verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите во политичката војна и триумфот на пропагандата

on 26 - 01 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Плакатот за филмот „The War You Don't See“. Извор: Wikipedia
Плакатот за филмот „The War You Don’t See“. Извор: Wikipedia

 

Како застрашувачко исполнување се остварува предвидувањето на таткото на пропагандата Едвард Бернајс, кој одамна ја најави оваа ситуација – пропагандата не е „невидлива влада“. Пропагандата е – владата!

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Зошто новинарството ѝ подлегна на пропагандата? Зошто цензурата и искривоколчувањето станаа секојдневна медиумска практика? Зошто младите новинари не ги учат високите доблесни новинарски принципи и не ги препознаваат наменското „новинарство“ и сопствената улога во пропагандистичкиот журнализам?

Ова се прашања што бараат итни одговори зашто вистината во оваа земја е превртена наопаку благодарение токму на едно големо мнозинство новинари и медиумски тимови со промоција на лаги и со груби манипулации.

Времето во кое живееме, денес и тука, ги соочи граѓаните на оваа земја со сериозни искушенија и опасности. Значаен придонес за оваа состојба имаат еден дел од медиумите и одработувачите на пропагандата во нив. Тие на публиката, на јавноста, ѝ сервираат очила со кои реалноста се прикажува како розова илузија.

 

ПРОПАГАНДАТА Е – ВЛАДАТА!

Во таква ситуација, како застрашувачко исполнување се остварува предвидувањето на таткото на пропагандата Едвард Бернајс, кој одамна ја најави оваа ситуација – пропагандата не е „невидлива влада“. Пропагандата е – владата!

Таквата влада управува без страв од контрадикциите и со полна и неподнослива леснотија ги употребува медиумите за да завладее со здравиот разум и со способноста на луѓето да ја разликуваат вистината од лагата.

Еве само еден од многуте, секојдневни примери:

Ретвит на Хан: Нема потреба за одложување на изборите

01 Kurir-Retvit-na-Han

Овој медиумски производ е брутална манипулација со фактите и со вистината. Зошто? Затоа што е искористен твит на еврокомесарот Јоханес Хан, во кој тој пренесува став на лидерот на ДУИ, кој изјавил дека нема потреба за одложување на изборите закажани за 24 април.

Tvitot-na-Han-za-Ahmeti

Како што гледате, посочениот текст навистина нема врска со вистината и со фактите зашто не Хан, туку Ахмети изјавил дека нема потреба од одложување на изборите. Но, кому му е тоа гајле кога пропагандата е владата, медиумот е владината пропагандна машина, а оваа постапка е брутална злоупотреба и манипулација со извор на информирање.

Ние сме сведоци на војна со помош на медиуми. Секојдневно ги гледаме и сведочиме во, сега веќе бескрупулозните медиумски битки, сите оружја во таа војна: цензурата, демонизацијата, одмаздата, пренасочувањето на вниманието, надреални медиумски троглави монструми составени од лаги, лажни обвинувања и од инсинуации.

Оттаму, „новинарите“ и новинарите што сега учествуваат во медиумската војна треба да размислат за едно прашање кое ќе треба да си го постават по 10-15 години: Дали ќе ја имавме длабоката политичка криза и корумпираните институции на системот доколку си ја работевме нашата работа професионално и чесно?

Се разбира, ова прашање ќе треба да си го постават и повеќе други категории професионалци и граѓани зашто секој ќе треба да си го исповеда сопственото учество во девастацијата на македонското општество во втората деценија на 21 век.

И, кога зборуваме за „сопственото“ учество, треба да биде јасно дека има разлика кога сте ставени во ударот на пропагандата во некој безначаен портал или медиум и кога тој удар, узенгијата, сте си ја ставиле во некоја од националните телевизии и влијателни медиуми, а особено ако прислужувате во јавниот радиодифузен медиум – МРТ.

 

АКО ВИСТИНАТА ЈА ЗАМЕНИ МОЛК, ТОГАШ МОЛКОТ Е ЛАГА

Сега изгледа залудно, но ова пропагандистичко лудило мора да престане. Затоа реформите во медиумската сфера, опфатени со Договорот од Пржино, се исклучително важни. Исто толку важни колку и Специјалното јавно овинителство, како и чистиот избирачки список и веродостоен изборен процес.

За ова треба гласно и постојано да се говори, зашто, како што рекол познатиот руски писател и дисидент од времето на СССР, Евгениј Јевтушенко, „ако вистината ја замени молкот, тогаш молкот е лага“.

Има многу примери во историјата на новинарството кога се молчело и кога пропагандата ги добивала војните. Но, ние новинарите треба да се угледуваме и на битките што ги добивале новинарите: Како онаа на Вудворд и Бернстин од аферата „Вотергејт“ кога поради нивната работа падна најмоќниот човек на светот во 1974 година, претседателот на САД.

Во 1977 година Карл Бенрстин, еден од двајцата од аферата „Вотергејт“, со својата новинарска работа разоткри дека дури 400 новинари и уредници во САД работеле за ЦИА.

Има такви примери на кои, ако се угледаме, ќе ни помогнат да го почнеме процесот на враќање на довербата во новинарството. Новинарство што ќе ја деконструира пропагандата и новинарски професионалци што ќе бидат агенти на вистината, а не на пропагандата на политичките моќници.

Пред нешто повеќе од 100 години, пред крајот на Првата светска војна, британскиот премиер Дејвид Лојд Џорџ му се доверил на уредникот на весникот „Манчестер гардијан“: „Доколку луѓето ја дознаат вистината за војната, таа може да биде запрена уште утре. Но, се разбира, тие не ја знаат и не треба да ја дознаат“.

Време е да ја дознаат.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести