verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Освен за настапот на Груевски, медиумите со молк за Генералното собрание на ООН

on 1 - 10 - 2013       
Овој напис го има и на: Англиски

Медиумите не смеат да дозволат граѓаните на Македонија да бидат затворени во оградите на тесниот, малограѓански интерес и да бидат потполно надвор од глобалните текови на развој. 

UN_General_Assembly_hall

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Една од карактеристиките на современото општествено организирање е поврзаноста на државите, нивната меѓусебна зависност и се разбира, заедничките стандарди кои се обидуваат да ги изградат во рамките на меѓународните структури.

Можноста секоја држава да учествува во расправата за овие стандарди, да биде дел од одлучувањето и да инвестира во заедничката иднина, претставува едно од најголемите достигнувања на современата цивилизација.

Состаноците на највисоките меѓународни тела (на пример: Генералното собрание на ООН или, Советот за човекови права) се местата каде што се отвораат темите од заеднички интерес, каде што се дебатира и се носат документи од важност за голем број држави/луѓе.

На пример, на актуелната/68 сесија на Генералното собрание на ООН, како точки на дневен ред се поставени:  Промоција на одржлив економски раст и одржлив развој во согласност со релевантните резолуции на Генералното собрание и најновите ООН конференции (каде што се сместени борбата со сиромаштијата, домувањето, земјоделието и безбедноста на храната, глобализацијата и меѓузависноста, социјалниот развој, напредокот на жените), одржување на меѓународниот мир и сигурност, промоција на човековите права, промоцијата на правдата и меѓународното право, разоружување, контрола на наркотици, превенција на криминал…

Меѓу останатите средби на највисоко ниво, на 23.09.2013 е одржана средба за попреченоста и развојот (прва од овој вид) под наслов “Патот нанапред: агенда за инклузивен развој за попреченоста кон 2015 и потоа“ (за реализација на милениумските развојни цели и останатите договорени развојни цели на меѓународно ниво за лицата со попреченост).

Во рамките на истата, 68 сесија на Генералното собрание, како историска е идентификувана и средбата одржана на 26.09.2013, на која е побарано од државите да ги обноват напорите за изградба на свет ослободен од нуклеарно оружје, односно, да “…ја обноват посветеноста за изградба на свет ослободен од страв“.

Во истиот овој период се одржува и редовниот годишен состанок на Советот за човекови права на ООН (во Женева) за чие членство е заинтересирана и Македонија (што го покажува и кандидирањето за периодот 2014-2016 година).

Од исклучителна важност за граѓаните е да добијат соодветни информации за овој вид настани, за темите кои се на дневен ред и одлуките кои ќе бидат донесени. Овој вид информации претставуваат моќна алатка во рацете на граѓаните во остварувањето на нивните права и слободи на национално ниво. Медиумите го претставуваат основниот извор на овој вид информации. Тие се првиот аналитичар, тие ги брифираат граѓаните, селектираат и извлекуваат поенти.

Како известуваа за овие два исклучително важни меѓународни настани медиумите во Република Македонија?

  1. Во ниту еден од медиумите не се појави ниту елементарна информација за тоа што се расправа на 68-та сесија на Генералното собрание на ООН или на редовниот годишен состанок на Советот за човекови права во Женева. Медиумите во Република Македонија не сметаат дека е потребно македонските граѓани да добијат било какви информации за случувањата во светот кои ја брануваат меѓународната сцена, за основните загрижи кои ги надминуваат границите на Македонија, за прашањата на здравата храна, сиромаштијата, дискриминацијата, нуклеарното оружје, ….
  2. Во медиумите се појавија огромен број написи, информации, репортажи и известувања поврзани со престојот на премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Никола Попоски во САД во периодот на одржување на 68-мата сесија на Генералното собрание на ООН.

Што најдовме во македонските медиуми?

  • Прво – конфузија за тоа дали премиерот присуствува на сесијата на Генералното собрание на ООН или, пак, е во посета на САД.

Во дел од медиумите конфузијата е направена уште во самиот наслов (Премиерот Никола Груевски во работна посета на Соединетите Американски Држави, Набиена агенда на Груевски во САД, Груевски во работна посета на Соединетите Американски Држави, Груевски со интензивна политичко-економка агенда вo САД), додека пак поголем дел го спомнуваат Генералното собрание на ООН во насловот, меѓутоа целокупната, или, поголем дел од содржината на информацијата се однесува на посета на Груевски на САД (Македонската делегација со бројни активности на Генералното собрание на ОН, Груевски и Попоски во Њујорк, Груевски и Попоски во Њујорк, нема детали за договорени средби, Груевски ќе се обрати пред Генералното собрание на ООН, Премиерот Груевски со обраќање на Генералното собрание на ОН во петок).

Во дел од медиумите се употребува интересна фраза “Во рамки на работниот дел од посетата на САД, …“ која внесува дополнителна забуна. Имено, повторно се спомнува посета на САД, а потоа таа се прогласува за работна, најверојатно во споредба со “неработниот дел“ поврзан со Генералното собрание на ООН.

  • Второ – штуро пренесување на соопштението дадено од страна на МНР со просто набројување на предвидените активности на министерот Никола Поповски (Попоски на генералната дебата на 68-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации,
  • Трето – отворени дезинформации, како онаа пласирана на ТВ Сител под наслов “Македонија ќе биде дел од дебатата во ООН“, од кои може да се стекне впечаток дека прашањето на Македонија е ставено на дневен ред на Генералното собрание на ООН, и се разбира,
  • Четврто – главната вест на денот: Груевски на вечера кај претседателот на САД, со која отворено се манипулираат граѓаните кои стекнуваат впечаток дека станува збор за средба на двајцата претседатели, наместо за протоколарна фотографија во рамките на вечера која претседателот на САД, Обама, ја организира за широкиот збир на претставници на држави собрани во Њујорк во рамките на одржувањето на сесијата на Генералното собрание на ООН.

Дури ни колумнистите не успеваат да го надминат тесниот видокруг на националниот интерес низ кој се следат сите меѓународни настани.

Единствен обид за анализа (иако повторно само од перспектива на формалната положба на Македонија) е направен во весникот Нова Македонија,  под наслов “Малите земји се на дневен ред само ако се во неволја“, а минимален исчекор во пренесувањето на мал дел од содржините поврзани со сесијата на Генералното собрание на ООН претставува информацијата под наслов “Рохани го повика Израел да се присоедини кон Договорот за нераспространување нуклеарно оружје“.

Што требаа да направат медиумите:

  • Да дадат соодветни информации за содржината на меѓународните настани (од аспект на глобалните предизвици и од аспект на темите кои се од важност за Република Македонија)
  • Да направат врска меѓу темите кои се предмет на расправа со актуелните ситуации во Република Македонија (да промовираат одредени теми, да изнесат контраверзи, да постават прашања и да прошират сознанија)
  • Да ги информираат граѓаните за резолуциите и другите документи кои произлегуваат од конкретните средби (а кои стануваат можни основи за натамошни промени на стандардите во светот и кај нас)
  • Да ги информираат граѓаните за настапите на високите функционери од Република Македонија пред меѓународните форуми и да направат врска со нивните настапи/ставови по исти или слични теми изнесени во државата
  • Да постават прашања во случај на контрадикторност меѓу она што го зборуваат/прават високите функционери пред меѓународните форуми и она што го зборуваат/прават во државата.

Медиумите не смеат да дозволат граѓаните на Македонија да бидат затворени во оградите на тесниот, малограѓански интерес и да бидат потполно надвор од глобалните текови на развој. Само граѓаните кои имаат информации за она што се случува надвор од границите на државата, а посебно на меѓународен план, можат да споредуваат, можат да ги градат своите очекувања во однос на власта, можат да критикуваат и можат да бараат соодветно почитување, промовирање и заштита на нивните основни права и слободи.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести