verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Медиумот како произведувач на политиката и креатор на новата реалност

on 9 - 01 - 2017       
Овој напис го има и на: Албански

1media

Кога публиката ќе седне пред телевизорот, се соочува со две реалности што се спротивставуваат една на друга, за истиот собир. Таа (публиката) се наоѓа пред една забуна за тоа кој ја зборува вистината. Одговорот е дека и двете страни ги кажуваат своите вистини. Или, дел од вистината. А постои и една „трета“ вистина…

 

Пишува Агрон Врангала

Медиумите и политиката се две области што некогаш се согласуваат, а некогаш се судираат една со друга. Но, едно е сигурно, тие не можат една без друга и во модерните општества секогаш се сопатници во општествените процеси. Не случајно се спомнува терминот „општествени процеси“ за да се даде до знаење дека сè што се произведува во политиката или медиумите, на крајот на денот е дел од едно одредено општество. И, токму тоа општество ги држи на плеќи овие професии во нивните општествени димензии, колку противречни, толку и потребни.

Не е некоја новост доколку се рече дека сите медиуми имаат политичко влијание. Ниеден медиум во светот нема целосна надполитичка независност. Ова не подразбира секогаш дека медиумите задолжително мора да држат некоја страна за да се сметаат за политички. Може и да не поддржуваат политички субјекти, но не можат да бидат соголени од секоја идеологија што ја смислила човештвото.

Има многу дебата за тоа како е можно медиумите, кои се повикуваат во име на слободата на изразот и јавниот интерес, да станат заложници на една одредена идеологија. Во овој момент треба да се направи поделба. Едно е да веруваш во нешто и да работиш во тој правец, друго е да бидеш платен за нешто и да се преправаш дека веруваш во тоа. И, сосема трето е кога твојата насока ја претвораш во една догма што треба да биде проследена од сите, со идејата дека тоа е единствениот пат што му е потребен на општеството. Тука завршуваме со ова прикажување на опциите, оставајќи ја отворена дискусијата, со една општа констатација дека политиката ги произведува медиумите.

Постои уште едно важно прашање. Дали е можно да е случи спротивното, односно медиумите да ја произведуваат политиката? Медиумските истражувачи велат – да, можно е.

Еден од социолозите за комуникација, Пиер Бордју, дошол до една многу интересна констатација во која вели дека телевизијата не одразува еден одреден политички настан, туку го произведува од почеток. Секој може да ја постави дилемата како е можно да се случи такво нешто. Фактите се многу едноставни и може да се толкуваат.

Македонија само што заврши со една интензивна изборна кампања. Речиси сите собири што беа одржани од политичките партии, се следеа од голем дел од медиумите. И, што се случи? На пример, секоја телевизија имаше свое прикажување на овие собири. Истите собири изгледаа различно – на различни телевизиски канали. И зошто? Бидејќи новинарите на овие телевизии не отишле таму за истата цел. Еден новинар од една провладина телевизија ги одвојуваше најубавите делови од излагањето на еден владетел, спротивно на новинар од опозициска телевизија, кој се обидуваше да фати некој контрадикторен израз на истиот политичар.

Кога публиката ќе седне пред телевизорот, се соочува со две реалности што се спротивставуваат една на друга, за истиот собир. Таа (публиката) се наоѓа пред една забуна за тоа кој ја зборува вистината. Одговорот е дека и двете страни ги кажуваат своите вистини. Или, дел од вистината. А постои и една „трета“ вистина. Но, оваа вистина не стигнува до гледачот пред екранот. Таа вистина ѝ припаѓа на публиката што била присутна на собирот. Условно кажано, овие три вистини се за три различни публики. Прва е публиката што била присутна на собирот и што го следела политичкиот настан, додека другите две (или една единствена), се тие што го вклучиле телевизорот и виделе два различни медиумски производи.

 

ЕФЕКТОТ НА КАМЕРАТА

Да земеме еден малку покомплексен пример. Доколку следите една седница на Собранието од почеток до крај, може да се констатира дека постои голема разлика меѓу дискурсот на политичарите кога се присутни телевизиските камери и тогаш кога тие се отсутни. Обично, во моментот кога нема камери во Собрание, дебатата меѓу власта и опозицијата е многу помирна. Во моментот кога пратениците забележуваат дека некој ги снима, одеднаш почнуваат да го острат политичкиот говор, кревајќи го гласот и силно истакнувајќи ги тие зборови што имаат да му ги кажат на својот противник. Ова е тоа што се нарекува ефект на камерите и создавање сцени од страна на политичарите. Сè што се случува, се случува поради присуството на камерите.

Но, ова не е сè. Новинарите што ја следат седницата, кога се враќаат во нивните редакции, треба да прават ивештај кој трае максимум две минути. На овој начин, тие ги одбираат најпикантните моменти од дебатата, обидувајќи се со малку зборови и со неколку слики да го опишат тоа што се случувало денеска во Собранието. Колку и да способни и професионални новинарите, невозможно е да ја прикажат целата реалност што се случила преку целиот ден во Собранието и на седниците. Вака, новинарите создаваат една нова реалност за дискусијата во салата. Ова не значи дека има контрадикторности меѓу овие две реалности, туку има голема разлика меѓу дискусијата во салата која трае со часови и хрониката на новинарот која трае само две минути.

Во меѓувреме, ако ги земеме предвид каналите што директно ги пренесуваат собраниските седници, имаме работа со еден сосема нов елемент. Во овој случај, телевизиската камера игра улога на една сигурносна камера која снима сè што фаќа нејзиниот кадар. Но, недостига новинарот на средина, што би направил избор, комбинирање и монтажа на најинтересните моменти. Во оваа смисла, овде имаме само еден директен пренос, без ниеден новинарски елемент. Во случаите на емитувањето во живо на овие седници, кај јавноста се создава еден впечаток дека следат сè што се случува таму. Не е вистина. Јавноста го следи само делот што камерата го снима во тој момент. На пример, во времето кога камерата е насочена кон говорницата и го снима моменталниот говорник, истовремено некаде на крајот од салата, може да има десетици пратеници што следат „Фејсбук“ и немаат воопшто идеја за тоа што зборува нивниот колега, но телевизиската публика не успева да го види тој дел. И во овој случај, имаме една нова измислена медиумска реалност, во споредба со тоа што навистина се случува во салата. Вака се случува во сите случаи каде што има камери.

Освен ефектот на камерата, еден од главните фактори на создавање на нова медиумска реалност се и телевизиските студија или, поточно, односот на новинарот со гостите. Познатиот албански филозоф и комуниколог Артан Фуга, истакнува дека имајќи еден формален статус на непристрасност и чувајќи ја оваа површинска непристрасност со фанатизам, новинарот станува одредувачки фактор во сферата на политичката комуникација. Тој е тој што му ги поставува прашањата на политичарот, тој е тој што ја одредува агендата на јавната дискусија, што ги открива или ги крие недостатоците на политичарите за време на телевизискиот политички настап, што го дава времето на располагање на секој политичар што се наоѓа пред камерите и што, на крајот на краиштата, ги одбира посакуваните нијанси за фигурата и телевизиското орално и физичко претставување на секој политичар.

 

ДВЕ ИНТЕРВЈУА НА ИСТА ТЕЛЕВИЗИЈА

Во февруари 2016 година, во студиото на вестите на „Сител“ беше поканет на интервју претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да се соочи со новинарот Драган Павловиќ-Латас. Ова беше првото интервју што го памти публиката на Заев во ова студио. Во август истата година, пак, беше поканет претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој редовно се појавува како гостин на вестите и другите емисии во оваа телевизија.

Доколку ги споредите овие два интервјуа, ќе видите дека станува збор за две сосема различни работи, почнувајќи од прашањата што им се поставуваат на гостите, односот на новинарот со гостинот, притисокот или удобноста што им се нуди во смисла на кадарот на камерата, како и многу други работи што зборуваат за тоа што се вика нов медиумски производ на политиката. Тој пристап кон гостите нема воопшто врска со нивните политики. Тоа е еден оригинален, нов конструкт на реалноста, произведен од оваа телевизија. Вака се случува во секој случај. Истиот лик би зборувал за истата тема, но во различни телевизиски студија, би излегол со различни проекции во очите на публиката, во зависност од политичките ориентации што таа телевизија ги прокламира.

Овие три примери што се изнесоа овде, може да служат како просветлување или отварање на нова перспектива за тие што се заинтересирани да одат чекор понапред преку конструктите на реалноста што им се нудат секој ден од медиумите, правејќи една сосема индивидуална проценка за просторот и времето што ќе им го посветат на овие производи, кои се колку привлечни, толку и нестабилни.

Во западните земји, на пример, во образованите семејства, во смисла на медиумското образование, има тренд да се отстрани од употреба или да се употреби на многу ограничен начин телевизијата како апарат за забава. Во Македонија, пак, може да има семејства што уште не успеале да имаат телевизор во нивните домови. Една златна средина секогаш би била добредојдена.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *