verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ковид-19, (не) зрелост во заштитата на личните податоци во РСМ

on 6 - 05 - 2020       
Фото: Pexels

Справувањето со Ковид – 19  ги става медиумите и надлежните во нов предизвик, а тоа е заштитата на личните податоци на граѓаните на Северна Македонија

Пишува Фатбарда Цури

Ова e поттикнато од три случаи, како што е објавувањето на името на директорката на Клиниката за дерматологија заразена со Ковид-19, на податоците на (неофицијални) лица кои се во изолација и на заразениот новинар.

Имаше уште еден случај кога името беше објавено на жртва, граѓанин од Албанија, но кој работеше во Северна Македонија. Објавувањето е направено од албанските медиуми, со цел што побрзо да се идентификува жртвата.

Најсериозен случај беше оној од Куманово, затоа што имаше поголем обем на лични податоци што беа објавени, а категоријата граѓани не беа јавни или службени лица.

За ова имаше реакција од Дирекцијата за заштита на лични податоци, која објави дека е поведена истрага за случајот, со цел да се идентификуваат одговорните лица, а доколку се потврдат пропусти против нив ќе се води постапка.

Но, за да разбереме кога медиумите и граѓаните можат да ги нарушат личните податоци и што претставуваат личните податоци во состојбата со пандемијата „Ковид-19“, имавме разговор со експертот за заштита на личните податоци, Елена Стојановска од Фондацијата Метаморфозис.

Критинк: Дали објавувањето на име и презиме на заразените/ починатите од Ковид-19 е прекршување на лични податоци?

Стојановска: Следејќи ги принципите за заштита на личните податоци утврдени во Законот за заштита на личните податоци, вклучувајки ја и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR – General Data Protection Regulation), особено треба да се има предвид законитоста на обработката на личните податоци.

Институциите кои се директно вклучени во носење и спроведување на мерките за борба со COVID-19 обработуваат различни категории на лични податоци потребни за заштита на суштествените интереси на земјата во областа на јавното здравство. Особено е важно тоа што во вонредни состојби како оваа, институциите не се обврзани да обезбедат согласност од граѓаните за обработка на лични податоци. Иако согласноста од граѓаните не е услов за обработка на личните податоци, властите се должни личните податоци да ги обработуваат за специфични и јасни цели, да бидат транспаренти и да ги известат граѓаните за начините на обработка на нивните лични податоци, обемот на личните податоци кои се обработуваат како и за роковите во кои овие податоци ќе бидат чувани.

Критинк: За какви личности треба да станува збор, за медиумите да имаат право да ги објавуваат имињата на заразените/починатите од Ковид-19? Со други зборови дали треба да се објавува име на заразен/починат новинар, министер, премиер, обичен човек..?

Стојановска: Ако се водиме исклучиво од Законот за заштита на личните податоци, здравствените податоци влегуваат во категоријата на чувствителни лични податоци, а со тоа и нивната обработка е забранета. Податоците за здравјето на граѓаните но и за јавните личности не смеат да бидат јавно објавувани. Медиумите можат да објавуваат статистички податоци во случаи на епидемии, но без притоа да објавуваат лични податоци за заболените или починатите лица. Проценката на битноста на информацијата во однос на обемот на објавувањето на личните податоци е клучна за поставување на баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност и заштита на личните податоци. Медиумите мораат да вршат проценка дали објавувањето на лични податоци кои се содржани во веста е битно, односно дали и без нивното објавување ќе биде постигната целта и конечно, дали објавувањето на личните податоци е од јавен интерес или не.

Од примерите кај нас, може да се издвои објавувањето на идентитетот на докторката, директорка на Клиниката за кожни болести чиј идентитет Министерството за здравство процени дека треба да биде објавен. Оваа проценка се темели на фактот дека личноста, иако имала симптоми, одела на работа, а со тоа имала контакт со голем број на колеги и пациенти. Оттука, интересот за здравјето на сите оние кои биле на оваа Клиника во периодот во кој и заразената била присутна, е поголем од нејзината приватност.

Во случајот со заболениот новинар имаме различен пристап. Медиумите не го објавија неговиот идентитет се додека тоа не го направи телевизијата во која тој е вработен. Претпоставката е, дека објавувањето е направено со негова согласност. Објавувањето на лични податоци на заразени лица или лица во самоизолација кои не се јавни личности, во основа се избегнува токму заради важечките прописи за заштита на личните податоци.

Критинк: Во кои ситуации можеме да кажеме дека имаме објавување на лични податоци на заразените и починатите на Ковид-19? Односно, какви информации треба да се објавуваат од медиумите за да кажеме дека се прекршени личните податоци – како во случајот на Куманово?

Стојановска: Случајот со споделувањето на списокот на заразени од Куманово за сега е единствен случај за кој знаеме, а во кој има повреда на правото на приватност. Тоа секако не ја исклучува можноста да има и слични случаи, но истите не се откриени.

Споделувањето на фотографија од список на инфицирани со Covid 19, жители на Куманово е проблематично од повеќе аспекти. Пред се, на фотографијата нема податок кој јасно укажува на тоа кој е примарниот имател на тие податоци, односно од која база овие податоци се извадени. Со самото ова, дискутабилна е и вистинитоста на самите податоци. Ако тргнеме од претпоставката дека ова се вистинити податоци, тогаш лесно може да се констатира дека има кршење на правото на заштита на личните податоци со самото споделување на податоците надвор од рамките на институциите кој се надлежни да ги видат овие евиденции, а потоа и нивното ширење по електронски пат.

Согласно Законот за заштита на личните податоци, податоците што се однесуваат на здравјето, вклучувајќи и податоци за добиената здравствена заштита се посебна категорија на податоци или чувствителни лични податоци. Со самото ова, забранета е обработка на посебните категории на лични податоци освен по исклучок, односно ако обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство. Такви се, на пример, заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето или обезбедување на високи стандарди за квалитет и безбедност на здравствената заштита. Овој исклучок се однесува и на обемот на личните податоци кои се собираат без согласност на граѓаните во време на криза како што е справувањето со Covid 19, нивното споделување помеѓу институциите, мапирањето и слично. Овој исклучок НЕ се однесува на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација.

Освен Законот за заштита на личните податоци, Кривичниот законик во член 149 предвидува казна затвор за службеното лице кое ќе навлезе во компјутерски информатички систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета.

* * *

Критинк ве потсетува дека покрај Законот за заштита на личните податоци и Кривичниот законик што ги спомна Стојановска, медиумите објавувањето на личните податоци треба да го базираат и на Кодексот на етика за новинарите, во кој се предвидува дека доколку има дилеми дали треба личните податоци на една личност да се објавуваат во новинарски напис, треба да се постави прашањето: Колку тој податок или информација е од јавен интерес.

Овој напис е дел од специјалното известување на Критинк за дезинформациите за епидемијата со коронавирусот или Ковид-19. Кликнете на линкот за најновите вести и потврдените информации од оваа област.

Претплатете се за најнови вести