verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: На бебиња ќе им се вградуваат ГПС-чипови

on 26 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски

01242014-Bebinja-so-Cipovi-crop-resize

Има некоја чудна потреба кај некои новинари и уредници постојано да бидат во некaков грч дека од секоја информација треба да направат читана, гледана, слушана вест, иако честопати тие информации немаат таков потенцијал. Многу од нив имаат лажлив, заводлив сјај и, најчесто, ако новинарот не им оддолее, а уредникот не го препознае тоа, се претвораат во сензационализам.

Текстот што го рецензираме овде е таков: не е „препознат“ лажниот сјај на оваа вест како вреден за објавување и е направен текст со наслов и содржина која воопшто не одговара на реалноста.

Да, треба да се каже дека на темата вградување микрочипови со лични податоци и ГПС карактеристики нашироко се дебатира во светот, но самата дебата е сѐ уште многу, многу далеку од тоа дека оваа идеја е зрела за имплементација. Дури и се размислува, заради технолошките и заради етичките проблеми, оваа идеја да остане само идеја. Тоа, секако, не ги спречува застапниците на теориите на заговор да ја одржуваат фамата за микрочиповите, но, новинарите се првите кои тоа треба да го препознаваат.

01242014-Bebinja-so-Cipovi-Линк до оригиналниот напис: На бебиња ќе им се вградуваат ГПС-чипови

Датум и време на објавување: 17.01.2014, 17:51

Датум на рецензирање: 24.01.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Во делот за вистиноста на оваа новинарска содржина, имајќи го предвид нашето искажување од воведот на оваа рецензија, започнуваме со првиот член од Кодексот на новинарите во кој се вели:

„Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

01242014-bebe-cipovi-corierТретиот став од овој член на кодексот е многу јасен: „Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Информацијата со ништо не е потврдена, и нема назнака со која јасно ќе се стави до знаење дека се работи за претпоставка, односно шпекулација.

Тоа е редакциска грешка, која може да предизвика погрешни заклучоци, па дури и погрешни постапки кај читателите и демонстрира професионална неодговорност.

Извори на информации: Кај изворите на информацијата требало да почне и да заврши „судбината“ на овој текст. Авторката се повикува на тотално небитен локален италијански весник, еден од оние кои ги именуваме како „жолт печат” кој во тесктот со наслов Microchip obbligatorio per tutti i Neonati da Maggio 2014 („Од мај 2014 година на сите новородени бебиња ќе мора да им се вградува микоричип“), со ниту еден аргумент не потврдува дека од мај оваа година на сите новородени бебиња ќе им се вградува микрочип. Таа, таква медиумска конструкција се пренесува и нашиот весник.

Освен тоа, како во оригиналниот текст, така и во овој нашиот, нема ниту една релевантна институција која може да го потврди ова. Се споменуваат некаква ASL асоцијација, за која нема објаснување што, е и некаков Comitato Consultivo per il Controllo della Popolazione за кој, исто така, нема објаснсување за каков комитет станува збор.

Во текстот што го рецензираме има изјава од ветеринар???!!!??? Но, еве да го прифатиме и тоа дека е можно да се изведе некаква аналогија на вградувањето чипови кај животните и кај луѓето, но како некој може да објавува текст за нешто за што бездруго би имало сериозни расправи во сериозни институции во Европа, па и Македонија.

Им се видело интересно и – бап: „На бебињата ќе им се вградуваат микрочипови”. И тоа од мај оваа година.

Содржајност: Освен од ветеринарот, авторката на текстот побарала коментар и од професорка на Факултетот за безбедност, која искажува скетпицизам, укажува дека е прерано да се зборува за вакво нешто и дека за да може да се спроведува кај нас ќе треба да се менува уставот, но и тоа не било доволно идејата за пишување на овој текст да заврши после читањето на оваа приказна во италијанскиот медиум.

Во име на посакуваната содржајност, авторката на текстот што го рецензираме ги споменува и реакциите на некои од верските заедници кои веруваат дека станува збор за библиското пророштво познато како „жиг на ѓаволот“. Тоа е само делумно точно зашто, ако веќе се сакало да се биде сеопфатен, требало на читателите да им се сооопшти дека има и многу верски заедници, како Руската православна заедница, на пример, со сосема спротивно мислење, кои, пак, сметаат дека микрочиповите се суеверие кое:

„…Не е во согласност со православното толкување на Откровението на светиот Јован Богослов, според кое „печатот на ѕверот“ ќе им се стави на оние коишто свесно ќе поверуваат во него „единствено заради неговите лажни чудеса“ (св. Јован Златоуст).“

Оттаму, кога веќе се објавил овој текст, требаше да се вклучи и едно вакво дополнување, кое ќе беше сосема соодветно за да се врамнотежи тезата која така категорично, почнувајќи од насловот, а потоа и во текстот, најавува нешто што нема никаква реална основа. Особено не од мај оваа година.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и не неосновано загрижувачки, со оглед на тоа што нема никакви аргументи, како што констатиравме во делот за вистинитоста, кои потврдуваат дека вградувањето на микрочипови ќе биде реална активност,

Заклучок: Да заклучиме со тоа што ќе се повикаме на уште една препорака на Центарот за добри практики во новинарството Пју од САД објавена во „Прирачник за етика во новинарството(Т. Чаусидис и З. Бојаровски, ЗНМ, 2012) во која се вели дека:

„Новинарите се потпираат на една од најсуштествените постапки во нивната работа – верификација, односно проверка на информациите. Кога се појави концептот за објективност во професијата, тоа не подразбираше дека новинарите се лишени од предрасуди. Но, објективноста и избалансираноста се неопходни за да не се доведе во прашање точноста на информацијата заради културните и личните предрасуди на новинарите.“

Оттаму, новинарот може да има предрасуди, но ако е доволно умен и разумен, објективноста ќе ја пронајде во методологијата. Потрагата по колку што е можно повеќе очевидци, колку што е можно посоодветни извори, отворање можности за мислења на повеќе страни, се постапки кои ги демонстрираат стандардите на објективното новинарство кое секогаш ги верификува информациите.

Овие инструменти на верификација и проверка го издвојуваат новинарството од другите начини на комуникација, како што се пропагандата, фикцијата или забавата.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести