verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Јавниот интерес ја одредува јавноста за трговските друштва

on 17 - 02 - 2016       
Јавниот интерес, па анонимноста. Фото: pixabay
Јавниот интерес, па анонимноста. Фото: pixabay

 

Воспоставувањето баланс помеѓу јавниот и приватниот интерес е клучно, а истиот се постигнува доколку се направи процена за тоа кои податоци се од суштинско значење на веста. Слободниот пристап до информации од јавен карактер е ограничен таму каде што објавувањето на лични податоци би значело повреда на приватноста на лицето чии податоци се објавени.

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Веста за поврзаноста на фирмите „Прва Република ДООЕЛ“ и „Сирах лимитед“ од Белизе поткрепена со податоци од Централниот регистар отвори многу прашања, меѓу кои е и прашањето за тоа кои податоци од обрасците за трговските друштва може да бидат јавно објавени. Дотолку повеќе што на еден од обрасците е јасно видлив единствениот матичен број на управителот на едно од трговските друштва за кое се известува.

При процената на обемот на податоци објавени во медиумите, задолжително треба да се разгледаат два аспекти – јавниот интерес и заштита на приватноста на лицата, чии податоци се објавуваат.

 

ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП… ГО ПОЧИТУВА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС

Ако се тргне од првиот аспект, јавен интерес, во согласност со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, податоците од регистрите имаат третман на информации од јавен карактер, а нивното објавување во овој случај е од јавен инетерс, особено со оглед на тоа дека содржат информации за личности кои се повразни со лица што вршат јавни функции во државата.

Вака би требало да бидат заштитени личните податоци, кога не се од јавен интерес. Фото: Скриншот
Вака би требало да бидат заштитени личните податоци, кога не се од јавен интерес. Фото: Скриншот

Воспоставувањето на баланс помеѓу јавниот и приватниот интерес е клучно, а истиот се постигнува доколку се направи процена за тоа кои податоци се од суштинско значење на веста. Слободниот пристап до информации од јавен карактер е ограничен онаму каде што објавувањето лични податоци би значело повреда на приватноста на лицето чии што податоци се објавени.

Дополнително, во слободниот пристап до информации од јавен карактер се применува и принципот на делумен пристап до информациите, согласно кои се јавно достапни податоци кои не ги загрозуваат интересите на правните и на физичките лица на кои се однесуваат.

Пред сè, треба да се има предвид дека Законот за заштита на личните податоци се однесува исклучиво на заштита на лични податоци на физички лица, а не и на податоци за правните лица. Секако, објавата на лични податоци на лица кои се поврзани со податоците на правно лице во кое тие се лично инволвирани, може да се разгледува и низ призмата на примена на Законот за заштита на личните податоци.

Овој закон содржи одредба, согласно која новинарството е земено предвид:

„Одредбите на законот нема да се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши за професионалното новинарство, само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци.“

Сепак, овој исклучок не му дава комплетна слобода на медиумот да ги објави сите податоци. Доколку оваа вест се разгледува од аспектот на заштита на приватноста на лицата чии податоци се објавени, обемот на објавените податоци може да се спори. Во конкретниот случај, лични податоци кои се објавени се името и презимето, единствениот матичен број на граѓанинот и адресата на живеење.

Со оглед на тоа дека овие податоци се истовремено и податоци кои се задолжителни во делот на обрасците како податоци за овластено лице во правното лице, податокот кој во секој случај мора да биде прикриен во целост при објавување на единствениот матичен број на граѓанинот.

Законот за заштита на личните податоци предвидува одредени исклучоци според кои сите лични податоци не уживаат еднаква заштита. Постои и категорија на посебни, чувствителни лични податоци, а како посебно чувствителен податок се наведува единствениот матичен број на граѓанинот.

 

КОГА Е ПОТРЕБНА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Обработката на единствениот матичен број на граѓанинот е посебно регулирана, односно тој може да се обработува само по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци, за остварување на, со закон, утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и во други случаи утврдени со закон.

Во секој случај, согласно закон, контролорот и/или обработувачот е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.

Во конкретниот случај, дискутабилно е и објавувањето на целосната адреса на живеење на управителот. Имено, целта на веста е да се покаже дека две правни лица имаат иста адреса, додека адресата на живеење на управителот со кој овие правни лица се поврзуваат, не е поврзана со суштината на информацијата. Во ваков случај, податоците за број на зграда и на стан, би требало да бидат анонимизирани. Адресата на управителот не би била предмет на анонимизација доколку истата се совпаѓа со адресата на која е регистрирано правното лице.

Оговорноста за објавувањето на неанонимизирани лични податоци во овој случај е поделена. Првично анонимизацијата треба да ја направи тој што ги дава информациите, а доколку тоа не е направено, медиумите се тие што при објавување треба да ги заштитат личните податоци за лицата за кои известуваат, доколку тие податоци не ја менуваат битноста на информацијата.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести