verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумското претставување на изборната реторика и фолклор

on 6 - 12 - 2016       
медиуми и партии - кој кого искористува во изборната кампања? Фото: Ванчо Џамбаски и партиски сајтови, 2016
Медиуми и партии – кој кого искористува во изборната кампања. Фото: Ванчо Џамбаски и партиски сајтови, 2016

 

Непроценливата важност на медиумите во демократските системи, особено за време изборите, во светски рамки е апсолвирана уште од 19 век, а многу повеќе во 20 век, кога, пред сè, политичката и судската практика во САД ја проширува слободата на јавниот говор, а со тоа и во печатените медиуми, давајќи им на истите поголема улога во изборите, што значи огромно зголемување на влијанието на јавното мнение. Од една страна е можноста за релативно бесплатна медиумски покриена кампања, а од друга страна можноста за злоупотреба на медиумите во наметнувањето на сопствените изборни програми, идеи и влијанија. И истото со текот на времето стана sine qua non и во литературата, но особено во практиката и на политичките табори, но и кај медиумските куќи – (зло)употребата на медиумите во изборните процеси

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Македонија не отстапува од споменатата практика. Медиумите известуваат за предизборието, изборниот и за постизборниот процес во функција на јавноста, а често и во партиски цели. Но, дали формата ја оправдува и е пред содржината? Особено во овој период на крстопат, на развој или колапс на демократијата, по 25 години независност, а повторно на почеток… Затоа, на неполна недела пред изборите повторно анализираме, детектираме, обидувајќи се да ја доловиме причината за сè попогрешното медиумско претставување на партиските програми и настапи во однос на јавноста, бидејќи истите и понатаму не откриваат инклинација, т.е. „ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма нуди исти решенија како во 2014 година, иако сега надградени и проширени со нови проекти. СДСМ, пак, во новата програма има иста цел, но нуди и нови проекти, а и концептот е сменет и поинаку изведен од пред две години“.

Напротив, истите добиваат само на силина во својата негативна реторика и фолклор во изборните кампањи! Се работи за „кампањи на високи тонови, со негативен предзнак. Иако самите партии се фокусираат на својата понуда, мислам дека сепак доминираат нападите кон опонентите, најмногу поради високите тензии кои се постојано присутни во тек на политичката криза“, вели Петар Арсовски, додека Рамадан Рамадани смета дека кампањата е „главно „црна кмпања“… и од партиите во албанскиот и од партиите во македонскиот политички блок. Во албанскиот политички кампус, од владејачката ДУИ очекувам дека повеќе ќе зборува за „метафизика“ за „надземен дискурс“, односно за работи кои немаат допирана точка со реалните проблеми што ги тиштат граѓаните, како економија, социјала, подобар стандард. Ова значи дека, на пример, ДУИ нема да зборува за овие конкретни работи, бидејќи досега не сработила ништо на тој план, не може да даде нови ветувања ако не ги остварила тие што ги испорачала на гласачите“.

Имено, освен константниот интерес за меѓународните приоритети, но сè почесто во форма на празна флоскула, на агендата на партиите се и социјалните теми: повисоки пензии и плати за администрацијата, 200 и кусур евра минимална работничка плата, пари за стечајците…, а особено националниот интерес. Навидум, од искуството досега би се рекло дека следиме мирна и неинвентивна, биполарна кампања полна со силни набои и  со конфронтации, помеѓу кантонизацијата на ВМРО-ДПМНЕ и конфискацијата на СДСМ, без притоа да има директни соочувања на аргументи и дебати, а преполна со ветувања. Оттука и анкетите, а и оние малку на број нарачани од медиумите ги прават добиените податоци уште поневеродостојни за компарација, со големо присуство на елементот „неодредени“ и „неизјаснети“ – „сивата зона на неопределените и оние кои одбиле да кажат за кого ќе гласаат изнесува 33 проценти“.

 

„ОНОЈ ШТО ДРЖИ ПРИДИКИ, МОРА ДА ЗНАЕ ДА РЕЧЕ И АМИН!“

И така, станува по малку здодевен целиот тој декор, доколку не се постави прашањето за улогата на медиумите во партиските претставувања кон граѓаните. Тогаш, се чини, доаѓаме до интригантност, затоа што одговорот за улогата на медиумите во партиските претставувања кон граѓаните, всушност, значи детектирање и потенцирање на оној кој ја кажува вистината преку сеопфатна анализа на фактите и на ставовите, ветувањата во програмите и реалните можности, односно дали истиот може ветеното да го реализира и на кој начин. А, ветувањата како ветувања, локум за налепување на потенцијални гласачи, чија цел е „само да ве придобијат како гласач, додека добар дел од нив се нереални и никогаш нема да бидат реализирани. За да се додаде на една страна значи дека треба да се скрати на друга. На која, кога и онака насекаде несотигаат пари? Од каде пари, кога и досега се живее на кредит, со постојано задолжување на државата. Тие пари некој и некогаш ќе мора да ги врати“. Значи во добар дел нереални, а сè поголемата нереалност значи сè поголема сензација.

Е, тоа е предмет на анализа за медиумите во медиумското претставување, затоа што значи отворање на простор за дебата и понуда на медиумскиот простор за излез од кризата преку нудење солвентни решенија. Во овој контекст, „слободни избори има ако има информирани граѓани и контролирани медиуми, бидејќи на медиумскиот пазар сите се со слични наслови и со слични пораки“, вели Никола Димитров за емисијата „Ноќен експрес“ на „Канал 77“, пред една недела. Затоа е потребно соочување, дебата, но владејачката гарнитура овојпат навидум смешно и индолентно се однесува кон истата, праќајќи свои квазиексперти достојни за презир, а не за потврда на реализираното сè до степен на „Реално е, победата е овде!“ Со тоа се прави една досега невидена злоупотреба на јавниот медиумски простор, во кој медиумите најчесто се неми, додека партиите само ја засилуваат изборната реторика и фолклор до самиот финиш, фрлајќи сè на една карта: „Митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, како поход за крстоносна војна“, но не според анегдотата за боксерот, туку во согласност со една германска поговорка: „Оној што држи придики, мора да знае да рече и амин“!

Така, и покрај последните предлози на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, на одредени телевизии, по примерот на ТВ „Нова“, се применува идејата „раздели, па владеј“ во претставувањето на програмите на помалите (по моќност) политички партии во отворените студија, заради одлевање на гласовите од главниот опозициски ривал, додека други, пак, работат очигледно според опозициска агенда, кога по примерот на ТВ „Телма“ дури и во сопственото студио не ги почитуваат нивните поставени правила на фер дебата со сите учесници во изборниот процес. Така, ги канат речиси сите кои не би можеле многу да наштетат во ударната сила на „соборувањето на режимот“, а понекогаш и претставниците на новобрендираната македонска „пуловер“ партија, едновремено служејќи се и нудејќи ѝ на македонската јавност еристички трикови, а не силогизми (докази) од веќе видените политички фигури и кредибилни (?) политички имиња.

 

„ОВА ОВДЕ ВООПШТО НЕ МИ ИЗГЛЕДА НА НЕКОЈА ИЗБОРНА КАМПАЊА“

Следствено, во продолжение, следува изборно навивање, брендирање на пуловерите по социјалните мрежи, задолжителниот декор и фолклор со чувствителни националистички теми, кои ги подгреваат подзаборавените тези и стравови од федерализација, при што логично е „пред избори обично да се покренуваат ваков тип теми кои се чувствителни зошто го допираат срцето на граѓаните повеќе, отколку разумот… (и чија цел), …не е ништо друго освен да се печалат политички поени“, вели Мирјана Малеска. И сосема на крајот, имаме слепа верба до целосно слепило дека реално имаме промени во последните 10 години, само народот сè уште не го воочил тоа. Така се прави костурот на една изборна кампања во согласност со девизата „Плукај го другиот, оти нема што друго да кажеш и да ветиш“.

Оттука оправдан е и ставот дека „…ова што го гледам тука, ова овде воопшто не ми изгледа на некоја изборна кампања или некоја борба на идеи, на вредности, на политики… ова повеќе ми изгледа на театрална борба помеѓу добрите и лошите, зависно од која страна се гледани“, вели Игор Александров, претседател на Здружението на македонски заедници во Австралија за 49. издание на „Ноќен експрес“ на „Канал 77“ на тема „Изборни кампањи“. Со други зборови, кампања,вообичаена и веќе видена, со непотребни меѓусебни обвинувања, агресивна според вокабуларот, недостигаат програми и идеи. Вака граѓаните го оценуваат она што од изборната кампања го гледаат главно преку медиумите. За меѓународните претставници, употребуваната реторика е и премногу силна, што би можело да се толкува како луксуз со оглед на очекувањата за беспрекорно спроведени избори“.

Во заклучокот, само мало потсетување и за медиумите и за политичарите на само неполна недела пред изборите, на зборовите на Чарлс Гарет од 15 септември 2016 година, кога запрашан за посебноста на демократијата, за меѓународниот ден на демократијата, повтори, барем за нас, критички (не)освестените, веќе добро познато сознание: „Демократијата е единствениот систем на управување што го става обичниот човек во фокус… Зависи од политичари и од функционери кои ќе прифатат дека немаат право да владеат – туку дека ним привремено моќта им ја дава народот. Зависи од владеењето на правото. Од слободата на информирање и на говорот. Информацијата е крвототокот на силната демократија… Медиумите се примарен извор на политички информации за јавноста, така што мора да им биде дозволено да ја играат својата улога без политичко мешање… Кога ќе се разбере ова, тогаш станува јасно зошто недемократските влади низ светот секогаш го гледаат отворениот испитувачки настроен граѓански сектор и медиумите како непријател. И зошто се обидуваат да создадат клиентелистички граѓански сектор и медиуми, преку користење на моќта на државата да притиска, застрашува и да се заканува“.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести