За јазикот наш насушен – нашата последна татковина!
Објавено во Новинарски лекции
on 13 - 06 - 2015 Автор: Веле Митаноски
Колку и дали воопшто имаат лектори медиумите, порталите што ги сметаме за барем малку сериозни. Дали ги имаат телевизиите, барем оние со национална концесија? Да не зборуваме за „пижами-агенциите“ и за порталите од само еден човек!
Пишува: Веле Митаноски
Она што во последно време „се продава“ како „новинарство“ во Македонија, во добар дел од медиумите и во „медиумите“ е под секаква критика. Некои, во послободна интерпретација, тоа го дефинираат како дно на дното! Новинарството е професија, но и занает. Како и секој друг – новинарот е занаетчија, кој ткае или плете производ. Дали на пазар би купиле две леви или две десни обувки? Или, да речеме, џемпер, на кој не се знае што е лице, а што опачина!? Секако дека тоа ќе го оттурнете, на занаетчијата ќе му се насмевнете в лице и уште еднаш нема да минете покрај неговото тезге.
Тогаш, зошто навраќаме, повторно и повторно, покрај новинарските политички тезги? Но, овојпат, ќе ги оставам малку понастрана политичката димензија, пораките, политичката пристрасност и припадност. Во критиките на денешното македонско новинарство и „новонарство“, заглушени од мноштвото политички лисје, не ја гледаме, ја пропуштаме шумата од јазични грешки! Ние што ја имавме среќата јазикот да го учиме на самото извориште, од професорот и академик Блаже Конески, можевме често да ја слушнеме неговата заветна порака: „Деца, внимавајте на јазикот, тој е нашата последна татковина!“
Ќе земам само два-три примери, од кои се гледа фрапантната негрижа кон јазикот и кон правописот, неодговорниот однос кон сопствената држава и нација, професијата, самите себеси, она што сакате да го дефинирате како медиум. Просто е неразбирливо како може, во само еден текст, да се истури толку неодговорност, незнаење, паушалност…?
Порталот „Република“, на 7 јуни 2015 година во 14.22 часот, во рубриката „Македонија“, објави текст насловен: Изборите се бомба од народот за Заев.
Сосема кратко работев како професор по македонски јазик, а најмногу, речиси целиот работен век, во професионалното новинарство. Од тоа искуство можам да кажам дека јазикот, покрај што е знаење и одговорност, по малку е и чувство. Имено, може денеска да не ви е изострено чувството до таа мера за да не можете да направите разлика, на пример, помеѓу „автопати“ (во цитираниот текст) и „автопатишта“. Но, сепак, не можете да не забележите дека „укочи“ или „опозициона“ се чисти србизми.
Ајде, и за ова да немате чувство (кога веќе немате знаење, не поседувате познавање на јазикот!), но како можете, во истиот текст, во само триесетина реда, покрај овие јазични грешки, да направите уште еден куп правописни. Еве ги примерите:
- „федерализација на држвата“
- „наслината бомба“
- „покитичка кариера“
- „неморален нацин“
- „деозриентираноста“
- итн.
Порталот „Инфомакс“, на 7 јуни, објави текст со наслов: Честото Македонијо – Националната арена „Филип Втори Македонски“ домаќин на европскиот Супер Куп.
Настрана „паролаштвото“ уште во насловот, настрана тоа што текстот е ода за успесите на власта, произлезена од само една најава (самите пишуваат: „треба да се почека до конечната потврда“ – изјавиле извори од УЕФА!), се прави дефинитивна потврда за сите политики на властодршците, во текстот, пишува дека доделувањето на организација на еден ваков настан, цитирам: „од највисок вид“ во фудбалска Европа, без сомнениеж ќе биде огромно признание и за фудбалот во нашава земја, но и за пишување историја и за спортот во Македонија од нејзината независност.
И при најмало чувство за јазикот би требало да се знае дека станува збор за настан од највисок ранг, а не вид – како што стои во текстот! Во истиот текст, еднаш се пишува „Супер Куп“, а вторпат: „Супер куп“. Европа е „Стариот континент“ итн.
„Вечер“, од перото на академски образованиот, со титула на доктор на науки, педагог, професорот Драган Павловиќ-Латас, објави колумна со „академски“ интонираниот наслов: „Заеб!“ И со поента: „Отпорашите се фатија со Заев, но им се случи заеб“!!! и со заклучок:
„Затоа, владата на Груевски останува. Можеби некој до опозицијата ќе влезе во неа со мандат ограничен на изборна проблематика, но ништо повеќе од тоа.“
Академски втемелениот, сталожен и едукативно (кон своите студенти!) ориентираниот Латас, педагошки нѐ подучува дека:
„Шилегов е нејзина пудлица на Шекеринска, милионерка која се курчи наоколу со скапа облека како старлетите Сораја и Станија од Белград.Само што двете спомнати се и поубави и по употребливи!!!“
Студентите, учениците, децата, од професорот Латас треба да научат дека:
„не и помалку важно, е што Заев, Шекеринска, Шилегов водени од Фрчкоски, Милчин и боранијата од Геровски, Саше Превара, оној од Доказ или трансвестиот од Либертас не се кадар за ништо, па ни за државен преврат.“
Дека „се бара божемна експертска преодна влада, дека Заев и онака е јебиветар кој незнaе што збори, една локална лопужа и партиски дикататор“. Дека „имало и државни удари после кои нациите и државите со децении не се опраиле, дека ќе загуби партија на избори, и тие ги одма ги прогласува за наместени“. Дека „само кај нас група полицицајци за своја сметка, и по своја воља и проценка, упаднала во безбедносен систем на полицијата и снимала туѓи приватни телефонски разговори кои ги продала на политичка партија“.
Истиот портал „Инфомакс“, на 6 јуни пренесе текст, дефиниран и озаглавен како: „КОЛУМНА МИЛЕНКО НЕДЕЛКОВСКИ: Заев е партиска будала“! Неговата поента е дека „има разлика“ затоа што „Груевски е национален лидер, а Заев е партиски абдал!“. Затоа што „ВМРО е про западно ориентирана десничарска партија. ВМРО е партија која гледа кон сите страни на светот во врска за економски и инвестициски теми и конкретни акции“.
Авторот, кој треба да ни биде колега, нели, и со нас, по принципот на емпатија, да ги дели доброто и злото, нас, или нашите колеги – сеедно, нè нарекува „гадови, шарлатани, кловнови, имбецили, наркомани и курви“. Како докажан кавалер и мачо, особено е „нежен“ кон колешките: „жените со најнизог ранг на толеранција за влез во меѓуножјето!“ (споменувајќи неколку и поименично). Истовремено, нашиот Миленко обвинува други за „нетолерантен вокабулар“:
„Левицата на улица и во јавност ја покажа својата диктаторска позиција, нетолерантен вокабулар, недемократски капацитет, силеџиство и безидејност.“
Јунакот од нашиот сокак, човекот кој би требало да ни биде колега, ете, од нас се разликува по тоа што, цитирам:
„Миленко што по примерот на Битлси секогаш имаше коса со должина над ушите, кога нивните главчиња беа високо потстрижени од берберот, под будното око на таткото комуњар. Ејјјј, Миленко го прашуваат! Миленко што заработи силни укори пред исклучување во Гимназија ЈБ Тито заради носење фармерки, долга коса, кошула со високи крагни, брукс ципели!?!!?“
Секако дека кога вели „ципели“ мисли на чевли, ама што се однесува до јазикот и до правописот, тука навистина нема помош. Тука нема семејна, туку „фамилијарна традиција“, тука има „Маршалатт во Белград“… ги има „оние што му се натопурија на Водно како “Црвена буржоазија““… Има сѐ, ама нема правопис и македонски јазик.
Пред две недели, во едно кафуле во Охрид, во разговор со еден од постарите колеги од времето на вистинското професионално новинарство кај нас, Зоран Андоновски, меѓу другото, поразговаравме и за јазикот и за правописот во македонските медиуми и „медиуми“. Колегата Андоновски сам поднесе оставка во „Дневник“ затоа што не дозволи менаџментот од сопственичката групација да му ги крои насловните страници и да симнува во печатница веќе, од него, одобрени текстови. Сега лебот го заработува во електронската агенција „Мета“ (проект во рамките на Фондацијата „Метаморфозис“, исто како и проектот „Сервис за проверка на факти во медиумите“ – заб. уредник).
„Кога ја конципирав екипата од само неколкумина, првото место кое го пополнив – беше лектор на македонски јазик“, вели Андоновски.
Прашувам: Колку и дали воопшто имаат лектори медиумите, порталите што ги третираме за барем малку сериозни. Дали ги имаат телевизиите, барем оние со национална концесија? Да не зборуваме за „пижами-агенциите“ и за порталите од само еден човек! Каде се тука одговорноста, националното чувство, чувството за едукативната функција на новинарството ако се знае дека сето тоа допира до илјадници луѓе, меѓу нив и ученици и деца, оние што и понатаму треба да ни ја чуваат последната татковина – јазикот наш насушен, македонски?
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).