verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

НЕ – СДСМ не е во карантин, а ширењето дезинформации за кронависрусот е кривично дело

on 16 - 03 - 2020       

[Рецензија: ЦЕЛО СДСМ ВО KAPAHТИН: Директорката на кожно била на состаноци во СДСМ и координации за листите]

Манипулирањето со информациите секогаш и во секоја ситуација е неетички и непрофесионално, а кога еден медиум дезинформира во време на вонредни состојби во општеството каква што е состојбата со прогласена епидемија на коронавирусот во нашата држава, манипулацијата не само што може да биде опасна поради ширењето на страв, паника и поттикнувањето на фобичност кон одредена општествена група, туку ваквото непрофесионално постапување е кривично дело. Еден пример за манипулирање со вистината, многу веројатно поттикнато од политички мотиви, е и текстот што го рецензираме, бидејќи тој невистинито известува дека цела една голема групација на граѓани во Република Северна Македонија, членството на СДСМ, е во карантин, наводно, поради тоа што била во контакт со директорката на Кожната клиника во Скопје, која е заразена со Ковид-19.

Линк до оригиналниот напис: ЦЕЛО СДСМ ВО KAPAHТИН: Директорката на кожно била на состаноци во СДСМ и координации за листите

Датум и време на објавување: 9.3.2020

Датум на рецензирање: 13.3.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

Насловот на написот што го рецензираме гласи: „Цело СДСМ во карантин: Директорката на Кожно била на состаноци во СДСМ и координации за листите“. Овој наслов, пред сè, е дезинформација сам по себе бидејќи нема официјална информација дека била донесена одлука од било кој надлежен државен орган цело партиско членство на Социјалдемократскиот сојуз да биде ставено во карантин.

Лажна вест ги испрати социјалдемократите во карантин

Не постоеле ниту индиции, ниту најави за таква одлука, која е самата по себе апсурдна, ниту пак, причини. А, не се ни дефинира што значи воопшто „цело СДСМ“ – цело партиско членство, цел партиски врв, скопски огранок, луѓето кои во одредено време престојувале во зградата на партиското седиште, и тн. Тоа значи дека медиумот кој објавил ваков наслов го сторил тоа со намера да дезинформира за остварување на одредени цели.

Во главата на веста стои дека, освен дотогаш познатите факти за контактите на директорката на Кожната клиника во Скопје, д-р Нина Цаца Билјановска со голем број на лица во својство на доктор и дерматолог и тоа дека таа, наводно, откако се вратила од патувањето во Италија контактирала и со луѓе од СДСМ поради учество во партиски активности.

Еве како изгледа обидот да се оправда лажната вест од насловот:

Информациите на Инфомакс говорат дека Д-р Цаца Билјановска назначена од  СДСМ за директор на клиниката за кожни болести освен што била во контакт со пациенти и повеќе од 100-тина лекари била во контакт и со сопартијци, односно учествувала на партиски активности.

Нема ниту изјава, ниту потврда од партиски извор за да може да се  поткрепи оваа шпекулација. Докторката, можеби, била во контакт и учествувала во партиски активности на СДСМ, ама читателот не може да знае дали било така или не.

Доктор Билјановска минатата недела била на состаноци во седиштето на СДСМ на Бихаќка како и на координациите за листи на пратеници кои активно се случуваа во овој предизборен период.

И повторно, ова тврдење во написот не се поткрепува со факт – изјава на релевантен извор или фотографија од настанот (средбите на докторката со членство на СДСМ). Написот е проследен со фотографија на партиски собир за кој не може во сигурност да се тврди дека е од актуелни партиски случувања (Токму спротивното, според изборот на облеката на присутните би можело да се насети дека таа е снимена во период кога се носела полесна облека, бидејќи жените се со куси ракави и сандали).

Сепак, поважно од тоа дали д-р Цаца Билјановска била или не била во контакт и со колкав број на свои сопартијци, е тоа што не постои соопштение или изјава на официјално лице во кое се информира јавноста дека одреден број на членови на Социјалдемократскиот сојуз се ставени во карантин, а уште помалку дека „цело СДСМ“ е во карантин поради тоа што контактирале со лекарката. Дури и да има, меѓу изолираните лица членови на СДСМ, тоа секако не е „цело СДСМ“.Тоа значи дека веста во насловот е лажна.

Покрај тоа што била на работни состаноси на Бихаќка, директорката на кожно имала и контакт со пациенти како и со колеги доктори, но она што најмногу загрижува е нејзиното присуство на конгрес на лекари во Скопје каде присуствувале повеќе од 100-тина нејзини колеги лекари, што пак може да предизвика тотален колапс на здравствениот систем.

Според препораките на Филипче, но и на Светската здравствена организација сите што биле во контакт со нејзе, вклучително и здравствен персонал и пациенти мора да бидат во карантин 14 дена!

Изнесените факти околу случајот со директорката на Кожна клиника се неспорни, проблематичен е начинот на кој написов се обидува да ги манипулира, а тоа е да ги употреби за да предизвика паника и да издвои една групација на граѓани, припадници на една политичка партија како предизвикувачи на епидемија, како носители на опасниот вирус, а со самото тоа опасни по околина.

ЗА ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ЗАРАЗА – И ДО 6 МЕСЕЦИ ЗАТВОР

Како што Критинк веќе пишуваше, според Кривичниот законик,во Глава 21, означена како Кривични дела против здравјето на луѓето, во Член 205 став 5 од КЗ, се наведува:

Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеца.

Теоретски, ваквата дезинформација, во случај на зголемена растревоженост кај населението, може да предизвика дополнителна паника, па дури и немили ситуации насочени против припадници на посочена категорија граѓани, конкретно членови на Социјалдемократскито сојуз. Иако навидум звучи претерано, никој, во вонредна ситуација каква што се епидемиите, не може да гарантира дека такво нешто не може да се случи.

Министерство за внатрешни работи токму во таа насока реагираше на 11 март со соопштение во кое се вели:

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени односно „лажни“ вести околу вирусот Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции.

Која е целта на ваквата дезинформација? Со оглед дека се работи за предизборен период и дека тоа коинцидира со избувнувањето на епидемијата со сериозност која досега не се случувала во државава, не е тешко да се поврзе „два и два“. Зад оваа лажна вест, освен што е мамец за кликови се крие обид да се оцрни конкретна партија, во случајов СДСМ, во чии раце е извршната власт, а со тоа и одговорноста во справувањето со епидемијата на Коронавирусот.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести