verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Aнтиквизациски историски игранки: црвен картон за старите Словени

on 28 - 04 - 2015       
Заштитникот светец и авторот на „Чудата на Свети Димитрија“, хроника, која ги опишува опсадите на Словените на Солун (лево), денешниот изглед на Црквата Свети Димитрија во Солун, која потекнува од 4 век (долу лево), Кирил и Методиј (десно), Повелбата на Кулин банк, прв документ од овој вид на словенски јазик (долу десно). Фото: Википедија, колаж: СПФМ
Заштитникот светец и авторот на „Чудата на Свети Димитрија“, хроника, која ги опишува опсадите на Словените на Солун (лево), денешниот изглед на црквата „Свети Димитрија“ во Солун, која потекнува од 4 век (долу лево), Кирил и Методиј (десно), Повелбата на Кулин бан, прв документ од овој вид на словенски јазик (долу десно). Фото: Википедија, колаж: СПФМ

 

„Во реалниот свет, вистинските работи никогаш не се случуваат на вистинското место во вистинско време. Работа е на новинарите и на историчарите да направат тоа да изгледа така“.

Марк Твен, американски писател и новинар

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Новинарска лекција: Антиквизациски игри со историјата: Црвен картон за Старите СловениПишувајќи неодамна за случај во кој еден нискотиражен дневен весник во Турција, „Јени шафак“ (Yeni Şafak), без докази и непоткрепено со историски факти и исфабрикувани фотошопирани докази го обвини покојниот турски претседател, Исмет Инону (1884-1973), дека го отрул и на тој начин елиминирал својот славен претходник и татко на современа Турција, Кемал Ататурк, колумнистот на весникот „Хуриет“ (Hürriyet), Ѓувен Сак вели: „Зошто воопшто еден новинар би го направил тоа? Па, за почеток, сосема е безбедно. Сите протагонисти се мртви па никој не може да се жали или да му се јавува на твојот уредник или да те нарече терорист или да те тужи и пикне во затвор“. Во конкретниов случај, за оваа своја теза новинарот на „Јени шафак“ барем го испочитувал новинарското правило за кредибилен извор, па консултирал историчар, кој, пак, умрел од смеење, нарекувајќи ја тезата идиотска. Коментар на новинарот бил „историчаров очигледно не можел да се справи со тежината на доказите што му ги презентирав“.

 

ИСТОРИЈАТА – НА ИСТОРИЧАРИТЕ!

Новинарите не ја сакаат премногу историјата. Таа е премногу спора и многу често сувопарна научна дисциплина, која се занимава, главно, со настани кои се случиле толку многу одамна што дефинитивно не се и не можат да бидат вест. Најчесто, што е логично, за тие настани нема сведоци, очевидци, па за нив мораат да се консултираат со историчарите, кои, пак, логично, немаат многу сенс за тоа што е атрактивна новинарска приказна или сензација која ќе изгледа убаво на насловната страница или ќе генерира многу кликнувања на веб-страницата на медиумот.

Ниту историчарите немаат многу високо мислење за новинарите и сметаат дека тие треба да си се држат до она што најдобро знаат да го работат, а тоа е да пишуваат за настани кои се случуваат во сегашноста и да им ја остават историјата на историчарите. „Искрено, ние во историскиот бизнис посакуваме високобуџетните популаризатори на историјата (од кои некои се обучени новинари) што пишуваат така помпезно и со голема умешност и без проблем си припишуваат големи заслуги во медиумите за своите врвни познавања од минатото, да добијат судска забрана за приближување. Новинарите ги бива за новинарство – ние не би сугерирале да испратите историчар да биде дописник од странство. Но, новинарите не се обучени да го разберат 18 или 19 век“, беше нервозната реакција на двајца американски историчари и универзитетски професори, во врска со скандалот со плагијаторство на новинарот на „Си-Ен-Ен“, Фарид Закарија, по кој тој беше суспендиран.

Самобендисаност или не, многумина од новинарската бранша со леснотија решаваат да се занимаваат со историски теми. Во неа, сепак, има уште многу нераскажани стории, недоволно расветлени периоди, контроверзи и мистерии, кои го скокоткаат перото.

 

СЛОВЕНИТЕ – НЕСАКАНИ ГОСТИ ИЛИ ЛОШИ ДОМАЌИНИ

Во ерата на антиквизација на македонската историја и самото општество, старите Словени некако стасаа на листа на негативци. Сѐ почесто им се оспорува правото на постоење на овие простори, им се проблематизира сè: од потеклото, јазичните врски, маршрутата на преселбите, па сè до нивната врска со Балканот и со балканските народи. Де Македонците не се Словени, де Словените не се од зад Карпатите, туку се домородни на Балканот, де воопшто и не постоеле, туку ги измислиле германските историчари. И додека македонската историографија внимава да не загризува директно во контроверзите околу Словените и Македонија, празниот простор со ентузијазам го пополнуваат токму – новинарите.

„Смешно е да се пелтечи дека Македонија се антиквизира; Македонија не може да се антиквизира, Македонија може само да се словенизира, според веќе спомнатото соломонско решение на западноевропската историографија!“, стои во текстот објавен во „Дневник“ (10 април 2015 година) под наслов „Словените што тргнале од зад Карпатите никогаш не стигнале на Балканот!“.

Овој текст се обидува да полемизира со (сѐ уште) важечката теза од учебниците по историја во државава, која оди по линијата на во науката прифатената историска верзија за доселувањето на Словените на Балканот и случувањата во периодот од петтиот до седмиот век од нашата ера на територијата на Македонија. Навидум богат со податоци, наведени извори од историски извори и цитати од искази на научници, аргументи, како и со провокативниот наслов, написот предизвикува внимание. Тој тргнува од една премиса, а тоа е дека е нелогично и физички невозможно сите Словени, вклучувајќи ги тука и воините, и цивилното население, старци, жени, деца, со сиот свој имот да тргнале од својата прататковина зад Карпатите и во текот на една (!) година да ја поминат целата маршрута до југот на Балканскиот Полуостров, да ги победат сите попат сретнати непријатели и тешки природни услови и да стасале до Македонија во 626 година од нашата ера!

 

ВО ПОХОД ПРОТИВ ИСТОРИСКИТЕ ФАКТИ

Но, токму тоа е и проблемот со овој напис – тој полемизира со непознат соговорник и со еден прилично оспоруван податок кој потекнува од списите на византијскиот цар Константин Порфирогенит, дека сите Словени се населиле на овие простори во 626 година. (Во истите списи Порфирогенит спомнува пресметки на римските легии и на словенски групации уште во третиот век, на брегот на Дунав). Со оваа претпоставка авторот полемизира уште од самиот почеток на текстот, каде се прашува како е можно заговорниците на оваа теза да не ја видат неизводливоста на овој потфат: „Според историчарите кои не се сомневаат дека Словените навистина дошле од зад Карпатите, најголемата маса од речиси 300 илјади Словени на Балканот се доселила во 626 година. Значи, тргнале пролетта 625 година и за една година, односно за околу осум месеци, колку што може да се патува пред да падне зимата, поминале речиси 1.500 километри, препливале десетина големи реки, меѓу кои и Дунав, а потоа се населиле каде што им душа сака. Од друга страна, оние, што се сомневаат во тоа, отворено се прашуваат со каква воена сила располагале Словените кога за само една година поминале толкав простор скршувајќи го за миг отпорот на староседелците, нешто што во текот на цел еден милениум не им пошло од рака ниту на Грците ниту на Римјаните? Како е возможно старите жители на Балканскиот полуостров одеднаш да исчезнат, дури и ако се прифати претпоставката за нивно тотално истребување од страна на доселениците за многу кратко време, а притоа останале старите називи на планини, реки, ридови, потоци, мочуришта и слично. Зошто новодојденото население прифатило такво мноштво туѓи називи од своите претходници, кои немилосрдно ги истребувале и прогонувале?“. Звучи логично, ама – е неточно, бидејќи авторот „војува“ со непостоечки факти – првенствено смешниот податок дека кон Балканот тргнале 300.000 Словени. Од каде произлезе таа бројка кога ниту еден историчар, од старите римски и византиски хроничари, па сè до модерната историја, никаде не оперирале ниту со приближна бројност на човечката маса која се придвижувала во таканаречената Голема преселба на народите во периодот од 4 до 7 век од новата ера, па со тоа и на бројноста на словенските племиња?

Едноставно, нема историски ниту археолошки методи и пресметки со кои до таква бројка би можело да се дојде. Според тоа, „речиси 300 илјади Словени “ кои според авторот се населиле на Балканот не се историски факт. Без оглед колку и да ги пребарувате историските податоци достапни на интернет, никаде нема да сретнете податок дека масата на словенско население кое се движело во насока на Балканот ја сочинувале 300.000 луѓе! Но, на многу места ќе прочитате дека преселбата на народите која почнала веќе во 4 век од новата ера и во која поголема маса луѓе извршила притисок на територијата на Централна, Северна и на Јужна Европа откако ослабнала контролата на Римската Империја, се одвивала во неколку бранови и дека во вториот бран кон запад тргнале и разнородни словенски племиња, главно таканаречени земјоделци-воини, кои запоседнувале определена територија, ја населувале така што формирале помали рурални живеалишта и се занимавале со земјоделство, донесувајќи со себе и некои иновативни методи на обработка на земјата (закривено рало, ротација на земјоделските култури и слично), но никаде нема да сретнете ниту обид да се шпекулира со бројноста на словенските племиња, популацијата која учествувала во преселбата, од проста причина што таа не може да биде заснована на солидни научни докази.

СЛОВЕНИТЕ ГО ОПСЕДНУВАЛЕ СОЛУН, А МАКЕДОНЦИТЕ ГО БРАНЕЛЕ

Од аспект на веродостојност на тврдењата во текстот, исто толку е проблематичен и наводот дека овие Словени се населиле на Балканот во 626 година. Еден од најпознатите, најстари и најшироко цитирани историски извори за најраните настани поврзани со Словените во јужниот дел на Балканот, поточно во географската област Македонија, е делото „Чудата на Свети Димитрија“, чиј автор, архиепископот Јован напишал дека во 582 година, кога се случува првата словенска опсада на Солун, таму се собрала „петилјадна војска одбран свет на словенскиот народ“ и дека солунчаните на помош за одбрана на градот ги повикале Ахајците, Тесалијците и Македонците. „Кога во 584 година следи вториот напад на Словените и на Аварите, изворите велат тие го ангажираат целото словенско ѕверско племе“, вели д-р Милан Бошковски од Институтот за национална историја на РМ во Скопје, со кого разговорот на тема Словените во Македонија го објави истиот весник, „Дневник“ четири години порано. Во овој напис, Бошковски зборува и за третата опсада на Солун од страна на Словените, која се случила во 618 година, цитирајќи ги на науката познатите и расположливи извори, и во неа, според Бошковски, учествувале две групации на Словени, едната која доаѓала од север, од зад Дунав и другата која била составена од локалните Словени, кои веќе живееле во околината на Солун. Според тоа, податокот од текстот на Блаже Миневски, кој се нуди како крунски доказ дека историчарите измислиле нелогична хипотеза дека Словените „експресно“ се појавиле во Македонија во 625 година е едноставно – неточен, бидејќи историските извори речито зборуваат дека словенска популација постоела во времето на опсадите на Солун и таа била делумно одомаќинета на овие простори, но, сепак, била релативно нов етнос кој се борел за „свое место под сонцето“ на поширокото подрачје на Македонија.

Повеќето научни извори ги споменуваат Словените веќе во 7 век како население доселено на просторот на географскиот регион Македонија, а истовремено ниту еден извор не сведочи за некаква голема и масовна раздвиженост на населението на Балканот во тој период, па, и покрај недостигот на солидни материјални докази за тоа како се одвивала преселбата на Словените на Балканот, сосема логично звучи објаснувањето дека тоа навлегување се случувало постапно и во текот на еден подолг временски период. Сите расположливи историски материјали укажуваат на тоа дека словенската маса народи се придвижила од регионот зад Карпатите уште во петтиот век, почнала да го преминува Дунав и низ наредните години и децении, па полека стасала сè до југот на Балканскиот Полуостров, до Пелопонез.

Оттука, сите елаборатни пресметки во овој текст, колку храна им било потребно на 300.000 Словени со нивните семејства за да го остварат невозможниот потфат, колку воловски запреги и колку коњи и волови, се сосема излишни и беспредметни, колку и да звучат досетливо.

 

ШТО ИМААТ ФОН КЛАУЗЕВИЦ И ФОМИН ПРОТИВ СТАРИТЕ СЛОВЕНИ?

Но, авторот не застанува тука, туку навлегува во минуциозна анализа на тоа колку грама храна му е просечно потребна на еден воин, колку сточна храна на еден коњ, како ги транспортирале своите овци, свињи и кокошки за да можат за само осум месеци (!) колку што трае една нормална сезона пред и по снеговите, сите тие 300.000 Словени со комплетна покуќнина и со целокупната стока и резерви да изодат 1.500 километра иако никој никаде ништо слично на тоа не тврди! На помош против упорните Словени е повикан дури и Фон Клаузевиц и неговите сведоштва за војните против Наполеон, но, попусто, бидејќи ниту тој не може да ја спаси ситуацијата во која авторот замислил непрегледно море Словени како во правилни воени формации заедно со своите коли, крави, овци и кокошки газат преку ридови и мочуришта со јасна цел – до крајот на 625 година да се населат во Македонија. Далеку од умот, но далеку и од вистината, за што се свесни и авторот, но и читателите.

И, како да сето ова не е доволно, за аргумент во полза на обратната теза, која очигледно ја заговара и авторот на овој текст – дека Македонците не се Словени и дека сите балкански народи отсекогаш постоеле на местото каде што и денес живеат (ова второво е теза која е особено популарна, подобро речено модерна, кај одреден број српски историчари) е земено пишувањето на Александар Фомич Вељтман  (кој го толкувал Тацит) за тоа дека постои логичка поврзаност на словенските со балканските народи и дека сите тие имаат предантички, антички и средновековен континуитет на овие простори. Но, она што е пропуштено да се наведе е дека Вељтман воопшто не е историчар туку руски писател на историска фикција од 19 век, кој се смета за еден од основачите на жанрот на научната фантастика!

Да се вратиме на почетокот на нашата приказна, во која новинарите ја прекројуваат историјата по свое наоѓање со голема леснотија од проста причина што актерите на нивните приказни одамна не се меѓу живите. Сега некако полесно би им простиле и на арогантните историчари, кои бараат новинарите да си ги држат рацете подалеку од историската наука и да не претендираат дека ја разбираат подобро од оние кои за тоа учеле, нели?


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести