verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Многу неодговорени прашања за смртта на загинатите полицајци во Куманово

on 17 - 06 - 2015       
Куманово, мај 2015. Фото: Ian Bancroft
Куманово, мај 2015. Фото: Ian Bancroft

 

Медиумите не поставија редица прашања во врска со настаните што доведоа до загинувањето на осум полицајци за време на акцијата во Куманово – од тоа зошто не е извршена внатрешна истрага за начинот на загинувањето на секој од полицајците, до недостигот и на надворешна истрага, како што налага законот, неизвршувањето на одбукција врз телата на загинатите и уште многу други

 

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Барањето објаснување е една од алатките за контрола на власта. Упорноста, инсистирањето и континуираниот и координиран притисок на поголем број медиуми  врз институциите, со барање конкретни одговори, се покажа како успешен механизам, на пример, во случајот со несоодветното постапување на властите кон мигрантите кои поминуваат низ територијата на Република Македонија.

Меѓутоа, постојат прашања кои институциите ќе се обидат на секаков начин да избегнат да ги одговорат, односно, ќе се обидат да ги потиснат на втор план, да ги „забошотат“.

Во моментот кога новинарите ќе забележат дека власта се обидува да затскрие одредена информација, да ја „превиди“ или, пак, да го дефокусира вниманието на медиумите и на јавноста, треба да се запали црвено светло на предупредување. Имено, во ваков случај многу често станува збор за област која власта не сака да биде контролирана и за прашања на кои не сака да даде одговор.

Таков е случајот со истрагата за смртта на осумте полицајци кои загинаа на 9 мај 2015 година, во полициската акција во Куманово и за 37-те повредени полицајци во истата акција.

По бранот написи, анализи и поставени прашања во врска со случувањата во Куманово, останаа низа непоставени или неодговорени прашања. Уште повеќе, селективното и некритичко пренесување на извештаите и на пораките што ги пласираат државните институции, претставува отворена манипулација со јавноста.

Прво, голем број медиуми го пренесоа извештајот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, кој се однесува на член 81 од Законот за полиција – основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на огнено оружје и употребата на средство за присилба кога е предизвикана тешка телесна повреда или настапи смрт на некое лице или кога средството за присилба е употребено спрема повеќе лица.

Ниту еден од медиумите не се заинтересира дали покрај овој извештај е подготвен и  извештај во согласност со член 113 од Законот за полиција. Имено, според овој член, организациската единица на Министерството надлежна за внатрешна контрола и професионални стандарди, треба да подготви извештај со мислење во случај кога полициски службеник ќе го изгуби животот за околностите под кои тој го загубил животoт.

Всушност, за секој загинат и повреден полицаец треба да биде подготвен посебен извештај, за сите околности што довеле до смрт. Тоа значи детално испитување на тоа од кого е убиен/повреден секој полицаец, како е убиен/повреден секој полицаец, што била причината за убиство/повреда, дали има елементи на лична неподготвеност, на лоша организација, на командна одговорност (кои понатаму би се адресирале за санкционирање на одговорните и за преземање мерки да се избегнат слични последици во најголема можна мера). Со ваков извештај треба да се преиспита одговорноста за огромниот број загинати и повредени полицајци за ваков вид акција на сите раководни кадри.

Второ, наспроти големиот број написи поврзани со обдукцијата на загинатите цивили („криминалци“, „терористи“), многу мал број медиуми се заинтересираа за тоа дали е направена обдукција на загинатите полицајци

„Од информациите на Обвинителството не е јасно дали и кога е извршена обдукцијата на телата на загинатите припадници на безбедносните сили, бидејќи тие беа погребани еден ден по нивната погибија“. (Мета)

Ова е посебно несоодветно доколку се има предвид императивна обврска за ваква обдукција во согласност со Законот за здравствена заштита.

Трето, медиумите ја пренесоа информацијата дека

„…Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против определен број лица, за сторено кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Казнениот законик.“(НоваТВ)

Меѓутоа, тие не се заинтересираа дали јавното обвинителство спроведува истрага во согласност со член  123 од Кривичниот законик, според кој

„Со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што:

…ќе лиши од живот судија, јавен обвинител или адвокат, при вршењето на неговата функција, односно дејност или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување на лице лишено од слобода.“

Многу медиуми пренесуваат информации за истрага која јавното обвинителство ја спроведува во врска со подготовката на „групата“, нивните цели и намери,

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по полициската акција и престрелките со вооружената група, започна истражна постапка против инволвираните во случајот во Куманово.“ (МКД.мк)

меѓутоа, многу мал број медиуми поставија прашање за истрагата на јавното обвинителство за смртта на полицајците. Само продлабочена истрага може да утврди како точно загинале полицајците, кој ги убил и кој е виновен (посредно или непосредно) за нивната смрт.

Четврто, како може да биде оценета како минимална штета ситуација во која се загинати 18 души и повредени 40-тина, а направена е огромна материјална штета.

Петто, новинарите не се заинтересираа да постават прашање зошто за акција во која се загинати осум полицајци, а повредени 37, не е спроведена надворешна контрола во согласност со чл. 39 од Законот за внатрешни работи (а, која може да ја спроведе Собранието на Република Македонија и/или Народниот правобранител)? Медиумите свртеа внимание на тврдењето на Секторот за внатрешна контрола дека

„…при употребата на огненото оружје кон криминално-терористичката групација, од страна на полициските службеници селективно е делувано кон истата, со цел да се постигнат минимални жртви, а максимална цел т.е. одбивање на нападот од себе и неутрализирање на групацијата.“

меѓутоа не го анализираа податокот низ призмата на искуството од други акции во Република Македонија, во регионот и во други држави во Европа.

Шесто, ниту еден медиум не постави прашање зошто и врз основа на што е донесена одлука на Владата на Република Македонија на семејствата на загинатите полицајци да им бидат дадени по 70.000 евра, 40.000 евра на повредените, 1.000 евра, …

„На припадниците на Единицата за специјални задачи и на припадниците на Единицата за брзо распоредување кои беа ангажирани во полициската акција во Куманово, да им се додели финансиски надомест во висина од 10.000 евра по припадник, во денарска противвредност…“

Според членот 111 од Законот за полиција,

„Полициски службеник кој ќе го загуби животот при вршењето или во врска со вршењето на полициските работи, ќе се погребе на трошок на Министерството во местото кое ќе го определат членовите на неговото семејство.

На семејството на полицискиот службеник му припаѓа еднократен надоместок во висина на вкупниот износ од остварените  нето плати во последните 24 месеца или во Полицијата да се вработи член од потесното семејство на загинатиот полициски службеник кој ќе ги исполнува условите за прием во Полицијата, согласно со овој закон.“

Медиумите не ги заинтригира зошто не се спроведува овој член од Законот за полиција? Зошто смртта на еден полициски службеник се вреднува повеќе од смртта на друг? Дали можеби има други причини за ова (на пример: замолчување на семејствата, одбрана од евентуални барања за обдукција или тужби насочени кон раководниот кадар). Врз основа на што се определени и доделени другите надоместоци? И секако, зошто?

Многу мал број медиуми покажаа интерес за фактот дека човекот кој беше надлежен како раководен кадар за спроведување на акцијата (директор на Бирото за јавна безбедност под кој се наоѓаат и централните полициски служби), по загинати осум, а повредени 37 полицајци е назначен за министер на Министерството за внатрешни работи.

И на крај, она што особено загрижува е тоа дека медиумите не поставија прашање за тоа како државата, која очигледно не ги штити, не може да ги штити или не сака да ги штити полицајците, може да ги штити граѓаните.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести