verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Остварлив ли е Фондот за професионални медиуми

on 19 - 09 - 2014       
Фондот за истражувачко новинарство на Хафингтон Пост. Скриншот: Jürg Vollmer, 2009

Фондот за истражувачко новинарство на Хафингтон Пост. Скриншот: Jürg Vollmer, 2009

 

Еден предлог за подобрување на состојбата со медиумите, кој летово го лансираше пратеник од владејачката коалиција, остана некако без одглас и без нужно внимание во јавноста. Никој не поверува оти Павле Трајанов навистина има моќ да ја протурка идејата за основање фонд за професионални медиуми, независни од партиско-политичко влијание, во кој пари ќе вложи и државата, но и приватни бизнисмени, домашни и странски фондации. Трајанов ги повика и новинарите да ја поддржат оваа идеја, но изостанаа поголеми реакции или поддршка, зашто идејата на многумина им се чини утописка.

 

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

 

Веројатно Владата на Груевски сметаше оти е доволно своите војници да ги ротира во воената мисијата во Авганистан и како папагал секоја година да повторува оти ги остварува реформите во одбраната за да добива потврда за својата посветеност кон зачленувањето во НАТО. Но, на последниот самит во Кардиф, покрај оловната рампа – спорот за името, Алијансата реши да ја потсети Македонија и на вредностите кои земјите членки треба да ги споделуваат. Значи, сега добивме и црно-на-бело оти не е доволно само да се биде „шоулдер то шоулдер“ (раме до раме) со партнерите во воените мисии, да ја опремуваме армијата по стандардите на НАТО, да ги зголемуваме трошоците за одбраната (задача која Владата, исто така, ја саботира за сметка на зголемување на буџетот на полицијата), туку членството во Северноатлантскиот сојуз подразбира одбрана на заедничките вредности – демократија, политички дијалог, човекови права, независно судство, слобода на печатот.

Така некако, неочекувано за Груевски, слободата на медиумите влезе во домашните задачи кои Македонија треба да ги заврши за да стане рамноправен партнер на елитниот клуб. Деновиве разбравме оти и новиот американски амбасадор, Џес Бејли, на сослушувањето во Сенатот изјавил оти негова мисија во Македонија, покрај помош на Владата да го реши спорот за името, се и политичкиот дијалог, демократијата, јакнење на независното судство и слободата на медиумите.

 

СОСТОЈБАТА СО МЕДИУМИТЕ – ЦЕЛОСНО ПОД МРАЗ

За жал, помина една година од истите задачи кои Владата ги доби од Европската унија, наближува и новиот извештај од Европската комисија за напредокот на државата, а состојбите во Македонија само се влошуваат. Под силен притисок од Брисел и претставничката на ОБСЕ за слобода на печатот, Дуња Мијатовиќ, Груевски лани го замени притворот на Кежаровски со домашен, неволно почна некаков дијалог со новинарите, но на сличен начин како и политичкиот дијалог со опозицијата, неискрено и силнички го саботира. ДПМНЕ не престана да ја девалвира новинарската заедница, претседателот на Здружението на новинарите постојано го жигосува во јавноста, сугерирајќи оти работи за туѓи интереси. Во судовите останаа да висат бројни процеси во првостепена или второстепена постапка во кои високи партиски и државни функционери на ДПМНЕ бараат огромни суми отштета за наводна клевета, кои иако се сега ограничени на вкупна сума од 20.000 евра, сѐ уште можат да го загрозат опстојувањето на слободните медиуми и новинари. За разлика од лошиот обид со инсталирање патриотска опозиција во Собранието, кој се сведе на три „гладни“ пратенички, со многу пари на Владата ѝ успеа да фингира алтернативна новинарска заедница и да ја вметне во законот и покрај тоа што кредибилитетот на здружението на Латас и Ивона во меѓувреме е торпедиран од аферата „Ивонагејт“. Засега, ДПМНЕ го хибернира проектот „државен новинарски синдикат“, како владин пандан на независниот, но не се откажува сосема од таа идеја, особено ако се има предвид како власта годинава „брише под“ со непослушните синдикати од образованието и здравството. Во меѓувреме, имаше и скандалозни измени на новиот закон за медиумите, во делот на аудио-визуелните услуги за кои новинарите никој ништо не ги праша, а апелација, поради наводна грешка, надвор од сите законски и човечки критериуми, случајот на Кежаровски го влече цела година, загрозувајќи ја егзистенцијата на новинарот и неговото семејство и истовремено втерувајќи страв кај слободоумните новинари дека многу лесно може и тие „предавници“ да се најдат зад решетки.

Состојбата со медиумите е целосно под мраз заедно со политичкиот дијалог за враќање на опозицијата во парламентот и сомневањето во можниот притисок од Брисел за омекнување на режимот.

Груевски веројатно се надеваше оти поради одлуката за петгодишна пауза во проширувањето, Европската унија многу помалку ќе се занимава со степенот на демократијата и слободата во Македонија, но по Берлинската конференција за Западен Балкан, на која Германија ја презеде задачата да ги упристои преостанатите авторитарни балкански вилаети, извесно е оти ќе мора да продолжи дијалогот со опозицијата и да се поправаат и другите состојби поврзани со копенхагенските критериуми за членство во ЕУ.

Значи, ако дијалогот со опозицијата наскоро почне да дава некаков резултат, можно е мало поместување во улогата на јавниот сервис МРТВ, на чија отвореност, професионалност и непристрасност треба да инсистира СДСМ, а не само на простор за опозицијата на ТВ програмата, за што пишував минатиот пат, поддржувајќи ја идејата за независен генерален директор.

 

ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА НА ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ ПРОТИВ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

Но, што со преостанатата медиумска пустина? Еден предлог за подобрување на состојбата со медиумите, кој летово го лансираше пратеник од владејачката коалиција, остана некако без одглас и без нужно внимание во јавноста. Едноставно, никој не поверува оти Павле Трајанов навистина има моќ да ја протурка идејата за основање фонд за професионални медиуми, независни од партиско-политичко влијание, во кој пари ќе вложи и државата, но и приватни бизнисмени, домашни и странски фондации. Трајанов ги повика и новинарите да ја поддржат оваа идеја, но изостанаа поголеми реакции или поддршка, зашто идејата на многумина им се чини утописка. Впрочем, ДПМНЕ вложи многу труд – слободните и независни медиуми во јавноста да ги прикаже оти се директно политички и финансиски поврзани со опозицијата, или уште полошо оти застапуваат туѓи, најчесто грчки непријателски интереси и да создаде чувство кај новинарите оти одбраната на партиските интереси на власта е своевиден патриотизам. Оттаму, може да се чини оти и идејата на Трајанов поаѓа од фактот дека сите медиуми се во ист кош – и владините медиумски труби и слободните медиуми.

Како и да е, на овој предлог треба да му се даде кредит и да се признае оти во сите медиуми, владини, опозициски, партиски, независни, слободни итн., особено на порталите, како никогаш досега недостасува професионализам, објективно и балансирано информирање, има премногу етикетирања и говор на омраза, иако Владата е таа што поттикнува, промовира и финансира таква медиумска атмосфера.

Оттаму, идејата за основање фонд за професионални и независни медиуми како цел не треба да има само создавање нови медиуми со професионален пристап – туку многу повеќе да го помага и поттикнува професионализмот во постоечките. Ова треба силно да го поддржи целата новинарска заедница и особено слободните медиуми и новинарите, кои промените треба да ги направат прво во сопствениот двор. Идејата треба да се разработи и да им се понуди и на претставниците на Европската унија, ОБСЕ, НАТО, амбасадорите на земјите членки на ЕУ и на други заинтересирани меѓународни организации, на сите фактори од власта, опозицијата, бизнис заедницата, локалната самоуправа, професионалните здруженија, синдикатите.

ЕУ може да ја натера Владата и заедно да финансираат кампања за професионализам во медиумите и кампања против говорот на омраза, што е исто онолку важно колку и почитувањето на сообраќајните правила. Во преговорите со Груевски, Заев може да понуди да потпишат заедничка декларација против говорот на омраза, црната политичка пропаганда и за објективно и професионално информирање.

Се разбира, многу тешко ќе биде да се натера Владата да се откаже од отстрелот на политичките противници и од диктирањето на редоследот и содржината на вестите на доминантните медиуми од партискиот центар. Власта на ДПМНЕ се потпира на трите столба на авторитарниот режим – пари, сила и пропаганда. Без еден од нив, таа ќе се урне како кула од карти и затоа таа мисија може да изгледа невозможна. Сепак, тоа не значи дека треба да престанат нашите искрени напори за слобода на печатот со постојано промовирање и поддршка на разумни предлози и идеи.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести