verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Медиумите треба да ги држат партиите одговорни за она што го соопштуваат

on 20 - 02 - 2017       
Кредитниот рејтинг на Македонија ќе се покачел! Фич: нема шанси. Фото: flickr/СПФМ
Кредитниот рејтинг на Македонија ќе се покачел! Фич: нема шанси. Фото: flickr/СПФМ

 

Една од главните улоги на медиумите е да ги држат политичарите отчетни и одговорни. Особено партиите. И тоа особено кога партиите во нивните јавни комуникации објавуваат нешто што е сосема неточно, но е политички опортуно за нив

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Во петокот, доцна попладнето, ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение на тема финансии, поточно коментар за соопштението на кредитната агенција „Фич“, откако таа, пак, го потврди кредитниот рејтинг на Македонија со оценка „ББ“, но со негативни изгледи. Главниот дел од соопштението, кое ќе го анализираме овде, во контекст на неговата вистинитост, е овој:

„СДСМ има алергиска реакција на секоја позитивна изјава за Македонија. Во спротивно, ќе прочиташе дека агенцијата Фич има само пофални зборови и за фискалната и за монетарната политика на Македонија, стои во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека она што Фич го гледа како закана за економијата и поради што не го покачи рејтингот е политичката криза во која СДСМ ја втурна Македонија, иако според економските перформанси нашата земја заслужува повисок рејтинг“.

Ова соопштение е објавено во петокот доцна попладне, на 17 февруари 2017 г., значи по завршувањето на работното време и со почетокот на викендот, токму за да се избегне евентуална аналитичка реакција на медиумите, кои во текот на викендот работат со помали капацитети и со дежурни екипи или уредници. Соопштението го нема на веб-страницата на партијата, но може да се најде на неколку македонски портали. Причината за тоа, можеби, е зашто тоа претставува реакција на претходно соопштение од СДСМ на истата тема. Но, тоа не значи дека едно партиско соопштение може да содржи неточни тврдења, невистини и да ги извртува фактите. Проблемот со ова соопштение е што сите овие моменти ги има во него. Тоа е чудо едно колку многу извртувања, изместен контекст, нелогичности и комплетни невистини има во овој кус сегмент од соопштението од само две реченици:

  1. Како прво, ставот и оценката на „Фич“ не е „позитивна изјава“ како таква. Уште повеќе, многу тешко може да се поткрепи изјавата дека „Фич има само пофални зборови и за фискалната и за монетарната политика на Македонија“;
  2. Понатаму, соопштението вели дека „Фич“ како закана за економијата ја гледал „политичката криза во која СДСМ ја втурна Македонија“. Ова едноставно не е точно. „Фич“ никаде не вели вакво нешто, никаде за политичката криза не ја обвинува опозицијата и СДСМ. Напротив, ја обвинува власта;
  3. Потоа, соопштението вели и дека ова било причина што „Фич“ „не го покачи рејтингот“. Вистината е сосема, сосема спротивна. За никакво зголемување на рејтингот не може да стане збор и не станува збор. Напротив, соопштението говори за идно можно намалување на македонскиот долгорочен суверен кредитен рејтинг, а не за намалување. Само што треба да се знае да се чита соопштението на „Фич“;
  4. И, на крајот од овој сегмент од соопштението, се додава и дека „според економските перформанси нашата земја заслужува повисок рејтинг“. И вакво нешто никаде не се вели во соопштението на „Фич“. Напротив, се вели дека имаме надоаѓачко и сосема можно намалување на кредитниот рејтинг.

 

ШТО Е ПОЗИТИВНО?

Ако се погледне образложението, тоа е типично за „Фич“.  За сите земји агенцијата ги истакнува добрите и лошите страни на економските индикатори и движења и тоа така се прави и овде. На пример, се вели дека порастот за лани изнесувал 2,6 отсто и се додава дека тоа е пониско ниво од средниот пораст за земји со оценка „ББ“ каква што има Македонија. Но, потоа се изнајдува спротивен момент и се додава дека ако се гледа период од 5 години, тогаш порастот на економијата е во рамките на просекот. Слична е постапката кога станува збор и за другите индикатори. На пример, се вели дека личната потрошувачка е силна, но дека инвестициската активност е слаба и тоа, пред сè, поради тоа што не се оствари планот кај јавните инвестиции. И така натаму. Значи, по секоја позитивна или неутрална забелешка, следи негативна. Оттука, никако не може да се каже дека „Фич“ има „само позитивни зборови за фискалната и монетарната политика“. Такво нешто не е можно за ниедна држава во светот, а камоли, пак, за Македонија. Секоја држава има свои економски и финансиски предизвици, некои, како Македонија, имаат и политички предизвици кои влијаат врз економијата и тие се секогаш истакнати во образложенијата на агенцијата. Сосема друга приказна е спомнувањето на монетарната политика во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, пак, врз која партијата нема влијание, а со тоа ни заслуги зашто неа ја води Народната банка на РМ сосема самостојно.

 

„ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА ВО КОЈА СДСМ ЈА ВТУРНА МАКЕДОНИЈА“?

Понатаму, во соопштението се спомнува „политичката криза во која СДСМ ја втурна Македонија“ и се истакнува дека тоа било причината зошто „Фич“ не го зголемил рејтингот на земјата. Проблемот е само што „Фич“ никаде не наведува вакво нешто. Агенцијата никаде во образложението не само што не ја обвинува опозицијата за политичката криза, напротив, опозицијата не е воопшто спомната, туку вината за политичката криза е јасно лоцирана во власта.

Како причина за кризата, јасно се наведува „корупцискиот скандал од 2015 година“ за кој се вели дека открил „огромни недостатоци во стандардите на владеење на многу нивоа“ и се додава дека овој корупциски скандал бил причина што „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на земјава од „ББ+“ на „ББ“ во август 2016 година. Но, „Фич“ во својата критика на власта не застанува тука и додава:

„Официјалната соработка со Специјалниот обвинител, кој има задача независно да го истражи скандалот со прислушувањето од 2015 година, беше многу слаба во првата година. Во меѓувреме, неодамнешните ставови против странците на ВМРО-ДПМНЕ носат ризик да се одложи придружувањето кон ЕУ и да им се наштети на шансите за странски инвестиции“.

На ваквиот став нема спротивставен, кој на некој начин би ја критикувал опозицијата. Целата вина за кризата и за настаните по неа се јасно ставени во скутот на власта.

 

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РЕЈТИНГОТ?

Во ваква ситуација и во вакви околности, комплетно е нејасно за какво зголемување на рејтингот говори ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение и кои се тие економски перформанси поради кои земјава заслужува повисок рејтинг. Фактичката состојба е сосема спротивна. Поточно – комплетно спротивна. Не само што не може да стане збор за зголемување на рејтингот, туку, напротив, станува збор за идно негово намалување. Имено, оценката на „Фич“ гласи „ББ“ со негативни изгледи. Зборовите „негативни изгледи“ не се ставени туку така и тие означуваат дека ако нешто не се смени на подобро, тогаш оценката за долгорочниот суверен кредитен рејтинг на Македонија од „ББ“ ќе биде намалена на „ББ-“ во период од 12 до 24 месеци. Изгледите на една економија според оценките на „Фич“ можат да бидат „позитивни“, „стабилни“ и „негативни“, при што првата назнака значи дека оценката ќе оди нагоре, втората значи дека таа ќе остане иста ако ништо не се смени во следните година-две, а третата дека таа ќе оди надолу. Така беше и пред август 2016 година, кога „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на земјава од „ББ+“ на „ББ“. Неколкупати „Фич“ објави назнака со истите „негативни изгледи“ и токму тоа се случи. Настрана фактот што евентуалното намалување на кредитниот рејтинг на Македонија воопшто не би требало да зачудува со оглед на фактот што една друга, исто така, голема меѓународна кредитна агенција, „Стандард и Пурс“, уште од 2013 година кредитниот рејтинг на земјава го оценува со „ББ-.“

 

АНАЛИЗИ НАМЕСТО КУП ПОВТОРЕНИ ВЕСТИ

Тоа што политичките партии искажуваат редица невистини и таквите невистини потоа ги користат за да ги нападнат противниците во своите соопштенија, тоа не е само по себе чудно, но таквите постапки не можат да поминат без реакција од страна на медиумите. Се разбира дека сеопфатна анализа на секое партиско соопштение е невозможна и поради недостиг на соодветни капацитети од страна на медиумите, но и поради тоа што како што тече актуелната политичка криза, партиите се многу активни и постојано излегуваат со соопштенија, прес-конференции, напади врз противниците, изјави и слично. На пример, во недела, на 19 февруари, неработен ден, ВМРО-ДПМНЕ имаше едно соопштение за медиумите и две прес-конференции. Но, има ситуации, каква што е оваа, кога очигледно и големо количество невистини и проблематични тврдења навистина заслужува одговор. Ова особено зашто порталите, на пример, многу повеќе го ценат квантитетот на објави, отколку квалитетот. Но, од друга страна, пак, овој рекламен мини-постер на еден од најчитаните портали на интернет, „Базфид“ е многу поучен:

13177522_10208077774816494_5168813979613951326_n

Во него „Базфид“ вели дека објавил 7.000 новинарски текстови во 2014 година, односно по нешто повеќе од 19 дневно (без квизовите). Во Македонија, од друга страна, пак, има дури 54 портали кои во изминативе 30 дена објавиле повеќе од 20 текстови дневно (без видеоклиповите и фото-галериите). Така што, ако еден од најголемите портали на интернет не брка квантитет, нема причина зошто тоа би го правеле и македонските портали и зошто не би се свртеле повеќе кон квалитет и кон аналитички написи.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести