verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите во Потемкин-демократијата

on 31 - 05 - 2016       
Potemkin-so-pogled-na-Skopj
Принцот Григориј Потемкин и неговиот поглед на „Скопје 2014“. Фото: Википедија/скриншот

 

Демократските капацитети на поранешниот премиер не се истите како оние на Република Македонија и на еден сериозен дел од граѓаните на Македонија кои ја бојат „Шарената револуција“. Неосновано е да се тврди дека Македонија не може да биде модерна демократска и граѓанска држава

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Потемкин, Потемкинови села: Во политиката и во економијата, под Потемкинови села се подразбираат конструкции кои имаат единствена цел – да ја доведат во заблуда јавноста дека ситуацијата е подобра отколку што е навистина.

Шарада: Апсурдно преправање со намера измамата да се се прикаже како пријатна, респектибилна и посакувана.

 

Всушност „Шарената револуција“, како шарена парада е најсоодветниот одговор на шарадата која еден сериозен дел од медиумите има цел да ја прикаже како пријатна, посакувана, респектабилна. Потемкиновите села од фасадите на конструкциите на политиката и на економијата како медиумска реалност по извесно време, откако ќе се мантраат во илјадници репетиции, да се претворат во објективна реалност.

Ама тоа е алхемија. Може тоа во филмови и во фантазиите на луѓето кои лимитираните демократски капацитети ги заменуваат со илузијата на семоќноста на диктатурата.

Ова размислување кое полека се преточува во компаративна анализа на медиумската и на објективната реалност, има цел да ја изведе докрај тезата дека демократијата во Македонија се претвори во шарада како последица на личносниот капацитет на лидерскиот врв на најголемата партија во владејачката партија во Македонија во последните десет години.

За да ја направиме оваа компаративна анализа, ќе се послужиме со два медиумски феномени од понов датум: интервјуто на поранешниот премиер за порталот „Телеграф“ и серијата текстови под заедничко име „Платеничка револуција“, продуцирани од едно место и дисперзирани во сите медиуми што некритички ги поддржуваат политиките на актуелната власт.

Но, пред тоа ќе разгледаме четири аспекти на доминатните погледи на демократијата во Македонија во последните 10 години кои се сесрдно медиумски помагани.

 

ВО КОСТУМОТ НА АВТОКРАТОТ

Првиот аспект ќе го наречеме „афирмациско-оптимистички“. Од овој аспект на владеењето на поранешниот премиер, во изминатите 10 години, се „фрла(ше) боја“ која треба(ше) да го отслика како „убеден реформатор и посветен патриот“ (МЕГАИНТЕРВЈУ, НИКОЛА ГРУЕВСКИ: И покрај кризата продолжуваме да спроведуваме економски политики кои носат развој и работни места (ПЕТТИ ДЕЛ).

Вториот аспект е „афирмациско-песимистички“. Еден многу чуден пристап, кој има песимистички поглед на иднината на земјата, главно поради меѓународната закана и заговор кон републиката, но ги поддржува политиките на актуелната политичка елита на власт (РУСИЈА И АМЕРИКА РУНДА ТРИ: Борба за Македонија!, Македонија мора да има своја власт, инаку ќе владее некој друг!).

Третиот поглед е „негациско-песимистички“. Медиумските и другите застапници на овој поглед на актуелната општествена криза во Македонија тргнуваат од целосно киднапираните институции на системот и од опасната насока во која се движи земјата, која се заканува да ја изгуби онаа мала доверба и поддршка на меѓународната заедница која секој ден се троши (Не смееме да дозволиме меѓународната заедница да крене раце од Македонија!).

Четвртиот агол од кој се гледа и од кој медиумски се канализира општествено-политичката криза во земјата е „негациско-оптимистички“. Некои набљудувачи на процесите и за овој аспект велат дека е малку контрадикторен. Застапниците на оваа перспектива, од една страна тврдат дека доколку не се случи пресврт, лидерот на владејачката партија може да го облече новиот, модерен авторитарен костум, каков што добро му стои на Орбан во Унгарија, а, од друга страна, дека демократските капацитети на поранешниот премиер не се истите како тие на Република Македонија и на еден сериозен дел од граѓаните на Македонија кои ја бојат „Шарената револуција“. Оттаму, според овој, четвртиот пристап, неосновано е да се тврди дека Македонија не може да биде модерна демократска и граѓанска држава (Интересно совпаѓање во говорите на Груевски и шефот на кабинет на Орбан).

 

ФАКТОР 4 ЗА ЗАШТИТА ОД СЕЛСКА ПОТЕМКИНИЗАЦИЈА

Оваа новинарска анализа си постави уште една задача – да укаже и на други четири фактори кои ја определуваат дијагнозата што произлегува од состојбата на еден дел од медиумите во Македонија. Оној доминантниот. Тие четири фактори се:

  1. Државниот интервенционизам, односно субвенциите во медиумите;
  2. Органскиот линк меѓу партијата и медиумите;
  3. Нискиот степен на професионалност, и
  4. Инструментализацијата на медиумите во политички цели.

Пред да ги разгледаме овие фактори што ја дефинираат дијагнозата, треба да нагласиме дека тие произлегуваат од интензитетот на политичкиот паралелизам меѓу доминантните политички елити и медиумите во една општествена средина. Оваа врска меѓу политичките центри на моќ и медиумите, Халин и Манчини ја имаат детално анализирано врз основа на истражувањата на медиумските системи во Северна Америка и во Европа, а сознанијата од анализата се објавени во делото „Comparing Media Systems: Three Models of Media and Politics“ (Hallin and Manchini, Cambridge University Press) од 2004 година.

Според оваа анализа, постојат три големи концепти што произлегуваат од врската политика – медиуми. Тоа се либералниот модел (преовладувачки во англо-американските земји), потоа демократско-корпоративниот модел соодветен на северноевропските земји, и поларизираниот плуралистички модел, типичен за медитеранските земји. Овој последниот, поларизираниот плуралистички модел, е со следните карактеристики:

  • Ориентиран кон политичките елити,
  • Ниски тиражи и делегирана достапност, и
  • Низок степен на слобода на изразување.

Овие три карактеристики се „лепат“ на четирите фактори кои ја определуваа дијагнозата на еден дел од македонското новинарство на следниот начин:

  • Од аспект на првиот фактор, државниот интервенционизам, односно субвенциите во медиумите, сосема е јасно зошто медиумите се свртени кон владејачките политички елити;
  • Вториот фактор, органскиот линк меѓу партијата и медиумите, е логична и неминовна последица на првиот и затоа во еден таков клиентелистички однос имаме предоминатно коментаторско и пристрасно новинарство;
  • Третиот фактор, нискиот степен на професионалност е последица на поданичкиот, потпикнувачки став на сопствениците, менаџерите и на главните уредници кои се поставуваат како апсолутни мртви стражи против професионалните и етичките стандарди; и
  • Четвртиот фактор, инструментализацијата на медиумите во политички цели за пресметка со неистомислениците, е крајната последица која генерира и шири омраза и непријателски емоции.

Медиумската практика во Македонија ги потврдува предвидувањата на оваа теорија – иако се чувари на демократијата, медиумите, ако некој посака, се претвораат и во оружје против демократијата, акт против етичкото новинарство и човековите права. Експертот за човекови права д-р Мирјана Најчевска во својата анализа „Хајка против уставното право на протест“ вака го дефинира овој феномен:

„Ваквиот начин на презентирање („Платеничка револуција“, н.з.) и ваквиот отворен медиумски атак врз одредена група луѓе поради нејзиното несогласување со власта и критиките упатени кон власта, е спротивен како на меѓународните стандарди на етичкото новинарство, така и на меѓународните акти за заштита на човековите права“.

За да ја аргументира оваа своја констатација, Најчевска упатува на Водичот за заштита на новинарството на Советот на Европа. Во него наоѓаме многу корисни препораки, меѓу кои и оваа која вели дека вршењето на новинарската професија подразбира „…дејствување во добра верба за обезбедување навремена и сигурна информација…“. Меѓу другото, ова подразбира дека информацијата е потврдена и добиена од сигурен извор, дека е ставена во соодветниот контекст, дека се понудени точни податоци, дека е дадена можност за оспорување на податоците, дека се бара одговорност на тие кои се на власт, се поддржува размената на различни мислења, се поддржува контролата над власта, не се извртуваат фактите…

Следствено на препораките на овој водич, како и на препораките во сите постоечки новинарски кодекси и правила, во спомнатите медиумски содржини на тема „платеничка револуција“, отсуствуваат сите елементи на етичкото новинарство. Еве што препорачуваат само дел од нив во Кодексот на новинарите:

Член 16

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Член 17

Новинарот има право да одбие работна задача доколку е во спротивност со принципите на овој Кодекс.

Наместо тоа имаме уште една ситуација кога откритијата и укажувањата на новинарите и на граѓанските активисти дека власта е главниот генератор и актер на корупцијата и на злоупотребата на моќта, се первертираат во хајка против оние кои ѝ се спротивставуваат и ја критикуваат и со тоа, всушност, како што пишува Најчевска, го загрозуваат правото на слободно изразување и правото на собирање на луѓето, гарантирани со меѓународните документи.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести