verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Брзо креирање на ефективни и динамични инфографици со Infogr.am

on 25 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Избор на дизајн темплејт за Вашиот инфографик

Избор на дизајн темплејт за Вашиот инфографик

Не е Мајкрософт Ексел, нема толку опции, но затоа е лесен за учење и многу брз за завршување на работата. Добредојдовте на Infogr.am, ептен корисна веб апликација кога набрзина сакате да објавите убаво средени и графички претставени податоци и уште побрзо да ги споделите на Интернет за секој да може да ги види.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Infogr.am е веб сајт кој овозможува креирање инфографици директно на интернет и нивно споделување на социјалните мрежи или прикажување на блогови и веб сајтови. Основното користење на сајтот е бесплатно, а во професионалната варијанта, за која се плаќа надомест од 18 долари (околу 810 денари) месечно, графиконите можете и да ги снимите на Вашиот компјутер (во PDF или PNG формати)  и тоа во висока резолуција и потоа да ги вклучите во печатен медиум, книга или да ги прикажете на телевизија. Исто така, можете и приватно да ги споделувате, да ги заштитите со посебна лозинка, а добивате и дополнителен избор на дизајни. Но, она за што, сепак, најмногу се користи овој сајт е за изработка и објавување инфографици на интернет.

Почетна страница на Infogr.am

Почетна страница на Infogr.am

Се разбира, Infogr.am е прилично ограничен во споредба со професионалните апликации за графичко организирање и прикажување на податоци, каков што е Microsoft Excel, на пример, како најпозната и најкористена програма за оваа намена и тоа особено кога тој ќе се употреби во комбинација со некој од професионалните графички програми каков што е Adobe Illustrator. Сепак, идејата на сајтот не е ни да се натпреварува со апликации како Excel и Illustrator во однос на можностите, опциите и комплексноста. Идејата е набрзина, во период од 10-20 минути, а во некои ситуации и побрзо, да изработите ефективен и едноставен инфографик, кој веднаш потоа, исто за само неколку минути, да можете да го објавите на Вашиот сајт или блог. Освен што станува збор за брзо изработување на инфографици, тие се и многу лесно променливи, брзо можат да се надградуваат и се динамички. Ова значи дека набрзина можете да го поправите графиконот, ако забележите грешка, можете да го смените неговиот изглед и да го надградите, да го преобјавите на друго место, да го споделите со еден или два кликови, да го преземете кодот и истиот да го вметнете во текстот на Вашиот веб сајт. Со оглед на тоа што истовремено станува збор и за динамички инфографик, ако само поминете со глувчето врз него, од местото каде што се наоѓа курсорот се појавуваат дополнителни бројки, податоци и слично, кои го дообјаснуваат и ги истакнуваат главните нумерички елементи и називите на измерените категории.

Покрај главната намена – изработка и објавување на инфографици, Infogr.am овозможува тие да се збогатат и со други текстуални или мултимедиски елементи. Можете да додадете дополнителен текст, фотографии или илустрации, па дури и видео. Исто така, ако сакате, можете да направите и цела серија на графикони еден под друг во рамките на еден инфографик. И покрај ваквите можности, Infogr.am има редица ограничувања и кога работите на сајтот добивате чувство на стеснетост, на ограничување на креативноста, на функционалноста и можностите, како и на губење на слободата во манипулацијата со нумеричките податоци и графичкото изразување што сте ја земале здраво за готово кога сте работеле со Excel. Но, од друга страна, пак, ако немате претходно искуство со програми за графичко претставување на нумерички податоци, овој сајт е идеално место за првично запознавање на оваа проблематика, а, исто така, ако, пак сте искусен во работа со Excel, сајтот Ви нуди брзина во изработката на инфографици – брзина која Excel не може да ја постигне и за која не е ни направен.

Почетна страница откако ќе отворите сметка - копче за нов инфографик, копче за изработените инфографици и копче за надградба до професионалната верзија

Почетна страница откако ќе отворите сметка – копче за нов инфографик, копче за изработените инфографици и копче за надградба до професионалната верзија

Почетокот на работата со Infogr.am е сличен како и со другите сајтови. Најпрвин треба да отворите сметка (ACCOUNT) и потоа на екранот се појавуваат три кружни копчиња, кои Ве повикуваат:

  • да креирате нов инфографик (CREATE);
  • да влезете во бибилотеката и да работите со веќе изработените инфографици или оние што претходно сте ги почнале, а не сте ги довршиле (LIBRARY);
  • или да ја надградите сметката до професионално ниво (INFOGR.AM PRO).

Сепак, по овој првичен чекор, Infogr.am е прилично различен од другите сајтови. Тој е само алатка, но добра и интуитивна алатка со редица опции, ама, сепак, конечниот производ зависи од Вас. Кога ќе изберете изработка на нов инфографик, пред Вас се појавува можноста за избор на 6 различни дизајни на инфографици  (копче INFOGRAPHICS, горе во средина) и 14 видови на графикони (копче CHARTS, исто горе во средина) и тоа од класичните (во вид на правоаголници), па се до невообичаените, кои покажуваат колку некој збор е употребен некаде (преку големина на фонтот на конкретниот збор – WORDCLOUD) или колку некоја зададена величина е голема во однос на други зададени величини (преку големината на правоаголната површина што таа величина ја зафаќа во графиконот – TREEMAP), па дури и до специјализирани финансиски графикони, кои се користат за претставување на движењето на цените на акциите на берзите и тоа во извесен подолг временски период (недела, месец, година), додека истовремено се претставува и движењето на цените во текот на еден ден (FINANCIAL).

Избор на видот на графиконот во Вашиот инфографик - има 14 видови секој со по 1 до 4 варијанти

Избор на видот на графиконот во Вашиот инфографик – има 14 видови секој со по 1 до 4 варијанти

Изберете некој од дизајните што Ви стојат на располагање и за кој сметате дека е најсоодветен во однос на податоците што сакате графички да ги претставите. Во оваа фаза не треба да се грижите се ако не сте сигурни што сакате. Дизајнот и на целиот инфографик и на графиконите во него може да се смени подоцна во текот на работата, како што можат да се сменат и боите во рамките на избраниот дизајн за Вашиот инфографик да добие на оригиналност.

Откако ќе изберете дизајн на инфографикот и видот на графикон(и) во него, прво што треба да одлучите е што сѐ ќе содржи Вашиот инфографик. Тој веќе има наслов, наднаслов, а најдолу има место и за авторот/изворот на податоците. Но, покрај ова, преку копчињата долу десно можете да додадете уште графикони, географска карта, текст, фотографија, па дури и видео клип. Се разбира, со сите овие елементи не треба да се претерува зашто Вашиот инфографик ќе испадне преголем (односно предлог) и ќе има премногу елементи. Има инфографици каде што податоците се богати и заслужуваат од нив да се направат два или три графикони еден по друг, но и ова не треба да се практикува секогаш. Најдобро е да се почне со еден графикон. Сепак, дури и да претерате на почеток, односно да изберете премногу елементи за инфографикот, секој од нив може да се избрише со притискање на крукчето со икс (X), кое се наоѓа горе лево на секој елемент. Можете до бескрај да бришете и додавате нови елементи од сите расположливи видови, а со обично влечење на елементите нагоре или надолу преку притискање на копчето од глувчето, откако куросрот ќе го поставите врз елементот што сакате да го поместите, можете да го менувате распоредот на елементите по вертикала.

Основна работна поврзшина - долу десно се копчињата за вметнување графикон, географска карта, текст, фотографија и видео

Основна работна површина – долу десно се копчињата за вметнување графикон, географска карта, текст, фотографија и видео

Потоа на ред доаѓа внесувањето на податоците. Нив ги внесувате или директно во табелата, која ќе се појави откако двапати ќе кликнете на графиконот или на географската карта, кои претходно сте ги избрале да бидат дел од Вашиот инфографик, или можете да ги внесете од некоја табеларна датотека која Infogr.am ја препознава, какви што се датотеките на Еxcel. Ако не сте вешти во изработка табели и ако не сте сигурни како да ги структуирате податоците, изберете повеќе графикони и кликнете двапати на нив за да ги проанализирате првичните пробни податоци, кои се веќе внесени како урнек и да испитате каков графикон излегува од веќе постоечките табели.

Опција за внесување на податоци за графиконот - директно во таблеа или преку увозн а податоците од друга датотека

Опција за внесување на податоци за графиконот – директно во табелата или преку увоз на податоците од друга датотека

Опциите не се бројни, но оваа алатка не е ни правена за комплексни табели и графикони, туку за нешто поедноставно, односно за табела која содржи неколку колони и до дваесет редови. На пример, ако работите со географска карта, можете да внесувате податоци само за земји (не за градови или за региони внатре во земјите), при што имате избор или земјата да ја обележите во целост или внатре во неа да обележите круг, кој ќе има дијаметар чија големина зависи од дадената величината (на пример, ако сакате да покажете број на популација во различни земји кругот во Грција ќе биде далеку помал од оној во Германија зашто Германија има далеку повеќе жители). Уште една опција што можете да ја примените кај картите е да ги групирате податоците според континенти или групи на земји.

За опциите што можете да ги добиете кога работите со графикони многу зависи од тоа каков вид на графикон ќе одберете. Тука ќе треба да експериментирате и да видите кој вид на графикон, односно какво претставување на графиконите најмногу Ви одговара. Одберете еден вид на графикон, почнете од класичниот, на пример, кој графичкото претставување го врши со правоаголници (BARS), видете ги опциите во однос на начинот на претставување што ви ги нуди тој вид на графикон.

Наместете го изгледот на графиконот

Наместете го изгледот на графиконот

Покрај манипулацијата со податоците, тука можете да ги менувате и боите и поставките (линк COLORS and SETTINGS). Ова значи дека (одозгора надолу) можете:

  • да ја дефинирате висината на графиконот внатре во инфографикот во точки (PIXELS – PX);
  • насоката на движење на ознаките на ипсилон (Y) оската;
  • имињата на ознаките и за ипсилон (Y) и за икс (X) оската;
  • опсегот на двете оски (видете колкав е опсегот на внесените податоци и додајте уште 10 отсто, по правило, од двете страни, освен ако Вашите податоци не почнуваат од нула. Во таков случај од едната страна на оската не може да се додава ништо);
  • а можете и да додавате дополнителни бои (се додаваат автоматски) ако за тоа има потреба, односно ако имате повеќе варијабли на кои им треба одбележување со повеќе различни бои.

Кога ќе завршите со ова, кликнете на линкот EDIT DATA за да се вратите назад кај внесените податоци, видете какви можности за претставување нуди Infogr.am за Вашиот избран графикон, одберете дали сакате мрежест изглед на графиконот, каква да биде дистрибуцијата на податоците и слично и потоа можете да го затворите овој сегмент (линк DONE).

Промена на дизјанот на целиот инфографик  и други опции

Промена на дизјанот на целиот инфографик и други опции

Сега можете да го видите првичниот изглед на вашиот инфографик. Горе лево над инфографикот имате две копчиња. Десното (кое наликува на око) ви дава преглед на сработеното (PREVIEW), а левото (SETTINGS) Ви овозможува да извршите основни графички измени и дополнувања:

  • да го смените целокупниот изглед на инфографикот, односно да изберете сосема поинаков темплејт, ако не сте задоволни со веќе избраниот;
  • да го смените изгледот на веќе избраниот (светол, кафеав или црн, на пример) што значи дека позадината би била светла, црна или нешто измеѓу;
  • да ја смените ширината на целиот инфографик во пиксели;
  • да одлучите кое копче за споделување ќе го вклучите во графиконот, односно за која социјална мрежа (Фејсбук, Твитер, Гугл Плус или Пинтерест се четирите кои стојат на располагање);
  • и да изберете во која насока ќе се движи текстот (од лево на десно или обратно – ова е потребно кај арапскиот јазик).

Менувањето на изгледот на текстот, пак, се врши на лице место како и кај секоја програма за обработка на текстови. Поцрнувањето на буквите се врши, на пример, со селектирање на целиот текст во рамката (CTRL+A) и потоа се дава стандардната наредба за болд (CTRL+B), италик (CTRL+I) и подвлечено (CTRL+U).

Објавување на инфографикот

Објавување на инфографикот

 

Споделување на социјалните мрежи и преземање на кодот за вметнување на инфографикот на Вашиот веб сајт

Споделување на социјалните мрежи и преземање на кодот за вметнување на инфографикот на Вашиот веб сајт или блог

Синото копче SHARE, горе десно над инфографикот, Ви овозможува да го објавите инфографикот кога ќе бидете готови, веднаш да го споделите на социјалните мрежи, а потоа и да го земете кодот кој Ви е неопходен за да го објавите инфографикот на Вашиот веб сајт или блог. Снимањето на Вашиот инфографик е автоматско, после секоја промена, така што за тоа не треба да се грижите. Но, тоа значи и дека ако се предомислите за некоја промена, треба да запомните како да се вратите назад или, уште поедноставно, пред нешто да почнете да менувате, направете копија на веќе постоечкиот инфографик. На почетокот од работењето, ако сакате да вршите измени на постоечки инфографик за кои не сте сигурни дека ќе Ви се допаднат, кликнете на копчето LIBRARY и ќе се појават сите Ваши изработени инфографици. Под секој од нив има 4 копчиња (PREVIEW, EDIT, DUPLICATE и DELETE). Со копчето DUPLICATE можете да направите копија на постоечкиот инфографик и да го менувате без страв дека ќе го изгубите оригиналот. За жал, сајтот не им нуди речиси никаква помош на корисниците и единствено можете да поставите прашање до администраторите преку контакт формулар.

Библиотека - сите Ваши инфографици на едно место. Секој од нив можете да го прегледате, измените, дуплицирате или избришете

Библиотека – сите Ваши инфографици на едно место. Секој од нив можете да го прегледате, измените, дуплицирате или избришете

Најважно за да научите како да го употребувате Infogr.am е да експериментирате. Пронајдете сет на податоци кои добро ги знаете и сте го запомниле изгледот на графиконот што излегува од нив, поставете ги во табелата на сајтот во различните темплејти и видете што ќе добиете во сите варијанти на конкретниот темплејт (темплејтите имаат по 1-4 различни варијанти).

Како пример, еве два инфографици изработени со Infogr.am.

Првиот е поедноставен и е објавен од АНФАС блогот. Тој ја покажува функционалната класификација на ланскиот буџет на РМ со цел да покаже дека средствата наменети за земјоделски субвенции се поголеми од оние за здравство или за одбрана:

Вториот е од порталот Телеграф и тој е покомплексен. Содржи три графикони, при што секој од нив има три сценарија, изработени од три различни табели со податоци и посебен вметнат текст после првиот графикон.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести