verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарството е мртво, да живее гласот на народот?!

on 4 - 02 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Фото: Nicolas Alejandro, 2013
Фото: Nicolas Alejandro, 2013

Новиот дигитален формат е фиксиран за телефонски екрани, се мери во зборови, слогови, малечки икони и заразни видеоисечоци, а не во пасуси. Во тој „новинарски“ свет проверката на фактите и на изворите на вестите се прави ретко, ако веќе не е и практично невозможно. Контекстот, таа круна на доброто новинарство, повеќе не е толку важен – се бара брзина и атрактивност.

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Припаѓам на малцинството новинари што сметаат дека нашата професија, новинарството, е осудена на исчезнување. Барем во смисла на тоа дека новинарите ги разбираме како луѓе кои собираат вести и, применувајќи одредени професионални стандарди, ги подготвуваат за објавување во масовните медиуми. Како такви, наскоро – веројатно за помалку од две децении – ќе станеме непотребни.

Исчезнувањето на новинарската професија обично го илустрирам со улогата на коњите во модерната цивилизација: само до пред стотина години, не можеше да се замисли живот без коњи како клучен дел од човечкото секојдневие во земјоделството, транспортот, водењето на војните или изградбата на мирот; меѓутоа, ако утре исчезне и последниот пастув – претставник на тие прекрасни, елегантни суштества – ништо значајно нема да се смени во нашиот начин на живеење. Коњите се убави, но нивната „професија“ е непотребна во модерната човечка цивилизација. Наскоро, се плашам, истото ги чека и новинарите.

Навистина, интернетот го измени светот како што никој не претпоставуваше кога беше измислен пред неколку децении. Го смени не само начинот на комуникација и на собирање вести и други информации (преку „демократија во дистрибуцијата“, како што вели Ом Малик), туку ги смени и секојдневните навики и основните сфаќања за концептите на приватноста, анонимноста, за одговорноста во јавна дебата и за учеството во водењето на политиката.

Повозрасната старосна група која е цел на новинарското информирање, онаа што опуштено читаше дневен печат наутро и со часови гледаше вести пред телевизорите, полека исчезнува. Помладата публика сѐ помалку се информира од традиционалните платформи за известување. На пример, едно скорешно истражување за однесувањето на децата во Велика Британија покажува дека првпат дури две третини од британските деца имаат таблет-уреди и дневно поминуваат повеќе време на интернет отколку пред телевизор. Можеби на таблет-уредите и мобилните телефони и понатаму гледаат телевизија, но бараат „on demand“ содржини, а не програма во живо. Во моментов, таа генерација дневно минува три часа на интернет, а два часа пред ТВ-приемникот. Да, дебатата околу програмските формати и содржина е и понатаму отворена, но трендовите во медиумските платформи се непобитни. За две децении овие деца нема ни да знаат дека телевизорот, некогаш, бил клучен канал за протек на вести и на информации во светот на нивните родители.

А и којзнае што ни подготвуваат во иновативните погони на „Епл“, но каква и да е идната популарна технологија, веројатно е дека и на хардверско и на софтверско ниво таа ќе биде уште помобилна, поприлагодена на личниот вкус, со уште помали уреди (поткожно вградени, на пример, зад нашите уши или со леќи во очите, командувани од нашиот глас?!) и, дури, поконтактибилна, и во географска и во временска смисла, 24 часа седмично од ова што го имаме сега.

Оваа промена на платформите е клучна за промената на вредноста на новинарската професија. Денеска „циклусот на вести“ на новите дигитални платформи се мери во часови, сè почесто и во минути. Новиот дигитален формат е фиксиран за телефонски екрани, се мери во зборови, слогови, малечки икони и во заразни видеоисечоци, а не во пасуси. Во тој „новинарски“ свет проверката на фактите и изворите на вестите се прави ретко, ако веќе не е и практично невозможна. Контекстот, таа круна на доброто новинарство, повеќе не е толку важен – се бара брзина и атрактивност. Претседатели на земји, цели меѓународни организации и глобални фирми во неколку зборови ги твитаат своите ставови и за најкомплексните прашања од доменот на својата работа! Трката по ексклузивни вести е поважна од конкуренцијата во нудењето балансирано известување, со проверени извори и факти.

Добро, „Би-Би-Си“ и „Си-Ен-Ен“, како информативни платформи, веројатно ќе ги преживеат следниве две децении, трансформирани и прилагодени на начини коишто сега не можеме ни да ги претпоставиме – но другите, главно, нема. Дури и овие две и ним сличните ќе мора да го намалат новинарскиот удел во информативните програми, за сметка на „граѓанското новинарство“ и популарни програми од видот „кажете што ви тежи“, со сè повеќе парадоксални, ексклузивни, шокантни и скандалозни прилози.

Сетоа ова наврапито го менува протекот на рекламните пари низ медиумите, уништувајќи го деловниот модел на традиционалните медиуми засекогаш. На пример, спортот и забавата на ТВ привлекуваат најголеми рекламни буџети, а вестите се најголемиот трошок, компаративно гледано, на медиумскиот денар – барем во оние случаи кога не се прават како бесплатна компилација на она што „се врти“ на интернет во моментот, што е сè почест случај.

На една скорешна меѓународна конференција во Виена каде ги изложував овие мои екцентрични видувања на темата, едно интелигентно момче од публиката скокна и ме нападна велејќи дека токму новинарите се причина зошто самиот станал блогер кој се труди да ја информира јавноста за различни теми и „вистини“ за кои традиционалните медиуми и нивните новинари одбиваат да известуваат или, пак, тоа го прават нечесно. „И зошто – инсистираше тој – исчезнувањето на новинарството би било лоша вест за општеството?“

Всушност, оваа вест, сама по себе, не е ни добра ни лоша. Таа само кажува како стојат работите. Но, би можело да се тврди дека опаѓањето на новинарството и исчезнувањето на новинарите како главни чинители во собирањето и на ширењето на информациите во едно општество е лоша вест за либералната демократија каква што е денес. Преку новинарската креативност се шири суштината на демократијата – јавната дебата за прашањата што го засегаат општеството – и се утврдуваат фактите, се посочува поширокиот контекст, се консултираат релевантните извори и соговорници, се дава простор и време за малцинските ставови и за помалку атрактивните, но релевантни мислења, кредибилно и одговорно спакувани. Без тоа, во модерните општества кои се потпираат на интернет-мрежата и кои страдаат од синдромот на акутен недостиг од внимание во јавноста, демократијата сè повеќе ќе се потпира врз „гласот на народот“ на социјалните мрежи, каде гласните мнозинства ќе диктираат политички одлуки кои ќе се должат на сè поекстремни, нетолерантни политички вредности.

Колку за илустрација, еве едно важно сведоштво… Имено, минатиот декември, еден од клучните луѓе за покренувањето на „Египетската пролет“, Ваел Гоним (Wael Ghonim), на прочуените ТЕД настапи го кажа и следново:

„Еднаш бев рекол дека доколку сакате да го ослободите општеството, сè што ви треба е интернет. Згрешив. Тие зборови ги кажав во 2011 година кога, низ фејсбук-страницата што анонимно ја креирав, помогнав да се запали искрата на Египетската револуција. Арапската пролет го покажа големиот потенцијал на социјалните медиуми, но ги откри и нивните големи недостатоци. Истата алатка што нè обедини за да ги урнеме диктаторите, на крајот нè разби на сите составни делчиња!“

Како што е познато, египетската граѓанска еуфорија наскоро по револуционерните настани исчезна, а наместо општествен консензус, вели Гоним, социјалните медиуми „само ја зголемија поларизацијата“ преку „овозможувањето да се шират дезинформации, гласишта, манипулации и говор на омраза“. „Опкружувањето стана многу отровно. Мојот интернет-свет стана воиште исполнето со тролови, лаги и говор на омраза.“

Меѓу другото, и поради ова, популистите, со нивните лесни одговори и за најсложените општествени прашања, сè повеќе доминираат во дебатите по многу важни прашања за нашите животи. Да го парафразирам Иван Крастев: можеби револуцијата може да се твитне, но за сериозни реформи во општеството е неопходно старото, добро новинарство што неповратно исчезнува.

Со среќа, Демократијо!

 

Овој текст ќе се објави во пролетното издание во 2016 г. на кварталното списание IWMpost на Институтот за општествени науки од Виена (Institut für die Wissenschaften vom Menschen, www.iwm.at) во тамошната дебата за иднината на новинарството.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести