verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Марсовскиот поглед на Ѓорге Иванов врз медиумите во Македонија

on 18 - 06 - 2015       
Претседателот Ѓорѓи Иванов. Фото: Телма, скриншот
Претседателот Ѓорге Иванов. Фото: „Телма“, скриншот

 

За состојбата во медиумите, претседателот Иванов има гледишта на човек кој како да не бил присутен ни во Македонија, ни на планетата Земја изминативе пет-шест години

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Интервјуто на претседателот Ѓорге Иванов на „Телма“ со колегата Атанас Кировски, конкретно делот за медиумите, повторно ни покажа лик на човек кој е изместен од реалноста, кој мора да ја следи линијата на партијата на власт без чија криминална поддршка никогаш немаше да биде избран на претседателската функција, на човек кој мора постојано да ги избегнува тешките прашања и да прави манипулации во своите одговори, зашто, инаку, ќе мора да го признае автократското владеење на оние од чија волја зависи неговото домување во претседателската резиденција. Тој мора да користи и школски дебатни техники на евазија на основните и на најважните прашања за проблематиката за која се говори (медиумите во овој случај) и да поставува небитни контрапрашања само колку да ја сврти дискусијата во своја насока или, барем, да ќари минута-две време за да скрати некои од следните непријатни прашања. А, кога ни тоа не е можно, едноставно да манипулира и да зборува невистини. Но, сите овие вербални малверзации претседателот на крајот го прават да изгледа неискрено и сомнително во однос на точноста на тоа што го говори.

 

ЗАБРАНИ ВО МЕДИУМИТЕ? НЕМА ТАКВО НЕШТО

Еве што рече претседателот Иванов на самиот почеток од делот на разговорот што се однесуваше на медиумите:

„Видете, овој период на криза имавме можност да ги видиме нашите медиуми какви се и кои се. Кој бранеше во овој период да се организира дебата, да се организира полемика, експертиза, анализа, што сè не? Кој го спречувал тоа претходно да го имаме? Значи, еве, сега гледаме, нашите медиуми се полни со дебати, со гости, со аналитичари, кој го спречувал тоа досега да го имаме? Сакате да кажете дека власта забранувала или јас лично сум забранил некому да настапува во некој медиум?“

Да се постави ваква серија на прашања додека во поттекстот се сака да се каже дека во медиумите никој не спречувал ништо да се емитува или објави, да се кажува дека сосема слободно било во Македонија пред актуелната криза секој да настапи кај сака и дека тоа никој не го забранувал, значи само дека Иванов како буквално да не бил на планетата Земја во изминатите пет-ѓест години и како токму пред интервјуто да паднал од Марс и веднаш седнал да разговара со колегата Кировски.

Сите ние другите, кои сме биле присутни на планетава во тој период, многу добро знаеме што се случуваше со медиумите. Тоа уште подобро го знаеме откако ги ислушавме прислушуваните разговори во кои чувме, според кажувањата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, како премиерот лично одредувал кој новинар од која странска земја ќе биде дописник, како се вршат закани за колешка од МТВ дека ако не направи онака како што сакаат политичките моќници, ќе биде избркана од работа и ќе заврши на улица, како шефот на кабинетот на премиерот во разговор со сопственик на телевизија наредува да се изгаснат светлата во студио и „случајно“ да снема струја за одредена емисија да не се емитува, како истиот тој сопственик на телевизија се фали дека на лидерот на Обединети на Македонија не му дал ни пет минути простор во предизборната кампања, како поранешниот шеф на тајната полиција во разговор со уредник на национална телевизија вели дека за 2 милиони евра самиот тој ќе направел телевизија и дека другата национална телевизија, на која ѝ се дадени овие пари, не му е потребна, како ТВ-дневникот на најголемата национална телевизија личи на „куртон“ поради бројните нарачки од партијата на власт, при што во таква ситуација нема место за ништо друго и редица други моменти, кои покажуваат постојано, конзистентно корумпирање и притисоци врз медиумите, токму за на нив да се емитуваат само подобни содржини и да не настапуваат неподобни гости.

Конечно, за да ја осознаеме состојбата во медиумите, не ни се потребни ни прислушуваните разговори. Доволно е да се отвори веб-страницата на Бирото за јавни набавки и да се разгледаат бројните тендери за рекламни кампањи на власта, па да се види колку пари се трошат на вакво коруптивно финансирање и тоа само на подобните медиуми. Исто така, кога сме кај дебатните емисии, полемиките и гостите, треба само да се разгледа колку токму такви емисии се едноставно забранети и укинати на националните телевизии или кои и колку медиуми се затворени поради разно-разни политички и финансиски притисоци, за што колегите од „Мета“ направија и листа.

Конечно, точно е дека на „Телма“, „Алсат“ и на „24 Вести“ има дебатни емисии и гости од сите профили, но кои дебатни емисии ги имало во изминатите години, а и сега, во овој момент, на провладините телевизии какви што се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и МТВ и кои се најгледани поради финансиската моќ што ја поседуваат од владините кампањи која им овозможува да купат турски серии? На овие телевизии нема такви емисии и тоа подолго време. Оние што ги имаше, пак, одамна не постојат.

 

„ФРИДОМ ХАУС“ Е ПЕРЦЕПЦИЈА

Потоа на ред дојде делот од разговорот за рангирањето на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите во светот. Во ова рангирање Македонија е катастрофално пласирана – на 125. место од 199 земји и територии, а кога станува збор за Европа, пак, таму сме на срамното претпоследно 41. место, само пред Турција и зад земји какви што се Косово, Босна и Херцеговина и Албанија.

Но, ова за претседателот Иванов не е многу важно зашто рангирањето на „Фридом хаус“ било перцепција:

„Тоа што е извештај на „Фридом хаус“ е перцепција. Тоа не е на основа на факти, аргументи или на основа на одредени документи. Тоа е перцепција, која постои и се мери и се менува. Перцепцијата е таква создадена од нашите медиуми.“

Оваа изјава не може да биде подалеку од вистината. Таа е толку многу неточна и манипулативна, што нејзиниот извор мора да се сфати како комплетно несериозен и воопшто да не му се обраќа внимание.

Извештаите на „Фридом хаус“, кои се прават 35 години по ред, уште од 1980 година, не претставуваат ничија и никаква перцепција и, се разбира, се темелат „на основа на факти, аргументи или на основа на одредени документи“ и тоа не само тоа, туку и врз основа на цела една методологија, која е подобрувана и усовршувана во целиот 35-годишен период откако е направена.

Фактите, аргументите и документите што „Фридом хаус“ ги анализира пред да ја даде својата оцена за состојбата со медиумите во секоја земја, се подредени во 23 методолошки прашања, каде што се анализира сѐ што може да се измери преку една објективна методологија. Од притисоците врз медиумите, нивната способност да известуваат и да пренесуваат содржини и да работат слободно без страв од реперкусии, преглед на правното и на регулативното милје, политичките влијанија, пристапот до различни извори на информации, однесувањето на самите медиуми и нивната можност да ги тестираат границите на слободата на изразување, па до влијанието на приватните сопственици, политичките и криминалните групи и недржавните актери. Методологијата на „Фридом хаус“ е толку многу детаљна, разработена и тестирана, што не може да стане збор за никаква перцепција, туку за објективно мерење на сите елементи што влијаат врз слободата на медиумите.

Просто е неверојатно како еден претседател на држава може да каже ваква невистина, тврдејќи дека станува збор за перцепција, кога тоа никаде не стои ни во самиот извештај на „Фридом хаус“. „Транспаренси интернешнал“, на пример, прави истражување за состојбите со корупцијата и таму навистина станува збор за перцепцијата на корупцијата, но „Транспаренси“ тоа отворено го кажува без никаков обид такво нешто да се скрие. Да беше ист таков случајот и со ова истражување на „Фридом хаус“, организацијата тоа сигурно ќе го наведеше.

Од друга страна, точно е дека оцената (а, не перцепцијата) на „Фридом хаус“ се менува, но во изминатиов период таа се менува само на полошо, како што може да се види на долниов графикон:

Untitled

За оваа изјава на Иванов да биде уште поапсурдна, доволно е да се потсетиме на едни други и сосема поинакви негови зборови од 2009 година, во однос на едно слично истражување, она на „Репортери брз граници“. За ова пишуваше колегата Ерол Ризаов на 13 февруари 2014 година:

„Само пред неполни пет години Македонија беше на 34. место рангирана од истата оваа угледна асоцијација. Стрмоглавиот пад на светското дно за 89 места нѐ смести меѓу авторитарните држави и режими, многу поблиску до тврдите диктатури отколку до некогашното 34. место, за кое сега само можеме да сонуваме. Секогаш кога ќе се огласат „Репортери без граници“ ми доаѓа пред очи сликата од средбата со уредниците и со носечките новинари на новоизбраниот претседател на државата Ѓорге Иванов во новата резиденција на Водно 2009 година. Во олабавена атмосфера, со чаши шампањ и виски во рацете, во салонот со прекрасните мозаици тазе претседателот изрече нешто што ми остави силен впечаток. Професорот по „демократија и човекови права“ рече дека во неговата претседателска работна агенда влегуваат и медиумските слободи и дека тој целосно ќе се заложи за повисоки дострели во слободното информирање на јавноста. Пристојното 34. место не може да нѐ направи задоволни, ни рече претседателот на наше општо задоволство. 

Значи, Иванов во 2009 година не бил задоволен со високото 34. место во рангирањето на „Репортери без граници“, за сега да каже дека сличното рангирање на „Фридом хаус“ не е битно, дека претставувало само перцепција. Што понатаму да се каже за еден политичар, кој кога му одговара, ветува едно, а кога не му одговара, вели дека неговото претходно ветување е небитно. Но, добро, ветувањата на Иванов во суштина се небитни зашто нивното исполнување никогаш и не зависи од него.

 

ШТО АКО ИМА ГОВОР НА ОМРАЗА, ИЗБОРИ СЕ

Потоа на ред дојде проблемот со предизборното гостување на Иванов во емисијата на Миленко Неделковски со кого, како што потсети колегата Кировски, мисијата на ОБСЕ повеќе не сака да комуницира поради ширењето говор на омраза и неизбежниот факт што со своето гостување, Иванов ѝ даде легитимитет кој емисијата не смее да го има.

И овде слушнавме редица оправдувања кои не држат:

„Јас сум гостувал во кампања кога секој избирач е битен, кога секој глас е потребен и во таа емисија, колку што се сеќавам, немало ни говор на омраза, ни вулгарности. (…) Не можам јас да претпоставам, не сум јас баба Ванѓа, што се вели, да знам луѓето што секој ден ги среќавам во животот што ќе прават во години, години однапред. Така што, не ви држи таа констатација. Постојат медиуми, постои емисија, кога е кампања секој настојува во кампања да постигне што поголема гледаност и што поголем пристап до потенцијалните избирачи и тогаш се користат и медиуми и социјални мрежи и лични контакти и сѐ. Така што, повторно ќе повторам, да не се генерализира, не е само тој што го посочувате, колку имаме други кои никој не ги спомнува…“

Што да се каже на ова. Претседателот на државата едноставно ни рече дека е сосема во ред во време на изборна кампања да се учествува во емисија кај лице за кое меѓународни организации сметаат дека шири говор на омраза. Тоа значи дека е сосема во ред да се одобрува, охрабрува и поддржува насилство, буквално насилство (говорот на омраза по сите дефиниции претставува насилство) затоа што биле избори и тогаш сѐ било дозволено. Да не говориме, пак, за смешното оправдување дека Иванов не можел да знае однапред што ќе се случувало по неговото гостување на изборите во 2014 година со тој новинар и во таа емисија. Проблемот е само што изблици на говор на омраза таму  имаше и пред 2014 година како што е многу добро познато. Особено е недоветно оправдувањето дека имало и други новинари што ширеле говор на омраза, што би требало да значи дека неговиот настап е оправдан зашто говорот на омраза е толку многу раширен, тоа да ти било исто како некој да ви каже „добро утро“, па за такво нешто не треба да се вознемируваме.

 

СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ПРЕМИНЕ ВО АНАРХИЈА

Во понатамошниот дел од разговорот за медиумите, Иванов продолжи да дискутира на истиот начин, со истите софизми, со влегување на самиот себеси во уста, со мешање „баби и жаби“. Го измеша говорот на омраза со јавната пристојност, иако едното со другото немаат врска. Можете воопшто да не употребите непристојни зборови, а сепак да користите говор на омраза. Ја измеша употребата на „чистиот македонски јазик“ со употребата на вулгарности, иако и тоа нема врска едно со друго (во секој јазик има вулгарни зборови и тоа нема врска со неговата литерарна или граматичка чистота или исправност), за при крајот да ја измеша слободата на изразување со анархијата и да каже дека денеска во медиумите слободата на изразување преминувала во анархија. И овде повторно се соочуваме со мешање „баби и жаби“. Слободата на изразување нема врска со анархијата. Слободата на изразување, колку и да се користи и колку и да се прошири, нема врска и не може да доведе/да се претвори во анархија. Анархијата е замислен политички (анти)систем и за обид тој да се воспостави или практикува потребна е акција, дејство, што нема врска со слободата за изразување.

И на крај, што да се каже. Само ни се потврдија сомневањата дека претседателот Иванов во оваа област има контрадикторни и плиткоумни ставови, кои не издржуваат тест ни на најповршна анализа. Слушнавме на моменти комплетни невистини, негирање на автократските и недемократски политики на владејачката врхушка, па дури и оправдувања за говорот на омраза. Се потврди уште еднаш дека Иванов е „на линија“ и дека Груевски не мора да стравува за каква било опасност по неговиот режим од претседателот на државата. Но, она што е најважно за новинарите, тоа е дека осознавме оти Иванов останува непријател на слободата на изразување и на критичкото, отвореното новинарство што трага по вистината и дека цврсто застанува на страната на послушничкото и со народни пари корумпирано новинарство. Ова сознание, со оглед на тоа за кого станува збор, е сосема доволно од едно интервју.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести