verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Хајка против уставното право на протест

on 23 - 05 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
На удар граѓанските активисти кои се дел од Шарената револуција. Фото: Мета
На удар граѓанските активисти кои се дел од „Шарената револуција“. Фото: „Мета“

 

Текстовите што тврдат дека активисти и новинари се платеници не нудат докази со кои се поврзуваат податоците за хонорари од минатото со излегувањето на протести.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Во одреден број медиуми („Сител“, „Канал5“… ) и неколку новински агенции („Нетпрес“, „Курир“, „Република“… ) се појавија наслови и текстови во кои се атакува врз дел од граѓанските активисти што учествуваат на демонстрациите на „Шарената револуција“:

На пример:

„Десетици имиња на најгласните граѓански активисти во протестите на СДСМ се наоѓаат на платниот список на соросовите организации. Практично се работи за платени и дежурни демонстранти кои својот граѓански активизам дебело го наплатуваат.

Како што и во текот на вчерашниот ден објави Нетпрес, буквално тие добиваат плата за да протестираат, а парите не се проблем. Стотици илјади денари,а  некаде и во милиони се бројат бруто износите што ги инкасирале активистите на шарената револуција платени да го „фарбаат“ народот со своите шарени лаги“.

На прв поглед, станува збор за текстови кои се базираат на факти, со кои се информира јавноста за прашања од јавен интерес и се практикува слободата на изразување во согласност со членот 10 од Европската конвенција за човековите права и другите меѓународни документи (член 19 од Универзалната декларација, член 19 од Mеѓународниот пакт за граѓанските и политичките права…).

„… Застапникот на ЛГБТ заедницата Љуми Бекири кој сега е дел од иницијативата протестирам, а претходно и од студентскиот пленум си земал пари дури три соросови организации, од истата соросова ФОРУМ ЦСИД повеќе исплати од по 4.260 денари, повеќе исплати од Хелсиншкиот комитет на Пировска од по 6.148 денари, како и од организацијата Цивил од по 2.484 денари… Граѓанскиот активист Мариглен Демири кој јавноста го памети по упадот на предавањето кај професорката Каракамишева, исто така си ги наплатил своите активности и во 2014-та година од соросовата ЦСИД ФОРУМ имал исплати од по 3.398 денари… На платниот список на соросовите организации е и Здравко Славевски од Левица кој заработи и пријава за нарушување на јавен ред и мир и оштетување на државниот имот. Тој за своите активности си заработувал по 3.398 денари од соросовата ЦСИД Форум…Жената за која македонскиот народ е глупав, и која искажуваше навреди кон македонските бранители во куманово, Мирјана Најчевска, своите услуги ги наплатувала преку соросовата ФОРУМ ЦСИД од каде инкасирала 55 илјади денари, а пари минатата година земала и од Македонското здружение на млади правници…“

Што е проблематично во овие написи?

Прво што паѓа во очи е логичката грешка „non sequitur“, заклучокот кој е изведен во текстот не произлегува од премисите кои се дадени. Имено, во текстот е изведен заклучок (авторот тврди) дека сите спомнати лица се платени за излегување на протести, односно, за организирање на протестите и за нивна поддршка.

„Стотици лица инкасирале различни суми на пари од чадорот на невладини организации на СДСМ, а за возрат тие се најгласните и дежурни протестанти и критикувачи на власта.“

Наспроти ова тврдење, авторот не нуди ниту еден доказ/податок дека спомнатите луѓе примиле пари за организирање на протестите. Очигледно, се работи за очајнички напор да се „џбарушка во мрачно“, па ако случајно нешто се набоде… Видливо е дури и дека не се работи за средства примени, на пример, во рамките на конкретни проекти за конкретни активности (на пример, обуки, изработка на анализи и истражувања, подготовка на прирачници и друг едукативен материјал и сл.). Во секој случај, она што дефинитивно нема е податок дека добиле пари за да организираат протест или да го предводат протестот.

Авторот не само што не се обидува да прикаже реална ситуација, туку очигледно намерно ја дезинформира јавноста со произволно измислени бројки, без временска рамка и, секако, без изворот на податоци кој би требало да ја потврди релевантноста на дадената информација.

Од друга страна, авторот не ја посочува многу јасната врска меѓу барањата кои се поставени во рамките на демонстрациите и целокупната работа на здруженијата на граѓани со кои се поврзани спомнатите луѓе (заштита на човековите права), што секако зборува за конзистентноста на нивните убедувања и за подготвеноста да ги постават на дневен ред на најразличен начин.

Второ што паѓа во очи е намерата на авторот, а тоа е заштита на власта.

  • … ширејќи тези за наводно непостоење на слобода, недостаток на демократија, со цел рушење на легитимно избрана влада.
  • … тие се најгласните и дежурни протестанти и критикувачи на власта.
  • … се сака да се загрози стабилноста на државата
  • … рушење на демократски избрана Влада

Од содржината на текстот произлегува дека не постојат никакви причини за критика на власта и за поставување барања за повеќе демократија и слобода и дека критиката е вештачки создадена и стимулирана. Бројните написи и наводните факти кои се пласираат во нив, се насочени кон лично дезавуирање на оние луѓе кои се перцепираат како најгласни критичари на власта.

Ваквиот начин на презентирање и ваквиот отворен медиумски атак врз одредена група луѓе поради нејзиното несогласување со власта и критиките упатени кон власта, е спротивен како на меѓународните стандарди на етичкото новинарство, така и на меѓународните акти за заштита на човековите права.

Според водичот за заштита на новинарството изработен од страна на Советот на Европа, извршувањето на новинарската професија подразбира „… дејствување во добра верба за обезбедување навремена и сигурна информација…“. Меѓу другото, ова подразбира дека информацијата е потврдена и добиена од сигурен извор, дека е ставена во соодветниот контекст, дека се понудени точни податоци, дека е дадена можност за оспорување на податоците, дека се бара одговорност на оние кои се на власт, се поддржува размената на различни мислења, се поддржува контролата над власта, не се извртуваат фактите…

Во спомнатите написи отсуствуваат сите елементи на етичкото новинарство.

Според овој водич, во својата работа новинарите особено внимание треба да посветат на заштитата на човековите права и на експонирање пред јавноста на властите кога ги повредуваат овие права и изнесување пред јавноста на случаите на корупција и злоупотреба на моќта.

Советот на Европа го формурирал овој водич, тргнувајќи од претходно воспоставена и прифатена рамка на етичко новинарство кое се развивало рака под рака со заштитата на човековите права во Европа и кое подразбира дека новинарите имаат интерес да го заштитат и да го промовираат највисокиот стандард на човековите права и, особено, правото на слободно изразување.

Со хајката против оние кои се спротивставуваат на власта и кои ја критикуваат власта, спомнатите медиуми, всушност, го загрозуваат правото на слободно изразување и правото на собирање на луѓето, гарантирани со меѓународните документи.

Ова претставува директно кршење на суштината на меѓународното право, според кое,

„ниту една одредба на меѓународните акти за заштита на човековите права не може да се толкува како право за која било држава, група или лице да врши која било дејност или да врши каква било работа насочена кон рушење на правата и слободите што се содржани во нив“.

Овие написи се и директно спротивни на Декларацијата за правата и одговорностите на индивидуите, групите и органите на општетсвото да ги промовираат и заштитуваат универзално прифатените права и основни слободи на човекот, според која,

„Секој има право да се жали на политиките и активностите на властите кога ги повредуваат човековите права“, и

„Секој има право сам или со други да учествува во мирни активности насочени против повредите на човековите права и основни слободи“.    

Целокупната логика на актите што се насочени кон обезбедување поголема заштита на новинарите и слобода на изразувањето, тргнуваат од позиција дека тие новинари се загрозени од државата, од структури во власта (кои или ги напаѓаат или, пак, ги казнуваат за она што го изнесуваат) заради вршењето на својата контролна функција и функција на заштитници на човековите права.

Се поставува прашањето дали треба да бидат заштитени новинарите или квази-новинарите кои се спротивставуваат на слободата на изразување, на различноста на мислењата и целосно апстрахирајќи се од изнесените аргументи или од изнесување противаргументи – водат хајки против оние кои ја атакуваат власта? Дали воопшто може да ги третираме како „новинари“ и на нив да се применуваат актите кои се борат за слобода на изразувањето или, пак, треба да се третираат едноставно како органи на државата (кои се затскриваат зад називот медиум) чија цел е сузбивање на слободата за изразување?

Комисијата за човекови права на ОН, токму во контекст на држави каде и самата држава и нејзините експоненти (како што се, на пример, разни медиуми, квази-медиуми, пропагандни куќи, новински агенции и сл.)  се масовни прекршувачи на човековите права, вклучувајќи го и правото на слободно изразување на сопственото мислење, ги усвојува Принципите против неказнивост и, со тоа, ја предвидела и оваа ситуација. Во принципот 27, најдецидно се констатира дека тоа што подредениот постапувал по наредби – воопшто не го ослободува од одговорност, а особено не од кривична одговорност (а во случајов се работи се неколку кривични дела … ). Со истиот принцип се утврдува и одговорноста на претпоставениот (па дури и да е тоа самиот шеф на државата или шеф на Владата) ако подредениот тоа го направил самоиницијативно.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести