verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мултикултурализмот и медиумите

on 16 - 01 - 2017       
Овој напис го има и на: Албански
Етнизација наместо мултикултурализам - која е улогата на медиумите. Фото: pixabay
Етнизација наместо мултикултурализам – која е улогата на медиумите. Фото: pixabay

 

Медиумите треба да го прифатат мултикултурализмот во Македонија како состојба на нештата. Плашењето на јавноста и кревањето тензии со напумпани етнички теми и прашања, кои потоа прават и другата страна да се почувствува несигурно или загрозено не му се потребни никому. Особено не во ситуација на кревка постизборна атмосфера, во период на неразрешена политичка криза и во период кога извршната власт (владата) сè уште не е воспоставена

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Времето на невреме продолжува и понатаму! Необично да се почне со констатација, но нужно, затоа што доколку изборите беа катализаторот за „помрднување на нештата“, тие се одржаа и сега треба да се види ефектот од „помрднувањето“ на дело. Но, наместо тоа, „иако изборите беа фер и демократски, со мали нерегуларности, тие не ставија крај на двегодишната криза во државата“, оценува и известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, пратеникот Иво Вајгл. Сега кризата добива ново руво или, како што дел од медиумите известуваат, „Нова влада или нови избори?“, а некои од нив, провладините, се обидуваат дури и да лоцираат и да најават бомбастична разврска на одреден „страшен проблем“, кочничар во безизлезноста – „ВМРO-ДПМНЕ ќе го надживее и Сорос и неговите надворешни и внатрешни слуги и платеници“, велејќи дека: „она низ што мина Македонија не е сплет на околности, туку оркестрирана, организирана и професионално одработена револуција (…) Армии НВО војуваат во модерниот свет, а во Македонија ВМРО-ДПМНЕ ја извојува деветтата изборна победа против корумпирани новинари, сопственици на медиуми, професори, интелектуалци, аналитичари, активисти, предводени од професионални протестирачи“.

Оттука, веќе дегутантно е да се поставува прашањето за агендата што ја одработуваат овие медиуми, затоа што истото прашање повеќе ќе личи на реторичко, бидејќи немаме реални соговорници, познавачи на нештата или реално професионалци во браншата во оваа групација. Истото, видливо преку обидот кризата, кој и понатаму продолжува (сега во облик за конституирање Влада), да ја префрлат, наметнат, прикачат на другите преку една изместена логичка рамка на презентирање на фактите и со многу малку вистина, и во нив и во нивното презентирање. Начинот веќе добро познат и секојдневно освежуван, особено од 9 јануари наваму, но со иста ланска тематика: „Албанска православна црква“ ќе биде круната на федерализацијата“. Тоа открива дека многумина од провладините медиуми истиот фолклор, заради страв и трепет во јавноста, го користат повторно играјќи на картата на кантонизацијата, федерализацијата и особено на билингвизмот од страна на опозицијата, особено кога се знае дека „топката“ е префрлена во „нозете“ на албанските партии, т.е. ДУИ и албанската платформа без која ќе нема влада! А, овие прашања, и врапчињата веќе знаат, одамна се затворени и регулирани со Рамковниот договор.

 

ШТО Е СПЕЦИФИЧНО ЗА МУЛТИКУЛТУРНАТА СТВАРНОСТ И ОПШТЕСТВО

Со тоа овие медиуми го напуштија првиот постулат во професионалното извршување на својата дејност – следење и известување за вистината. Логично, прашањето за аспектот и за суштината за тоа каде ја направија грешката е предмет на анализава. Многу евидентно за секој еден поедуциран новинар од овие медиуми е концептот на мултикултурно општество во Македонија и, секако, правилното исчитување, а не замајување со содржината на Охридскиот рамковен договор. Попрецизно, преку пласирање на можни сценарија за албанизација на Македонија потпомогната од опозицијата, потајно и премолчено да се гради етнонационален идентитет, а не мултикултурна Македонија: „и додека СДСМ официјално молчи, а преку свои аналитичари се нуди на ДУИ прифаќајќи ги понудите до запирка, ВМРО-ДПМНЕ излезе со јасен став дека императив претставува почитувањето на волјата на народот и со тоа формирањето на влада, но не по секоја цена“. Парадоксално, зарем не!?

Имено, ако се знае дека она што е специфично за мултикултурната стварност и општество е сетот на барања на различни културни групи спрема државните авторитети, следственобарањата за малцински права мораат да се сфатат во контекстот на тоа дека тие се реактивен одговор на државното градење на нацијата, т.е. малцинствата поставуваат барања „против“ државата, како одговор на барањата што државата ги поставува „против“ нив“ (Доцент д-р Ана Чупеска). И тука, соодветно на двата услова на консензусот (слободата и дијалогот), посебно треба да се издвои како проблемтрансформацијата на политичкото претставување од предоминантното посредно кон инклузивно за да се покаже тенденцијата за т.н. редемократизација на демократските општества со вклучување на културната различност“.

Илустративен пример во контекст на ваквата мултикултурна консензуалност и медиумска писменост за неа е Македонија. Но, историски би требало да се вратиме наназад на неколку работи (Доцент д-р А.Ч.):

  • Најдобар одговор на барањата за новата мултикултуралност со осамостојувањето е граѓанско-либералниот устав, иако Албанците изразија и сметаа дека тој е етноцентричен, па оттука, нивното прво барање (да бидат прогласени за конститутивен народ во Уставот од 1991 година), откако не беше прифатено, албанските пратеници го бојкотираа гласањето при донесувањето на Уставот;
  • Ваквата ориентација, ентокултурните групи ја доживеаја како забрана за учество во новиот процес на градењето на нацијата, па дури се побара и територијална автономија (од страна на ПДП во 1992 година кога беше организиран нелегален референдум за територијална автономија на Албанците во Македонија, попознат под името Илирида);
  • Тоа резултираше со став на македонскиот политички блок дека инклузивноста на малцинските културни ентитети се смета за штетна и за недозволива;
  • Во 1994 година, новото политичко крило на ПДП, кое подоцна прерасна во ДПА, го постави следното барање: отворање на високообразовни институции за Албанците во Македонија.

Сите овие барања добија важност со почнувањето на конфликтот во 2001 година, и т.н. нон-пејпер на лидерот на ДПА, Арбен Џафери (кој беше основа за подоцнежниот Охридски рамковен договор). Во истиот, покрај поставените барања, треба повторно да се потсетиме и да нотираме еден момент, една реченица: се нагласува дека се отфрла иницијатива за сецесија или за федерализација на Република Македонија, но се бара Албанците да не бидат маргинализирани и да не се игнорираат од Владата во процесот на донесување одлуки.

 

СЕЕЊЕ СТРАВ ОД Т.Н. „АЛБАНИЗИРАЊЕ“ НА ДРЖАВАТА

Со тоа веќе е затворено прашањето за каков било обид за кантонизација, федерализација, билингвалност и слични националистички испервертирани „убиствени копја“ за плашење на народот, особено во сегашни услови кога насекаде се пласира информацијата како Заев гледа на платформата и зошто е толку „мек“ кон барањата на Албанците, без да се согледа дека „балансот меѓу  политиката на идентитет и групните права и политиката на индивидуални права доживеа своја промоција во Рамковниот договор од 13 август 2001 година“, вели Петар Атанасов. Според него, „елементите на социокултурната варијанта на мултикултурализмот, практикувани до 2001 година, со Охридскиот договор сè повеќе се трансформираат во модел на поделба на моќта меѓу различните етнички групи, преку балансирање на индивидуалните и на групните права како последица на етнизацијата на голем број сфери во општеството“.

Сумарно, целиот обид за сеење страв од т.н. „албанизирање“ на државата, особено од страна на „аболираниот криминалец“ Заев, како што милуваат да посочат овие медиуми, соодветно на упатствата од нивните ментори од владејачката гарнитура, е повеќе од залуден. Фактите говорат сами по себе, но поголем е стравот од она што доаѓа, а е навестено и во сите извештаи за Македонија, но и во платформата на албанскиот блок – продолжување на мандатот на СЈО! Со тоа секнува изворот и ќе мора да се работи според професионалните норми, да се разбере декамултикултурализмот и мирната коегзистенција во Македонија, иако често подложни на сериозни предизвици, се втемелени во основата на нашата државност“.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести