verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумската слобода во Македонија е како недовршена карабина со изместена статика!

on 3 - 02 - 2016       
Најновите извештаи на Фридом Хаус
Најновите извештаи на „Фридом хаус“

 

Македонското секојдневие во последните 25 години е исполнето со обиди за дефокусирање на јавноста преку разно-разни тези во однос на тие што се на власт, но особено за тие што се во опозиција. Така, секакви (не)вистини излегоа, но и беа протуркани на површина заради интересите на оние кои играат заткулисно, а најмногу преку „сопствените медиумски гласила“ кои ги држат во состојба на сервилност, но без иднина во развојот на демократијата.

 

Пишува: Дејан Донев

 

Постојат многу тези во последните 12 турбулентни месеци за нагорната линија, но и за падот на македонската „демократија“. Од најбаналните, учебникарски, па сѐ до конспирациските и реално тешко проверливи (од мноштвото нив издвојуваме за македонската опозиција која игра чудна улога со Москва). Но, една од нив особено доминира заради својата тежина и проблематичност. Имено, ако се тргне во проверка на тезата дека изборите во април се за зацврстување на автократијата, т.е. „избори заради избори!“, тогаш не сме далеку од сведоштвото за обидот за уривање на силината на позицијата на опозицијата, а прикажани низ најновите извештаи на „Фридом хаус“, потоа изјавата на Хан за бугарскиот „Капитал“, реакцијата на 78 невладини организации

Она што е посочено како прво – извештаите на реномираната американска организација „Фридом хаус“ и не кажуваат ништо ново доколку се имаат предвид случувањата во изминатите 12 месеци, туку многу повеќе му даваат оправданост и тежина на она што и ние сѐ повеќе го осознаваме. Би се рекло дека „...тоа не е ништо ново, ниту чудо. Тоа е само пресек – заклучок донесен врз основа на нашиот севкупен демократски, економско-политички, образовен, културен, но, пред сѐ, духовен деструктивен поданички кодошки менталитет и степен на развиток, што во услови на глобална информациска поврзаност е едноставно и лесно изведен“.

 

„ФРИДОМ ХАУС“ ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ ПРАВА И ЗА ГРАЃАНСКИТЕ СЛОБОДИ

Имено, најпрво во 10. по ред извештајот за политичките права и граѓанските слободи на „Фридом хаус“ за 2015 година под наслов „Отфрлање на демократијата: Враќање кон железната тупаница“ (Discarding Democracy: Return to the Iron Fist), се наведува дека за регионот на Евроазија, Р. Македонија бележи најголемо назадување на слободите, по регионот на Блискиот Исток и Северна Африка. Попрецизно:

„Македонија доби надолна тренд линија поради понатамошните информации за тешки недостатоци во изборите во 2014 година, кои доведоа до опозицискиот бојкот на Собранието. Новите информации се дел од поврзаниот скандал со распространетото владино следење на политички и верски лидери, новинари и граѓани“, со што истата се оценува со оценка 4 на скалата од 1 (најслободна) до 7 (целосно неслободна).

Уште повеќе, Македонија и понатаму не спаѓа во категоријата изборни демократии, туку останува во категоријата делумно слободни држави, во која од Балканот спаѓаат и Албанија, Босна, Косово и Црна Гора, т.е. дека „на Балканот постои застој во согласност со кој Македонија, Косово и Босна и Херцеговина покажале дисфункционалност“.

 

„ФРИДОМ ХАУС“ ЗА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС И ЗА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Истото се случува и во извештајот „Држави во транзиција“ на оваа организација, каде продолжува надолниот тренд на државата, особено во делот на изборниот процес и на граѓанското општество, т.е.: „претседателските и предвремените парламентарни избори во Македонија, во април 2014 година, беа нарушени со провладини публикации во медиумите и со пристрасност и злоупотреба на административни ресурси, што доведе до долготраен бојкот на парламентот од страна на опозицијата“. Ваквиот тренд условува единствено, во регионална смисла, само Албанија да е едно место зад Македонија, со оценка 4,14, а пред нас да се Србија и Црна Гора, со оценки 3,68 и 3,89, со што истите се задржаа во групата полуконсолидирани демократии, во која се и Унгарија, Бугарија, Романија и Хрватска.

Во вакви услови, треба да се посочи дека сме во периодот на „пораз на идеите на демократската јавност“, но суштествено е да се праша во какви услови се остварува тој пораз!? Прво, дали денес говориме за јавноста како демократски чинител, т.е. за онаа јавност која сѐ повеќе станува сервилна кон партијата отколку покажување респект кон институциите на државата? Дали јавноста, која сè повеќе намерно се прави „маса“ наместо „демос“, може да биде кредибилен чинител, ако се знае дека за конституирање на политичкото потребен ви е граѓанинот, а не масата? Второ, дали таа има свое мислење или истото е сведено на мнение, па оттука и не го разбира концептот на политичкото како свое можно исходиште (на граѓанството), а не на политичката елита која ја има моќта зад себе.

 

„ФРИДОМ ХАУС“ ЗА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ

Оттука, последниот извештај на „Фридом хаус“ за слобода на медиумите под наслов „Острите закони и насилство придонесуваат за глобално пропаѓање“ (Harsh Laws and Violence Drive Global Decline) сосема логично наведува „пад на Македонија од 10 поени во последните пет години, правејќи ја најлоша земја во регионот. Неколку опозициски ориентирани медиуми беа затворени во изминатиот петгодишен период, а новинарот Томислав Кежаровски остана во притвор во 2014 година поради сомнителните обвиненија дека го открил идентитетот на заштитен сведок во случај за убиство“. Со тоа во делот на најголеми подобрувања и падови за периодот 2010-2014 и покрај 10 поени помалку, се наоѓаме заедно со Хондурас, Унгарија, Србија, Азербејџан, Египет, Хонг Конг, а зад нас Централноафриканската Република, Турција, Еквадор, Мали…, со што во заклучокот за слободата на информирањето како столб на демократијата, во светски рамки, сме на 125. место со 58 бодови и тоа делумно слободна земја, т.е. по Непал, Уганда и Кенија, а пред Конго, Кувајт и Мадагаскар, додека во европски рамки на 41. место со 58 бодови – делумно слободна под сите балкански земји и опкружувањето. Единствено Турција е по нас, со што се потврдува констатираното во Извештајот на Европската комисија уште од лани дека „кај поголемиот дел од македонските медиуми недостига вистинското известување и објективно информирање на публиката преку главните медиуми“, состојба многу слична споредбено со извештаите на другите организации што го мерат степенот на медиумските слободи (последното рангирање на „Репортери без граници“ вели дека Македонија се наоѓа на 117. место на листата на индексот за медиумски слободи во светот со што е многу блиску до дното на овој список).

Во заклучок, претходното само ја цементира вистинитоста на првично поставената теза: „избори без избори“ – зошто толку инсистирање на избори ако не заради зацврстување на моќта на автократијата. Но, она што барем малку дава доза на оптимизам, се чини е настојувањето да се остане приземјен и трезвен – изјавата на Ванхауте за нужноста од вклученост на опозицијата во изборите додека опозицијата и понатаму повикува на вистинитост на преземените постапки во однос на медиумската слобода како клучна во одржувањето на демократијата. Токму затоа, во духот на рекламната порака за „септолете“: Твоето грло е твоја моќ! Ова особено затоа што влегуваме во месец со пет клучни политички датуми кои решаваат има ли Македонија добра статика и ќе се догради ли во станбен објект на основа на веќе постоечка карабина?

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести