verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарството во забавата и во естрадата: Храна за очи, пост за интелектот

on 2 - 05 - 2016       
Разголени тела и шолји - забавно новинарство: за очите скокотливо, за умот празно. ФотоЧ скриншот
Разголени тела и шолји – забавно новинарство: за очите скокотливо, за умот празно. Фото: скриншот

 

„Зарем нема материјал во податокот зошто еден тинејџер ја пее „Умирем од цирозу“ и го обожава пејачот, а не знае дали „Зајди, зајди“ е народна или авторска македонска песна и првпат слуша за Александар Сариевски. Зошто, нашите најмлади таленти се принудени да поминат илјадници километри за да докажат дека знаат да пеат? Кој се запрашал што се случува со нашата музичка продукција. Зарем е возможно, во време кога се делат субвенции или помош за пејачите, најмалку да се слуша македонска музика?“

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Правилата во новинарството важат за сите новинари без разлика која проблематика од општеството ја покриваат и во која рубрика во медиумот работат. Ниту Кодексот на новинари не прави поделба на новинари во забавна, спортска или политичка рубрика, туку едноставно истакнува дека:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Сепак, со појавата на порталите, без доволна контрола врз нив, сè почесто во етерот (интернет) се пласираат вести кои отскокнуваат од стандардите на професијата, а се сместени во забавните рубрики или во медиумите кои се насочени кон естрадата и кон жолтиот израз.

 

БИДИ НОВИНАР

Така, во последно време може да се прочитаат текстови со провокативни наслови од типот: „Аууу, страшно! Еве како Маца го задоволува своето момче!“, кои на највулгарен начин ја провоцираат публиката за кликнување повеќе. Таканаречените реални шоуа, пак, се како „кец на десетка“ за порталите кои се ориентирани кон естрадата и кон забавата. Доволно е да има малку еротика (повеќе личи на порнографија) и провокативни ликови и да се наполнат порталите со „вести“. Но, дали секој вест заслужува да биде тоа?

Долгодишниот новинар и уредник Бранко Героски во својата книга „Биди новинар“, вели дека една вест вреди да стане вест кога има новост.

„Секојдневно восприемаш стотици информации што не содржат новост. Ти можеби токму денеска си дознал дека автобусот број „23“ оди во населбата Аеродром или дека возот за Битола тргнува во 6 часот наутро. Но, за пошироката публика тоа не е никаква новост. Златното правило, значи, е едноставно: нема новост – нема вест. Никој не купува бајати вести. Да бидеш ексклузивен во оваа професија значи да ги откриваш новостите пред другите“, вели Геровски во својата книга.

Втората работа која, исто така, треба да ја има една вест, пишува Героски, е импактот.

„Колку повеќе луѓе се засегнати од твојата вест, толку повеќе таа вреди да се објави. Она за што известуваш секогаш има определено значење во животот на твоите читатели. Степенот на засегнатоста на луѓето се совпаѓа со нивниот вредносен систем. Тие се најзагрижени за сопствениот живот, за сопственото здравје и за сопствената безбедност. Оттаму, настаните што ги загрозуваат овие вредности предизвикуваат најголемо внимание, па затоа иинформациите за тие настани се највредни. Вестите за големите природни катастрофи, војни, болести, несреќи, убиства и слично, најмногу ги засегнуваат твоите читатели. Пласманот на веста, нејзиниот обем и начинот на структурирање зависат од едно едноставно прашање што ти и твојот уредник мора да си го поставите пред да седнеш да пишуваш: кого засегнува тоа? Оној дел од твојата информација што содржи најголем импакт ќе го определите како најважен. „Тоа е веста“, ќе воскликне уредникот“, пишува Героски.

Но, дали овие вести, кои се на работ на професионалноста имаат импакт во јавноста, со оглед на тоа што заземаат голем простор во медиумите?

 

УРИВАЊЕ НА ЕТИЧКИТЕ НОРМИ

Според Тимчо Апостолов, новинар во пензија и долгогодишен главен и одговорен уредник на ревијата „Екран“, во ова време кога стандардот на поголемиот број граѓани падна до работ на голо преживување, прични за радост и за веселби има сè помалку. Токму затоа, според него, има сè помалку задоволни и насмеани лица и сè помалку вистинска забава, додека сиротинската забава цвета во телевизиите, кои прикажуваат емисии преку кои ѕиркаме во туѓите животи.

„Таканареченото забавно новинарство, односно жолтиот печат во последниве години го изгуби приматот од рубриките во медиумите кои се занимаваат со политика. Речникот на политичарите, новинарите и на аналитичарите доста успешно и впечатливо  ги замени вулгарните изрази, лагите и простаклукот на старлетите и луѓето со сомнително минато и педигре. Така што сега читателите немаат избор“, вели Апостолов.

Забавните печатени медиуми доминираат на киосците и затоа, вели Апостолов, драматично паѓа тиражот на сериозните дневни весници и на неделниците. Тие, тврди тој, полека пропаѓаат или се редизајнираат така што читателите сè повеќе ги гледаат отколку што ги читаат. Во изминатите 10 години, објаснува Апостолов, во Европската Унија вкупната продажба на печатените медиуми е опадната за милион  примероци дневно. Дури и во Јапонија, чии жители се најголемите купувачи на весници, продажбата е опадната за 2,2 отсто.

„Сличен циклус има и популарната музика, која преточена во спот станува многу гледана телевизиска содржина, исто како и „петпарачките“ ТВ-серии. Дискусиите  околку згодите, незгодите и траумите кои ги доживеале јунаците од ТВ-серијалите стануваат задолжително мени при утринскиот ритуал на пиењето кафе. Дали го виде меѓуножјето на таа и таа пејачка или старалета, го гледаше ли клипот во кој сопругата на познат бизнисмен му удира шамари, слушна ли како оној уредник и директор раговараат како се ‘онадуела’ некоја нивна згодна колешка… ги гледаше ли  како се сексаат во реалити шоуа оние кои до пред неколку дена очи ќе си извадеа… Забавното новинарсто во трката за поголем тираж, читај профит, многу брзо ги урна сите етички и морални критериуми, форсирајќи сензационалистички содржини и фотографии кои длабоко навлегуваат во интимата, не само на познатите и популарните личности, туку и на обичните  граѓани. Денес не можете, на пример, да прочитате сериозен извештај за понудената содржина на одредена манифестација, за пофалбите и за критиките  за еден музички фестивал, модна ревија, рок-концерт… Во извештите наместо за квалитетот на понудените песни на некој  фестивал, написот главно ги содржи скандалите околу наградите, меѓусебните пресметки на авторите, кој со кого се дружел или имал секс, кој како бил облечен, фотографии од политичари, бизнисмени…“, вели Апостолов.

 

ОДГОВОРОТ Е ВО НАШЕТО ПЕРО

Новинарката во „Дневник“, Соња Алексовска-Неделковска прашува:

„Музичко новинарство? Зарем тоа го има на македонската медиумска сцена? Кога последен пат сте прочитале рецензија за албум на изведувач или група? Ама, сигурно наизуст сте ги научиле сите факти поврзани со нивниот приватен живот, дали се разбудиле полуголи, расположени или на лева нога. Каде го минале попладнето, со кого ќе ја завршат вечерта“, вели Алексовска.

Според неа, музичкото новинарство се стопи од силниот „блесок на фејсбук-новинарството“. Главна вест е фотографијата на која ѕвездата се шминка седната на покриена шолја во тоалет.

„Или на која ги пупи усните, провоцирајќи истовремено со дел од своето бујно деколте. Со кои зборови ќе биде поткрепена фотографијата, зависи од креативноста на новинарот. Но, понекогаш тоа не е ни важно! Битно е да се нахранат очите, а не интелектот. Народот сака убавина! Штета, навистина штета што така си ги потценуваме нашите читатели. Не сум противник на преземање фотографии од „Фесјбук“ на ѕвездите, кои се поткрепуваат со петпарачки текстови и трачеви. Но, мора ли тоа да биде единствениот начин на извршување на работната обврска“, прашува таа.

Нашата музичка сцена, вели Алексовска, нуди тематското разнообразие во повеќе сегменти. Според неа, од нас зависи колку сме подготвени да ги согледаме, анализираме и да ги презентираме.

„Зарем нема материјал во податокот зошто еден тинејџер ја пее „Умирем од цирозу“ и го обожава пејачот, а не знае дали „Зајди, зајди“ е народна или авторска македонска песна и првпат слуша за Александар Сариевски. Зошто нашите најмлади таленти се принудени да поминат илјадници километри за да докажат дека знаат да пеат? Кој се запрашал што се случува со нашата музичка продукција. Зарем е возможно, во време кога се делат субвенции, или помош за пејачите, најмалку да се слуша македонска музика? Одговорите лежат само во нашето перо. Колку ќе го изостриме, толку и ќе се издигнеме. Нема да служиме само да пополниме простор во весник или на бев-страница.  Тоа добро го знаеме и ние, новинарите од зaбавната редакција на „Дневник“. Се трудиме да бидеме поинакви и да внесеме сериозност и во забавата, со нашите теми, анализи и коментари за севкупната состојба на македонската музичка сцена“, вели Алексовска.

Посакуваме, не само ние, вели таа, туку и другите колеги, еден убав ден со нашите истражувачки стории да им бидеме конкуренција на оние поврвните новинари, за некоја од наградите.

„Само така ќе се издигнеме од ова дереџе кај што сме, во кое никој не нè есапи. Ниту ѕвездите на сцената, ниту ѕвездите во новинарството“, заклучува Алексовска.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести