verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Под сенката на дудинките

on 14 - 05 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Just a sign of picking mulberry

Валкани раце на тастатура – од берење дудинки. Фото: Sina S, 2010

 

Кој јадел дудинки знае: освен што рацете, устата и забите ќе ви добијат темно виолетова боја, дамките од дудинки на облеката едноставно не се мијат.

 

На почетокот на минатиот век во Сплит и некои други градови во Далмација шеталиштето покрај морскиот брег , рива, како што ја нарекуваат , беше со дрворед од дудинки. Се додека на локалните жители не им дојде преку глава од зрелите плодови на дрвото кои паѓаа на земја, се лепеа на чевлите од минувачите и така се разнесуваа насекаде. А, кој јадел дудинки знае: освен што рацете, устата и забите ќе ви добијат темно виолетова боја, дамките од дудинки на облеката едноставно не се мијат.

Дамката што една интернет дудинка ја направи врз јавниот збор во Македонија, исто така, тешко ќе се измие. Списокот на предавници споредени со „чиреви“ што треба хируршки да бидат исечени од здравото патриотско ткиво на Македонија, иако заврши во обвинителство „на разгледување“ не предизвика особен револт во новинарската заедница. Навикнавме? Отрпнавме? Или веќе немаме идеја  како да се спротивставиме?

Во некои нормални времиња ќе можевме да се повикаме на саморегулација како инструмент за одбрана на новинарството како професија која не заслужува да стане синоним на контиуниран пад на пристојноста и на човечноста. Но, тоа беше во некои нормални времиња.  Денес тоа не е можно. Не затоа што двете саморегулативни тела, Советот на честа на ЗНМ и Советот за етика, ни се „на апарати“. Првиот веќе одамна е нефункционален, а вториот е во инкубатор и се чека да созрее за да има макар минимални шанси да преживее во средина драматично контаминирана со постојани пресметки, вербално насилство и комплетно уривање на професионалните стандарди.

 

Новинарството треба да се справи со вулгарните полтрони и кариеристи

 

И кога би биле витални и силни овие две саморегулативни тела, напросто не би имале шанси. Оттаму, да не бидеме престроги во оценките што се базираат врз нереални очекувања. Саморегулацијата во македонското новинарство нема да биде можна сѐ додека тоа самото не се справи со вулгарните полтрони и кариеристи што се обидуваат да профитираат или прават сѐ да не го изгубат профитот.

Драматичниот пад на професионалноста, дури и на  елементарната човечност во медиумскиот простор, ако ништо друго, барем нѐ соочуваат со сопственото дно, со потребата нешто да се измени. Но, само со потребата. За работите да се придвижат од констатација до реализација, не се доволни само новинарски лекции и празни апели. Ова зашто кога повикот за линч доаѓа од човек, кој не е самопрогласен, туку е навистина главен медиумски лик, еден од ретките кој има привилегија да ги интервјуира премиерот и сите владини министри, кој ни се обраќа преку радио, весник, телевизија и интернет, секој  апел за разум, за професионалност, делува бледо и ја промашува целта. Ако целта е да се разбуди разумот.

Испишани се страници и страници текстови за опасностите од говорот на омразата, цела серија проекти фокусирани токму на тој проблем финансирани од странските донации, но, се чини дека ефектот не само што го нема, туку е и спротивен. Затоа што ги адресираат последиците, а не причините.

Исклучително наивно, па дури и неодговорно би било да се мисли дека омразата се раѓа случајно, стихијно, сама од себе или, пак, е емотивен, спонтан одговор на некоја состојба или настан. Токму спротивното, таа е осмислен проект  што се  произведува  со сериозен политички ангажман.

 

Извориштето на говорот на омраза еманира од носителите на власта

 

Оттаму извориштето на говорот на омразата, што сега доминира во јавниот диксурс, не е последица на ниското ниво на етичност и човештина кај некои медиумски ликови, не е ниту во етички несензибилизираната јавност, туку е во омразата што еманира од носителите на власта. Ја има во нивните изјави во кои нема место за поинаквите, ја има во акциите со кои се пресметува со сите кои се таргетирани како непријатели, во постапките, во погледите, во сфаќањето на демократијата како терор на мнозинството врз неистомислениците.

Сѐ додека омразата доминира во владејачкиот политички дискурс, никаков обид за  саморегулација во новинарството, ниту  граѓански одговор на вербалното насилство, нема да има успех. Перманентната пропаганда и поттикнувањето поделби ја доведува јавноста во состојба на непресметливост, а во таква состојба е илузорно да се повикувате на разум. Општествените нормативи не само што не функционираат, туку и се претвораат во своја спротивност.

Омразата го разјадува општественото ткиво. Се размножува со проста делба. Се храни од малогранѓанштината на чии што скриени симпатии секогаш може да смета. Како поинаку да се објасни реагирањето  на класичниот говор на омраза како на само малку „посилен“ и „емотивен“ изблик на патриотизмот. Меѓутоа, проблемот со говорот на омразата е во тоа што тој во себе носи повик за акција и не застанува само на вербална активност.

Што е решение тогаш? Да се валкаме во дудинките распослани на главното шеталиште и да ги прифатиме виолетовите дамки како нормални?

Или да ги замениме дудинките  со палми како што тоа го направија сплиќаните во 1921 година?  Но, нив не ги дислоцираа граѓаните, туку  градските власти, како одговор на барањата на локалното население,  на кое му збоктисаа валканците и дамките што не се перат. Проблемот е што на нашите власти дудинките не само што не им пречат, туку и ги садат каде ќе стигнат.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести