verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Колку е скапоцен угледот на јавните личности?

on 30 - 12 - 2016       

Кривична пријава - граѓански закон? Слобода на говор - политичка цензура? Фото: Jennifer Moo, 2008
Кривична пријава – граѓански закон? Слобода на говор – политичка цензура? Фото: Jennifer Moo, 2008

 

Изјавата на турската амбасадорка Тулин Еркал Кара, која искажа цврсто уверување дека лицето ќе ја добие заслужената казна и укажа како обвинителството да одлучува, е загражувачка од причина што ваквите изјави доаѓаат од високи преставници на друга држава

 

Пишува: Александар Георгиев

 

Во македонските медиуми актуелна е веста дека Амбасадата на Турција во Македонија, поради искажани навреди против Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган, до овластениот обвинител во Македонија поднесе кривична пријава против лицето Е.А. Во соопштението од Амбасадата на Турција, меѓу другото, се вели дека поради тоа што лицето користело иронични, навредливи и несоодветни зборови, до овластениот обвинител во Република Македонија против него е поднесена кривична пријава.

 

ДАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА КРИВИЧНО СЕ ОДГОВАРА ЗА НАВРЕДА?

Со донесувањето на новиот Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда во ноември 2012 година, настапи целосна декриминализација на клеветата и на навредата. Со ова се укина можноста за изрекување затворски казни за навреда и за клевета, а остана можноста со тужба да се бара само надомест на евентуална штета. Како штета се смета материјална и нематеријална штета предизвикана на физичко или правно лице со навреда или клевета.

Според цитираниот закон: За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“.

Во однос на одоговорноста за навредата, Законот предвидел и одредени исклучоци, кои во конкретниот случај можат да дојдат до примена:

Во чл.7, ст.3 од Законот стои: „Не е одговорен за навреда тој што ќе изнесе понижувачко мислење за носител на јавна функција во јавен интерес, ако докаже дека тоа е засновано врз вистинити факти или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти, или ако изјавата содржи оправдана критика или поттикнува расправа од јавен интерес или е дадена во согласност со професионалните стандарди и етика на новинарската професија“.

Оттука, секоја критика и мислење дадена на носител на јавна функција, не може секогаш да се смета за навреда и во однос на тоа тие треба да бидат потолерантни кон јавни критики затоа што јавноста има право да знае како политичарите ја извршуваат функцијата и политиките што ги водат.

Постапката се поведува со тужба за утврдување одговорност и надоместување штета за навреда или клевета, поднесена од оштетеното физичко или правно лице или неговиот законски застапник или старател. Лице кое врши јавна функција, оштетено со навреда или клевета, може да се појави како тужител само во неговото лично својство на физичко лице.

Надоместување на нематеријална штета за навреда се досудува само ако сторителот на навредата не се извинил и јавно не ја повлекол навредливата изјава или ако ја повторил навредата по судската одлука со која се забранува такво повторување. Висината на паричното надоместување на штетата треба да биде пропорционална со штетата нанесена на угледот на оштетениот и при нејзиното одредување судот треба да ги земе предвид сите околности на случајот.

 

 

ДЕЛА ЗА НАРУШУВАЊЕ НА ЧЕСТ И УГЛЕД КОИ НЕ СЕ ДЕКРИМИНАЛИЗИРАНИ

Со декриминализацијата на навредата и клеветата во Кривичниот законик останаа кривичните дела за нарушување на угледот на македонската држава, знамето, грбот и химната, за подбив со македонскиот народ и припадниците на заедниците, за повреда на странски држави и меѓународни институции и организации и дела против угледот на нивни претставници. Во овие кривични дела се изврши бришење само на казната затвор, при што како казна може да се изречe паричен надоместок.

Во случајот со кривичната пријава од Република Турција, најверојатно се повикуваат на чл.181 од Кривичниот законик за кривичното дело повреда на угледот на странска држава: ,,Тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзиното знаме, грб или химна или шеф на странска држава или дипломатски претставник на странска држава во Република Македонија, ќе се казни со парична казна“.

Но, и за ова кривично дело постои исклучување на одоговорност во чл. 182а од Кривичниот законик: „доколку изнесеното понижувачко мислење е дадено во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење“.

Сепак, ваквите случаи треба да се третираат со големо внимание со што при оценувањето на условите за исклучување на одговорноста, судот треба да ги примени критериумите за слободата на изразување содржани во Европската конвенција за заштита на човековите права и во судската практика на Европскиот суд за човекови права.

Од друга страна, изјавата на турската амбасадорка Тулин Еркал Кара, која искажа цврсто уверување дека лицето ќе ја добие заслужената казна и му укажа на обвинителството како да одлучува, е загрижувачка од причина што ваквите изјави доаѓаат од високи преставници на друга држава.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести