verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонските медиуми „паднаа“ во известувањето за кумановскиот инцидент

on 13 - 06 - 2015       
Ќе дознаеме ли што точно се случи во Куманово. Фото: Ian Bancroft, 23 мај 2015
Ќе дознаеме ли што точно се случи во Куманово? Фото: Ian Bancroft, 23 мај 2015

 

  • Македонските медиуми потфрлија во пренесувањето на случувањата поврзани со кумановскиот инцидент, а во јавноста останаа неодговорени низа контроверзи во однос на случувањата.

  • Клучни прашања се: кој e организатор на вооружената група и кои биле мотивите за нејзиното постоење, дали постоеле и од каква природа биле контактите на групата со македонските безбедносни служби.

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Во една од последните сензационални објави поврзани со кумановските случувања, косовската телевизија „Дукаѓини“ пренесе ексклузивен аудиоматеријал, од разговор во кој се тврди дека осомничените водачи на вооружената група разговараат за случувањата во Куманово со македонски агент.

Во разговорот за кој „Дукаѓини“ тврди дека нема потврда за автентичноста, Мирсад Ндрецај и Бег Ризај со агентот зборуваат за нивната местоположба, кажуваат дека се во Липково, а ги спомнуваат и имињата на тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Овие разговори беа пренесени од голем број македонски медиуми и тоа од истите медиуми што константно ги пренесуваат вестите поврзани со кумановскиот инцидент. Дел од новинарите, кои досега покажаа дека имаат професионален пристап, се обидоа да контактираат со косовските и со македонските институции во однос на снимката и не добија конкретни одговори.

Од друга страна, медиумите што редовно ја подржуваат владината политика повторно не спомнаа ништо за интервјуто, без да направат обид барем да проверат дали се работи за автентичен материјал.

Вака продолжи практиката на селективно објавување на материјалите кои се поврзани со Куманово, а селекцијата се прави во однос на уредувачката политика на медиумот, критичката ориентација и на професионалните стандарди.

Кога се зборува за кумановскиот инцидент, слободно може да се каже дека се работи за најголемиот мирновременски инцидент во историјата на Македонија. Но, освен таа димензија, постојат контрадикторни информации и за некои основни параметри на случувањата, како што е бројот на жртвите во престрелките.

Бројката од осум убиени полицајци е потврдена, но бројката на убиените осомничени терористи од првично објавената 14, се намали на 10 без никакво образложение. И наместо овие контроверзи да служат како дополнителен поттик за истражување, во Македонија освен во неколку медиуми, се добива впечаток дека се работи на потиснување на информациите поврзани со Куманово, појава која е во директна спротивност со основите на новинарството и со принципите на објективно известување.

 

НАМЕСТО „ОДНАТРЕ“, ИНФОРМАЦИИТЕ ДОАЃААТ ОДНАДВОР

Македонските медиуми, дел од објективни, дел од субјективни причини, потфрлија и за време на известувањето во екот на кумановските случувања. Првите вести за загинувањата на македонски полицајци дојдоа од српските медиуми, од кои предничеше весникот „Блиц“. Подоцна протекот на информациите од српските медиуми продолжи и за останатите детали, при што остана зачудувачкото прашање како можеа српските колеги да ги знаат информациите пред македонските новинари кои беа на местото на случувањата.

Но, феноменот на поголемото „надворешно“ знаење за настаните продолжи и во посткумановските реакции. Пред наводниот аудиоразговор на Бег Ризај и на Мирсад Ндрецај со разузнавачки агент од Македонија, косовските медиуми објавија серија написи во кои се алудира или директно се имплицира вмешаност на македонската Агенцијата за разузнавање и на Управата за безбедност и контраразузнавање со водачите на вооружената група. Српскиот „Блиц“, исто така, продолжи со објавување контроверзи околу Куманово, при што, повикувајќи се на разузнавачки извори, српските новинари директно го посочуваа Сашо Мијалков како организатор на криминалната група, со мотив за одвлекување на внимание од постојната политичка криза.

Во исто време, Македонија доби нов министер за внатрешни работи, па местото на Јанкулоска го презеде Митко Чавков, а нов шеф на УБК, наместо Мијалков, стана Љупчо Андоновски. Но, со промената на фасадата, институциите не донесоа и нов начин на работа, па прашањата кои се „увезени“ од северот, но кои отвораат сериозни дилеми за контроверзната кумановска акција, останаа неодговорени. Неодговорено остана и прашањето дали оставките на Мијалков и на Јанкулоска се поврзани со кумановската катастрофа, а тие сомневања ги поддржаа само неофицијални информации на повеќе портали.

Според основите на новинарството, молкот на институциите некогаш е став во иста мера како и одговорот, а во овој случај домашните новинари требаше да добијат уште повеќе мотиви да прашуваат и да истражуваат за кумановскиот случај, но тоа не се случи.

Така, покривањето на кумановските настани од повеќето домашни медиуми, во повеќе аспекти може да смести во негативните анали на македонското новинарство и слободно може да се претстави како пример кој на идните новинари ќе им покаже како не треба да се работи.

 

НЕУСПЕХОТ ВО ИЗВЕСТУВАЊАТА ЗА КУМАНОВО ЛЕЖИ ВО ПАДОТ НА МЕДИУМСКИТЕ СЛОБОДИ

Веројатно дека простото набројување на грешките на медиумите во однос на известувањето поврзано со кумановските настани не може да биде од помош, доколку не се детектираат и причините за негативната појава.

Неуспехот во откривањето на вистината за Куманово лежи во повеќе правци, но јадрото од каде потекнува суштината на проблемот е недостигот од слобода на медиумите и на слободниот збор во Македонија. Со години земјата паѓа на индексот на рангирањето на слободите на сите светски релевантни организации, а црните состојби во новинарството ги бележат и домашните експерти и познавачи, како и новинарските пера кои во професијата егзистираат со децении.

Во состојба кога голем дел од приватните медиуми, заедно со државниот радиодифузен сервис, се под директна контрола на власта, а останатиот дел од медиумите, кои се обидуваат да негуваат професионално или „критичко“ новинарство, се наоѓаат под силен финансиски притисок и се борат за опстанок, нормално дека во константа се повторува слабоста при пренесувањето клучни информации и настани.

Шаблонот кој се повторува е јасен, случувањата кои откриваат системски проблеми, како што е Куманово, не само што не се третираат од медиумите на вистински начин, туку во исто време се појавуваат и серија информации и т.н. спинови, кои треба перцепцијата на јавноста да ја свртат во насока на наводно правилно постапување на властите во однос на кумановските настани.

Како илустрација, медиумите што ја поддржуваат Владата, не пренесуваат ништо од контроверзните информации и прашања поврзани со одговорноста за полициската акција и мотивите на вооружената група. Но, истите медиуми сихронизирано ја пренесоа информацијата дека според извори во МВР, се најавуваат нови „терористички“ акции како одмазда за ликвидирањето и за апсењето на вооружената група.

На овој начин се користи уште една пропагандна техника со која се создава страв кај граѓаните од повторување на слични инциденти, создавање воена спихоза од која луѓето, разбирливо, најмногу се плашат. Општо позната техника на манипулација е алудирање на основните човечки пориви за индивидуална, семејна или безбедност на заедницата, со што луѓето потсвесно одбираат да не прашуваат за отворените прашања за да создадат лажно чувство на сигурност.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести