерка, транспарентен однос кон јавноста и, што е најважно, лична доблест и чувство за општествена одговорност. Тоа се претпоставки кои се подразбираат за оној кој сака да се занимава со оваа дејност. За сѐ ова е потребно темелно образование, значајна, исклучителна професионална кариера и добро морално воспитување. А, овие барања во младоста се сѐ уште недефинирани.

Ова тврдење е и историски потврдено. Безмалку ниеден политичар кој по некоја околност како млад дошол на врвот во политиката (зборуваме, нели, за демократските системи), не успеал да достигне и да остане запаметен по добрите нешта што ги направил. Се разбира, тука се исклучоците, но тоа се случува во моменти на вонредни ситуации, историски пресвртници во едно општество. Но, и тоа, само во мошне, мошне особени случаи. И успешниот период, по правило, трае многу кусо време.

 

ДРЖАВА И РЕВОЛУЦИЈА

Кај нас, во 1945 година, на чело на државата доаѓа Колишевски. Металски работник, без никаква биографија, освен партиската. Имал едвај триесет години. Во составот на првите влади, имало и повозрасни  личности кои набргу биле елиминирани (знаеле премногу) за да им отстапат место на младите рволуционерни кадри. Велам револуционерни, затоа што на прво место било спроведувањето револуција, а не создавањето држава. Се сметало дека ако е некој добар комунист, тогаш ќе биде и добар министер.

Со осамостојувањето на земјата во деведесеттите години на минатиот век, веројатно и тоа сфатено како еден нов вид револуција, грешките се повторуваат и, сѐ до денес, имаме смена на млади недостасани политичари, кои и покрај желбата да направат нешто добро, прават многу штети.

Бранко Црвеноковски станува премиер неколку дена пред да наполни  триесет години, Љубчо Георгиевски се фалеше дека во тоа време е најмладиот премиер во Европа, чие прво вработување беше претседател на влада! Она што го оставија зад себе само оди во прилог на тезата за младоста како хендикеп во политиката. Да не набројуваме, ќе земе премногу место, а и сеќавањата на последиците од нивното практицирање на највисока политика се премногу свежи за да мораме да се потсетуваме.

 

ФУНКЦИИ ЗА ЗАНИМАЦИЈА

Владата на Груевски е близу девет години на власт и постојано се подмладува! На еден дел од нив сѐ уште не им е јасно што работат и на  функциите гледаат како на лична занимација. Со многу малку свест за одговорноста за своите постапки. Постојано експериментираат, воведуваат нови правила, измислуваат неспроведливи закони и мерки, потоа експресно ги менуваат, не водејќи сметка за постојните. Поважна им е себепромоцијата, отколку функционирањето на општеството. (Има еден министер кому главна преокупација му е со што ќе ја изненади јавноста. И тоа задолжително во недела.) Главно барање кое тие треба да го задоволат е верноста кон „големиот шеф“, а не иднината на државата и на општеството. Тие се послушници кои сета кариера ја градат врз тоа да ги задоволат идеите(!?) и барањата на „големиот шеф“ и, се разбира, сопствената корист.

Зошто е тоа така? Пред сѐ, никој од нив не е доволно едуциран за да одговори на високите државнички барања. Формалното образование што го имаат би било во ред кога би било поврзано со некое стварно искуство. Сите нешто завршиле, некоја школа, некои семинари, советувања, едукативни курсеви… Има некои со магистратури и со докторати, но под голем сомнеж е нивната поткрепеност со интелектуални вештини. Но, најчесто, немаат поим од стварниот живот. Сите тие, пред да станат министри или одговорни чиновници, биле извесно кусо време во некои кабинети на, исто така, недоквакани министри. Нивните први вработувања биле, главно, на одговорни функции.

 


 „Сокак“ новинарство

„Зелениот“ состав на власта доби и свој одраз во новинарството. Бранко не даваше изјави и не сакаше многу да комуницира со медиуми (освен  кабинетски). Љубчо Георгиевски почна со давање изјави „од нога“, со нарачани прашања и секогаш со намера која му оди во прилог. Тој разговараше само со симпатични новинарки, кои и да имаа можност да го прашаат, немаше да знаат што. Со сериозни новинари – никако! Таа практика се продолжи и роди еден вид „сокак“ новинарство кое опстојува до денес. Сите се подготвени да одговараат на нарачани прашања, никој не сака да се соочи со јавноста и да одговара на суштински и за нив непријатни прашања.

Таквата атмосфера изнедри „новинарски“ креатури од типот на Миленко и на Јанко. Сите врвни (!?) политичари одат со задоволство кај нив и фингираат медиумски слободи. Се создаде посебен вид новинарство наречено „јадибурек“ или  нешто друго. Јавноста е поразена!


 

Нивната недоволна едуцираност ќе ја препознаете и по сосема скромниот фонд на зборови, кои ги употребуваат и по начинот на кој се изразуваат или кога се притеснети од непријатни ситуации или прашања. Од таквите ситуации се вадат со напад, а не со одбрана на ставот. Кога некој ќе ги стави во тесно, инфантилно возвраќаат во стилот: „а тебе носот ти е крив!“ Комуницираат со медиумите и со јавноста само кога тоа ним им одговара. Културата во однесувањето им е туѓа. Нааканоста им е одбранбен систем. Измислуваат детски фазони за да привлечат внимание. Премиерот мисли дека е голем „фахман“ што редовно доцни и сите, нели, него го чекаат! Јака работа! Сите се плашат од него, а тој почнува да мисли дека е нешто посебно. Еден од (без)бројните советници на премиерот, кој не е зависен (професионално и материјално) од него и може да му ги каже своите опсервации, постојано е заседнат од министри и од функционери кои го молат на премиерот да му каже нешто што тие не се осмелуваат.

 

ВЕТУВААТ – НЕ ИСПОЛНУВААТ

Лесно ветуваат, а потоа не исполнуваат. Кога некоја нова играчка ќе им се види поинтересна, ја отфрлаат старата. И бидејќи ги запоседнаа безмалку сите медиуми и нема опасност да се доведе во прашање кредибилноста на власта, почнуваат да мислат дека се од Бога дадени, дека се генијални, над сите… Тогаш почнува губењето на врската со стварноста, која и онака едвај да ја познаваат, почнуваат да газат по сѐ што може да им го наруши комодитетот. Околу нив се намножуваат додворувачи во вид на советници (и тие премлади) кои уште повеќе им ја замаглуваат врската со стварноста.

Почнува идентификација со државата и, кога тие лично се засегнати, тогаш нормално е дека и државата е засегната. Тоа особено добро се гледа во актуелната афера „Пуч“.

Но, штетите од нивното лошо и предолго владеење генерираат. За кусо време, што од неискуството, што како последица на недоволната едуцираност, или под влијание на лоши совети, направија огромна поделеност во македонското општество. По димензии иста како што тоа го правеа комунистите по војната. Ги поделија луѓето на „наши“ и на „ваши“. Притоа „нашите“ имаат привилегии на штета на „вашите“.

Неопитни, недоволно потковани, се втурнаа во идентитеско преиначување на историјата, со последици што ќе се чувствуваат со генерации натаму. На тоа се прилепи и архитектонскиот кич, кој долго ќе ги потсетува луѓето до каде може да оди лудоста на една недоветна, неконтролираната и наакана власт.

Проблемот со вака устроените системи е што власта не ја напуштаат на нормален, мирен начин и доброволно. Тоа е сега на сцена. Разврската следи, но и таа ќе биде таква каква што е власта. Лоша!

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести