verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите погрешно известуваат за „техничките“ функционери

on 17 - 02 - 2016       
Каков е фокусот на медиумите врз „техничките“ министри во владата. Колаж: СПФМ
Каков е фокусот на медиумите врз „техничките“ министри во владата. Фото: ЕУ, колаж: СПФМ

 

Медиумите не кријат дека повеќе се заинтересирани да ги следат нивните активности од аспект на тоа дали смените на раководните лица ги прават по квалификација или партиска припадност, односно дали го практикуваат или не, она што го осудуваа кај нивните претходници

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

И по три месеци откако дел од Владата на РМ станаа двајца министри и тројца заменици министри, во јавноста многу попознати со определбата „технички“, медиумите во земјава не успеаја да го определат нивното место и улога во извршната власт во земјава.

Она што е нивна примарна улога – учество во подготовката на предвремените избори, односно на некој начин намалување или исклучување на партиското влијание во работењето на министерствата, речиси и да не е во сферата на интерес на известувањата што секојдневно се реализираат од новинар(к)ите. Најголем дел од информациите што се презентираат во јавноста се однесуваат на тоа што го презеле техничките министри во поглед на кадровските промени и сè почесто прекршочните или кривичните пријави кои се разменуваат меѓу „легалните“ министри и заменици и нивните „технички“ опоненти. Еве неколку примери од агрегаторите и од веб-страниците:

 

СЕ ЗАБОРАВА СУШТИНАТА НА НОВОИМЕНУВАНИТЕ

Се поставува прашањето зошто толку им е тешко на медиумите да го имаат предвид начинот на кој се вклучија техничките министри и заменици во власта и да се фокусират на причината поради која се тука. Односно, наместо нивно осудување или поддржување (во зависност од провиниенцијата на медиумот), да ја следат нивната активност во поглед на остварувањето на целта, а тоа е создавање услови за фер, демократски и веродостојни избори, кои ќе бидат поддржани и прифатени од  сите учесници во тој процес.

Генерално, улогата на техничките министри и заменици е да помогнат да се реализира таканареченото раздвојување на партијата од државата, што беше една од првите препораки на Договорот од Пржино: Партиите се согласуваат дека на прво место ќе ги стават интересите на државата… , односно да овозможат за сите политички актери во изборниот процес еднакви услови, без разлика дали се на власт или се во опозиција. Ова барање кое е произлезено од преговорите во јуни и во јули минатата година, е појдовна точка за Договорот во Пржино и токму тоа е првата причина што овие луѓе се на позиции кои  вообичаено се добиват со победа на избори.

Медиумите, за жал, им наметнаа многу поинаква улога на овие личности (кои и самите придонесоа во определена мерка да се добие таков впечаток), од онаа која требаше да ја имаат според политичките договорања на партиите од власта и од опозицијата .

Периодот во кој тие „службуваат“ е специфичен и сигурно се свесни дека се под лупата на јавноста. А, медиумите не кријат дека повеќе се заинтересирани да ги следат нивните активности од аспект на тоа дали смените на раководните лица  ги прават по квалификација или партиска припадност, односно дали го практикуваат или не она што го осудуваа кај нивните претходници.

 

НЕКОЛКУ ПРИМЕРИ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА „ТЕХНИЧКИТЕ“ 

Ќе анализираме неколку медиуми (дневни весници и портали), во период од еден месец:

Нетпрес“, на пример, се фокусира на непочитувањето на  техничкиот министер во МВР на судот, на смените и  унапредувањата што ги прави, лицата со кои се фотографирал, а не се со најчисти досиеја и сл.  За техничката министерка за труд и социјала, овој портал пишува дека ги кочи проектите на Владата за определени категории граѓани, дека ги партизира центрите за социјални работи и др.

Порталот „Либертас“, за истите овие технички министри  нуди содржини од типот дека Фросина Ременски поднела кривични пријави против ексминистерот Диме Спасов и разрешените директори, но и дека остварила средба со делегација на ММФ, при што разговарала за прашања кои се во надлежност на ова министерство, што, пак, не може да се сретне во информациите на претходно споменатиот портал. За Спасовски, пак, може да се прочита дека бил на посета на граничен премин Деве Баир, како и неколку интервјуа во кои ги најавува своите активности за наредниот период, од аспект на декриминализација и деполитизација на полицијата.

Утрински весник“ во споменатиот период  има дваесетина текстови за техничкиот министер Спасовски и уште толку за техничката министерка Ременски, а фокусот на известувањето за нивните активности во најголема мерка повторно е насочен кон нивните партиски активности, иако има текстови во кои се разработуваат и содржини кои се во насока на тековното работење на министерствата. Но, нема ниту еден текст со кој би се опфатиле активности насочени кон подобрување на изборниот процес, односно создавање услови за фер, демократски и, пред сè, прифатливи избори за сите политички субјекти.

Вечер“, пак, пишува за неправилностите во унапредувањата во МВР од страна на новиот технички министер и за опструкцијата на техничката министерка околу исплатата на социјалната помош за граѓаните. Ништо за нивните активности околу унапредување на демократските процеси, принципите на политичка одговорност, дејствување во интерес на граѓаните и слични работи кои се препорачуваа и се бараа од сите учесници во процесот на организирање на изборите во овој преоден период.

Слични содржини на овие портали и весници може да се прочитаат и за техничките заменици, секој во неговиот ресор: финансии, земјоделство или администрација, со задолжителните информации за покренување постапки пред судовите, кои и двете страни сè помалку ги почитуваат.

 

ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ПОТРЕБА ОД ПОИНАКВИ ИНФОРМАЦИИ

Медиумите, како јавен сервис, на своите слушатели, гледачи и читатели имаат обврска да им понудат информации што ќе им овозможат добивање на вистинска слика за политичарите во една земја. Особено во состојба каква што имаме кај нас во актуелниот момент, кога коалициската влада е проширена и со министри од опозицијата, кои според договорот треба да му дадат тежина на подготвувањето на изборниот процес, односно да овозможат негово реализирање без никакви пречки и пропусти.

Тоа во никој случај не може да се направи со селективно презентирање информации, туку само и единствено преку сеопфатни содржини во кои нема да има цензура од каков било тип (автоцензура, редакциска, уредничка или друг вид цензура што е позната во теоријата).

Без разлика на провиниенцијата на медиумот (опозициска или провладина), приоритет треба да им се даде на информациите кои на читателот, гледачот или слушателот на медиумот, ќе му овозможат да ја согледа улогата на секој учесник во Владата, без разлика дали е технички или министер од партија која победила на избори и да следат дали и како тие ги извршуваат обврските што од нив ги бара политичкиот договор. Факт е дека новите технички министри и заменици не се прифатени најдобро во владиниот кабинет, но, исто така, е факт дека тие требаше да се свесни за тој момент кога го прифатија предизвикот.

Како и да е, заземањето страна и обвинување или оправдување на определен министер или технички министер и заменик за тоа што направил или не направил, не е работа на медиумите. Нивно е да ги согледуваат реалните состојби и да ги презентираат пред нивната публика, која треба да го даде конечниот суд и да создаде свое мислење. Можеби фактот дека медиумите не успеаја да се одалечат од партиите и да не заземаат страна е причината поради која и тие станаа дел од Договорот од Пржино и тоа, како што стојат работите, од суштествено значење, што секако е предмет на друга анализа.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести