verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мачешки твитови и евтини спинови

on 11 - 03 - 2016       

skrinsot-mackarot

[Рецензија: Чиј гласник е мачкарот Ванхауте?]

 

Читајќи го написот што е предмет на оваа рецензија, ви доаѓа да се прашате дали  некој мисли дека во ерата на интернетот, социјални мрежи и на информациите кои се толку лесно достапни, може туку така да се пласираат смешни невистини и евтин (и лош) партиски спин?

Но, токму тоа е случај со овој напис: тој се повикува на пишување на весникот „Ноје циришер цајтунг“ за кризата во Македонија и наведува дека овој угледен швајцарски дневен весник го осудил дејствувањето на преговарачот Питер Ванхауте, особено неговото приватно постирање на „Твитер“ на сликички од мачки со политички обоени коментари. Проблемот е во тоа што во овој напис цитатот од весникот, како и самиот наслов на текстот, на „Ноје циришер цајтунг“ (НЦЦ) за кој станува збор, е погрешно преведен. Притоа, преводот кој е понуден содржи критика на Ванхауте, додека во оригиналот такво нешто воопшто нема.

Освен флагрантното кршење на Новинарскиот кодекс со објавувањето на невистинити податоци, овој напис е полн со контрадикторности и со небулози, со што не ги задоволува ниту минималните услови за да биде сметан за новинарски текст. Ставен во контекст на повеќепати јавно искажаната фрустрираност, како и анимозитет на претставниците на владејачката партија кон преговарачот Ванхауте, овој напис нема друг квалитет и употребна вредност освен како евтина партиска пропаганда.

Рецензија: И лажни цитати во функција на партиски спинЛинк до оригиналниот напис: Чиј гласник е мачкарот Ванхауте?

Датум и време на објавување: 5.03.2016, 10:27

Датум на рецензирање: 9.03.2016

Рецензент: Југослава Дуковска

 

 

ПОГРЕШЕН ПРЕВОД – ЛАЖНИ ЦИТАТИ

Вистинитоста – како базичен параметар, во овој текст е целосно занемарена. Дури и отворено се искажуваат невистини, иако секој просечен читател може лесно да утврди што, всушност, напишал „Ноје циришер цајтунг“ за Ванхауте и македонската политичка криза, само ако го побара на интернет текстот, објавен на 22 февруари 2016 година.

Без оглед дали го познава германскиот јазик или не, тука е „гугл транслејт“, како најчесто користена интернет-алатка за превод на странски јазици. Иако несмасно, сепак, попрецизно ќе се преведеше следниов цитат што ни е понуден во материјалот што го рецензираме:

„Во текстот со наслов „Намуртени мачки ја заоструваат кризата во Скопје“, меѓу другото, се наведува:

 

Посредникот на ЕУ во Македонија, Питер Ванхауте, во моментов гледа какви политички последици може да имаат пораките со мачки… Невештите куси вести на Ванхауте само ја изразуваат фрустрацијата на западниот посредник поради недоволниот напредок во решавањето на македонската криза.“

А, всушност, ова е преводот:

„Наслов: Мачешки твитови и кризата во Скопје.

Деновиве посредникот на ЕУ во Македонија, Питер Ванхауте, имаше некои политички проблеми со неговите твитови на мачки на „Твитер“. Имено станува збор за тоа дека владејачката партија кон крајот на неделата ја прекина соработката со помалку ексцентричниот белгиски мачкољубец чувствувајќи се навредена од неговите твитови. Всушност, твитовите со мачките на Ванхауте одразуваат голема критика за преговорите и за состојбата на демократијата во таа балканска земја.“

Од увидот во оригиналниот текст може да се заклучи дека нема ниту збор критика за работењето на посредникот Ванхауте, но тоа не го спречува написот да го тврди следново:

„Верувале или не, но по половина година небулозни твитови и максимално поткопување на преговорите, се најде и еден западен медиум кој го осуди дилетантизмот на Ванхауте!“

Уште помалку, во оригиналниот текст во НЦЦ може да се најде следнава реченица, која се користи во овој напис:

„Еден посредник на ЕУ ги торпедира своите дипломатски напори со непромислени твитови, оцени весникот „Ноје цирхер цајтунг“, анализирајќи ја актуелната ситуација во Македонија.“

 

ПЛАТЕНИК НА БРИСЕЛ, САД ИЛИ НА СОРОС?!

Фрустрираноста со „Запад“, исто така,  провејува низ целиот текст, а олицетворена е во прашањето: „Чиј гласник е Ванхауте?“

„Многумина во неговите бесмислици препознаа класичен и карактеристичен англосаксонски хумор. Од друга страна, Белгија не е англосаксонска држава. Од трета, пак, Ванхауте претходно беше преговарач во Грузија. А знаете кој имаше најголем интерес во оваа држава. Истата таа што имаше и има најголем интерес во Украина. А тоа не е ЕУ, ниту Германија… Во контекст на кажаното е моментот кога мачкарот беше фатен на маса в кафеана со Владимир Милчин, основположникот на Соросовите стотина филијали на ХВО во Македонија, кој и ден-денеска е сивата еминенција во ФИООМ, а каде што едно девојче изигрува дека е главно. Премногу случајности „дури и за оваа земја“, како што рече наводниот медијатор, кои наведуваат поврзаности со еден амбасадор кој исто како него има очила. Но, не вози точак. Го возат.“

Дури и тука текстот има недоследности – иако тврди дека хуморот со мачките на Ванхауте не бил белгиски, туку англосаксонски, односно дека белгискиот посредник одработувал за САД и за Сорос, во истиот текст стои и ова:

„Најверојатно, најголемиот дел од платата Брисел му ја дава за фотомонтажите и за творечкиот немир изразен преку пораките на сликите со неговите омилени мачки“,

па не е јасно што, всушност, тврди текстот: дали Ванхауте е платеник на Брисел, на САД, на Сорос или на сите нив?

 

НАВРЕДИ БЕЗ ЗАДРШКА

Во обид да се спаси комплетната беспредметност на текстот, на помош, божем духовито, се повикуваат невладините организации за заштита на животните, да ги заштителе мачките од „претераната употреба на мачиња“, што ја правел Ванхауте во своите приватни твитови. Но, и тука фрустрациите излегуваат на виделина:

„Реакција од „невладините“ организации за бисерите на Ванхауте нема, ниту ќе има. Тие, 75 на број, уште отсега си ја удираат главата како ќе се викаат кога СДСМ, некогаш, ќе дојде на власт. Невладини, сигурно не. Само Организации, пак, не оди. Кратенката би била „О“, иако најубаво, тогаш, би им стоела „ВО“ – владини организации.“

Пристрасноста и спинувањето, изразени во овој текст, провејуваат од насловот па сè до последната реченица, вклучително и во ставот на Станковски (името, од некои причини, не е дадено, а се работи за Александар Станковски, кој е ликовен уметник) за Ванхауте, во кој отворено без задршка се навредува белгискиот посредник во преговорите на приватна, лична и на национална основа:

„…овој карактер, налик на мршојадец, од Фландрија, кој покажа колонијална свест, непочитување, непристојност и грдотија од секаков тип, овој Белгиец со лик на зомби…“

Нафрлањето врз белгискиот посредник во политичките преговори во Македонија, во екот на зголемените тензии, истовремено со отворената хајка против него која ја води владејачката партија, се јасен показател кои мотиви стојат зад необјективниот и дискредитирачки тон со кој е напишан овој текст. Кога на тоа ќе му се додат невистини пласирани како факти, смешните обиди да се манипулира со погрешни преводи на странски извори, негативната слика за овој текст станува комплетен.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни, нерелевантни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

невистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести