verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кога „мечката во пештера“ демне милионче!

on 28 - 04 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Блискоста со моќниците предизвикува и медиумска корупција. Фото: колаж СПФМ
Блискоста со моќниците предизвикува и медиумска корупција. Фото: колаж СПФМ

 

„Една од најчудните појави е нашето залажување дека од зависните луѓе можеме да очекуваме независно мислење“. (Sigmund Graff)

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Колку ли само треба да се биде надвор од реалноста за да се каже  дека со 1.500 евра месечно едвај се преживува „како мечка во пештера“!  Ваквиот изблик  претставува врв на aрoгaнција, дрскот, па и беозбразие. Особено, ако се имаат на ум македонските услови.

Во оваа прикаска новинарството, всушност, е колатералната жртва.  Картите  се така наместени што некој избрал еден профитабилен пат од новинарството да направи бизнис, и тоа, на тој начин што ќе го опустоши, обезличи. Во таа мисија, провизијата се издига на ниво на најважен критериум и на главен „професионален“ стандард во новинарството.

 

БИЗНИС И НОВИНАРСТВО

За тоа колку може да се профитира од спрегата меѓу политиката, бизнисот и медиумите, сведочи 25. политичка „бомба“ (23 април 2015 година), во која, според опозицијата, главна актерка е уредничката на еден дневен весник. Како што тврди СДСМ, во прашање е разговор меѓу главниот уредник на една телевизија со национална концесија  и  „уредничката – бизнисмен“. Оваа епизода, практично, го „соголува“ линкот меѓу бизнисот  и новинарството, и, истовремено, громoгласно говори за корупцијата во медиумите, за нискиот праг на отпорност на политички и на економски притисоци, наспроти личната корист, па дури и алчност.

„…рачунам колку пари иам на сметка, 2013та без екстра приходи само од плата можам да ја преживеам, во 2013та на крај милион и 300 ќе легнат на моја сметка на Визарис, а таму сум јас сама…“ (женски глас)

 

„Во крајна линија, значи во крајна линија, сега збориме не се согласуваат со ништо и се ме одјебуваат така, значи јас имам доволно пари за да живеам не ми требаат, луксузи нема да купуем стан, нема да се задужуем…2013 ќе ја одлежам у зима како мечка у пештера и ќе ќутам…“ (женски глас)

 

„Абе не е тоа мечка у пештера, со 1500 евра се живее и тоа квалитетно…“(машки  глас)

Како што велат социјалдемократите, овој разговор е воден во почетокот на 2013 година и тој „целосно ја потврдува вистинитоста на сето она што СДСМ го објави пред повеќе од една година, поврзано за милионскиот скандал со фирмата ’Визарис’“.

А, во  почетокот на 2014 (10 јануари 2014) година опозицијата обелодени афера со набавка на медицинска опрема во вредност поголема од еден милион евра, во која, според СДСМ, беше инволвирана „омилената  уредничка на премиерот“. Имено, како што тогаш соопшти опозицијата, фирмата „Визарис“, регистрирана на мајката на уредничката, од Министерството за здравство го добила милионскиот тендер за набавка на рентген-апарати. Министерот за здравство, Никола Тодоров, пак, во првичната реакција тврдеше дека „тендерот бил законски“, но потоа настанала ситуација која тој ја квалификува како „малку неетична“. Сепак, две недели подоцна (14 јануари 2014 година), Тодоров под притисок на јавноста го раскина договорот со „Визарис“. Тогаш министерот од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање, изјави:

 „Договорот го поништивме поради нарушување на начелото на совесност и чесност. На „Визарис“ не ѝ бил исплатен ниту еден денар.“

Меѓутоа, наспроти наводите на Тодоров , експратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, тврдеше дека министерот, наводно, не ја говори вистината и дека фирмата „Визарис“, сепак, испорачала апарати од спорниот тендер:

„Еве ви ја фактурата и каде имате исплатено 40 илјади евра по однос на овој тендер на Висарис.“  (Спасовски)  

 

ПРОФИТОТ ГИ УРЕДУВА ВЕСТИТЕ

Но, колку професионални и етички  може да бидат вестите додека „мечката во пештерата“ трпеливо чека на сметката да ѝ легнат парите од „неетичкиот тендер“? Во една таква ситуација на „измачување на мечката“, постои реална основа за сомнеж дека информациите што се испраќаат во јавноста може да бидат објективни и коректни. Многу поверојатно е дека тие се диктирани од апетитите за провизии!

Сепак, воопшто не е спорно новинарот да има фирма, туку проблематично е кога постои конфликт на интереси. Односно, доколку новинарската професија се искористи за да се ѕида капиталот на сопствената фирма. И кога, вушност, профитот од таквото „новинарство“, е тој кој  ги „уредува“ вестите! Токму ваквото однесување се коси со одредбите во новинарскиот Кодекс (амандманот 6), каде е наведено дека:

Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист, дека митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професијаи дека не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето.

Тоа подразбира дека новинарот не смее да си дозволи да го креира јавното милсење воден од лукартивни цели. Па, гледајќи го новинарството низ призмата на добивката на својата фирма, да објавува или прикрива информации, да ја извитоперува вистината и да зазема страна – напаѓајќи една, а воспевајќи друга опција. И во вака поставениот систем, преку „купувањето“ на наклонетоста на „избрани“ новинари, медиумите наместо општествен коректив, стануваат огласна табла на „партнерите“ во власта или во бизнисот и се ставаат во улога на нечии промотори.

 

„К..ТОН  ОБИЧЕН“

Впрочем, сведоци сме дека добар дел од македонското новинарство веќе не чекори ниту по површината на настаните. Медиумите се полнат со хвлаоспеви за власта и се експонираат бизнис-моќници блиски до владејачката структура.

Дека содржината на медиумските информации може да се моделира за да се удоволи на желбите на одредени политички  кругови, според лидерот на СДСМ, признава и уредникот-„началник“ во една од „бомбите“ (25 февруари 2015 година). Тој, како што вели шефот на опозицијата, во разговор со министерката за култура, наводно, вели дека вестите кои ги уредува се пропаганда за власта: „Значи не претерујте, зошто има од кај твојот премиер, толку многу порачки што вестите на Сител се к..тон обичен,  пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.“

 

ПОЛИТИЧКИ ПРОПАГАНДИСТИ

Желбата за профит некои новинари, за жал, ги претвори во политички пропагандисти. И тоа се инсталира како систем на однесување на дел од македонската медиумска заедница. Што, пак, претставува сериозен проблем, бидејќи еден од механизмите за борба против корупцијата се независните медиуми, што подразбира професионализмот да биде издигнат на највисоко ниво. Несомнено дека политичките и бизнис-елити секогаш ќе имаат амбиција да ги контролираат медиумите. Меѓутоа, предизвикот за новинарите е да се спротивстават на ваквите тенденции. Затоа што корумпираниот новинар е еднакво опасен за здравјето на општеството, како и корумпираниот политичар или бизнисмен.  Па, како што вели една мисла на германскиот писател Зигмунд Граф (Sigmund Graff):

„Една од најчудните појави е нашето залажување дека од зависните луѓе можеме да очекуваме независно мислење.“

Новинарството е навистина интересна, моќна, но и одговорна професија. Ретко која друга професија е толку полна со динамика, адреналин, сјај, ама и со беда.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести