verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Научни невистини сервирани како факти

on 28 - 06 - 2016       

mak.n

[Рецензија: Македонците се првите луѓе во Европа и сите европските народи имаат потекло од Македонците!!!]

 

Пред нас имаме текст кој на ниедна основа не може да припаѓа на ниту еден новинарски жанр, а уште помалку има елементи на научно четиво, иако се обидува да критикува политички контекст зад еден сериозен научен труд. Всушност, темата на научниот труд само до некаде ја допира темата на написот што го рецензираме, а сè друго е плод на фантазијата, која очигледно била појдовната точка при неговото пишување.

Насловот сублимира сè – и мотивите, и релевантноста на тврдењата, како и нивото на писменоста и ставовите кои  се промовираат во овој напис. Тврдењето дека Македонците се првите луѓе во Европа и дека сите други народи потекнуваат од нив, овој текст веднаш го става во графата „несериозни творби“.

Уште понесериозен е пристапот кон темата, при што, во облик на лично обраќање на анонимен автор кон непознат(и) адресант(и), критикува дека им било забрането на македонските научници да партиципираат во ова истражување и со тоа да му ја откријат на светот наводната вистина за Македонците како предци на сите европски народи.

Рецензија: Научни невистини сервирани како фактиЛинк до оригиналниот напис: Македонците се првите луѓе во Европа и сите европските народи имаат потекло од Македонците!!!

Датум и време на објавување: 8.06.2016

Датум на рецензирање: 23.06.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

НАТЕЖНУВА ОД НЕВИСТИНИ

Повод за овој текст е едно научно истражување на древни геноми (генетски материјал земен при антрополошки испитувања на остатоци на живи суштества, н.з.) од наоди на скелети на луѓе од времето на неолитот во реонот на Југозападна Турција и Централна и Северна Грција и нивна споредба со генетски материјал на човечки остатоци од неолитски луѓе низ европскиот континент. Написот натежнува од невистинити тврдења, какво што е следново:

„Научно докажано: Македонците се првите луѓе во Европа и сите европските народи имаат потекло од Македонците!!!“

Она што во научната студија се вели, всушност, е следново:

„Забележавме голема генетска сичност помеѓу раните фармери (сточари/земјоделци) од регионот околу Егејското Море со оние низ Европа. Нашата студија покажува диретна генетска врска помеѓу медитерански и централноевропски фармери и оние од Грција и Анадолија, со што европската неолитска миграторна врска се продолжува сè до Југозападна Азија. Ова истражување, всушност, покажува дека во неолитот (помлада камена доба, н.з.) постоеле миграторни движења од егејскиот и од блискоисточниот регион кон европскиот континент што довело до мешање на таа популација со староседелците“.

Даден е и линкот до тоа истражување направено од интернационална група научници, во која партиципираат и истражувачи од грчки научни институции, но проследен со следново тврдење:

„НЕКОЈ од Македонија намерно го саботирал истражувањето за ниту еден научник-Македонец да не учествува во оваа истражување, со што во научниот труд не е наведено дека се земени скелети од Македонци, туку наместо тоа пишува “северна Грција”. Со неучеството на македонски научнити намерно во PCA анализите не се вклучен Македонците, со што е изгебнато директното спомнување и потврда дека Македонците се првиот народ во Европа“.

 

МЕШАЊЕ НА ПОЛИТИКАТА ВО НАУКАТА

Од написот, но и од прегледот на содржините на интернет, не може да се утврди никаква вистинитост на тврдењето дека некој во Македонија не дозволил во ова истражување да учествуваат и македонски научници, но еве што за последиците од наводната опструкција се вели во текстот:

„Грчките членови Christina Papageorgopoulou и нејзините колеги од Универзитетот Аристотел го искористиле отсуството на македонските научници за да ги погрчат античко-Македонските гробници, па дури влијаеле Македонија да биде означена под таканаречената референца!“ 

Нејасно е зошто овој текст е полн со неточни и со незасновани тврдења кои немаат никаква врска со реалноста, а притоа на читателите им е понуден линкот до самото истражување каде и лаик, кој разбира англиски, може да се увери за што, всушност, станува збор.

Во написот се тврди и дека:

„Еден од предводниците на оваа истражување е генетичарот Марк Томас, кој е познат по тоа што во 2002 почна истражување за да го докаже македонското потекло на Хунзите и на Калашите!“,

но на листата на научниците кои учествувале, дадена во истражувањето, воопшто не се наоѓа името Марк Томас.

Всушност, воопшто и не се крие што е мотивот на овој напис, па така читателот дознава дека:

„Грците се плашат дека ако со генетски тестови се потврди дека НИЕ ДЕНЕШНИТЕ МАКЕДОНЦИ СМЕ ВИСТИНСКИТЕ ПОТОМЦИ НА АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ И СИТЕ ГРОБОВИ ТАМУ СЕ ГРОБОВИ НА НАШИТЕ ПРЕДЦИ, ТОГАШ ТИЕ НЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ЈА ОПРАВДААТ ОКУПАЦИЈАТА НА ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА И ЕДЕН ДЕН ЌЕ СЕ ВРАТИ ТОА ШТО Е НАШЕ!!!“

Ова е еден мошне неуспешен обид за мешање на политиката во науката. Крајниот резултат изгледа невкусно и аматерски, но и претставува удар врз кредибилитетот на медиумот.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

делумно

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

има контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести