verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Како консумираме вести во денешното технолошки богато време

on 24 - 01 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Во тек е битката меѓу традиционалните и новите медиуми зап риматот во вестите. Фото: pixabay/СПФМ
Во тек е битката меѓу традиционалните и новите медиуми за приматот во вестите. Фото: pixabay/СПФМ

 

Паметниот телефон граби кон позицијата најважен уред за следење вести, а социјалните мрежи стануваат сè поважна порта на патот кон вестите и со тоа ја зголемуваат важноста на овој уред.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Најдобар начин да се открие како и преку кои уреди и софтверски алатки консумираме вести во денешниов технолошки богат свет е редовното годишно истражување на Ројтерсовиот институт за студија на новинарството, кој, пак, е дел од Универзитетот „Оксфорд“ во Велика Британија. Овој институт секоја година спроведува истражување во 12 земји, од кои осум ѝ припаѓаат на развиена Европа, САД, Бразил (урбан дел), Јапонија и Австралија. Од лани, дополнителни истражувања се почнати во уште шест европски развиени и земји во развој (Австрија, Чешката Република, Холандија, Полска, Португалија и Турција), но резултатите од нив не се вметнати во вкупните, така што овде нема да ги разгледуваме. Најновото истражување беше извршено лани во првата половина од годината, а резултатите беа објавени минатиот месец. Што покажуваат тие?

Најважен наод е оној што потврдува дека улогата на смартфоните (паметните телефони) во консумирањето на вестите е од огромна важност и тој веќе се нарекува „дефинирачки уред“ за дигитални вести, кој има големо влијание врз консумирањето, форматите и бизнис-моделите. Ова не би требало да чуди со оглед на фактот што сега веќе има и веб-страници кои имаат само мобилни верзии и ништо повеќе. Но, ваквото свртување кон паметните телефони покажува и дека во медиумското милје доминираат неколку успешни и големи брендови, додека другите имаат тешкотии да достигнат поширока публика и тоа и преку апликации и преку пребарувачи.

 

МЛАДИТЕ – ГЛАВНИ ПОБОРНИЦИ НА ИНТЕРНЕТ-ВЕСТИ

Следен важен момент е растот на интернет-видео форматот, тренд кој трае веќе неколку години и новите визуелни формати (на пример инфографиците – зборот „инфографик“ во 2014 година на „Гугл“ бил пребаран 860 милиони пати). Ништо помало не е ни свртувањето кон социјалните мрежи, што во многу земји коинцидира со намалување на публиката на традиционалните телевизиски вести (не и во Македонија, за жал). Ваквиот тренд е особено истакнат кај младите под 35 години.

Она што можеше да се очекува, тоа е зголемената улога на „Фејсбук“ во наоѓањето вести, дискутирањето за нив и во нивното споделување. „Инстаграм“ и „Вацап“ (WhatsApp), пак, играат голема улога кај младите. Иако „Фејсбук“ е подоминантен кај широката јавност, „Твитер“ е важен кај оние лица кои се „зависни“ од вести, односно кои се многу заинтересирани за нивно постојано следење, но и за директно следење на своите омилени јавни личности (во политиката, економијата, спортот и слично).

Најголемите социјални мрежи за висти и за било која намена
Најголемите социјални мрежи за која било намена (сина боја) и за вести (црвена боја)

Кога станува збор за „Инстаграм“ и донекаде „Снапчат“ (кој почна да ги охрабрува издавачите да ги споделуваат своите вести на оваа платформа) и другите понови социјални мрежи, допадливоста кај младите за нив доаѓа поради фактот што интерфејсот кај нив е „чист“, односно нема премногу елементи, што е многу важно кога станува збор за мал екран, какви што ги имаат смартфоните каде што секој квадратен милиметар е важен. Кога станува збор, пак, за „Вацап“, како популарна апликација за пренесување лични пораки, иако издавачите би сакале да бидат присутни и на оваа платформа, на неа, сепак, сѐ уште е многу тешко да се испраќаат пораки на голем број реципиенти.

Кога станува збор за вестите и социјалните мрежи најважен е „Фејсбук“, се разбира. Тој воведе нова опција наречена „инатант написи“ (Instant Articles), преку која квалификуваните издавачи (сѐ уште не од Македонија) можат да ги споделуваат своите содржини и тие се полнат 70 отсто побрзо од другите. „Вашингтон пост“, на пример, реши сите свои содржини од веб-страницата, до последна, да ги споделува на „Фејсбук“ во надеж дека така ќе заграби поголема публика.

 

„МЕУРИ“ НА СПРОТИСТАВЕНИ МИСЛЕЊА

Познато е дека сè поголемата важност на социјалните мрежи и на пребарувањето како „чувари на портите“ за вести може да доведе до формирање затворени „филтрирачки меури“, односно луѓето да ги добиваат само оние вести со кои се согласуваат од оние медиуми кои им се блиски и да не бидат во ситуација да можат поначесто да прочитаат и некој став спротивен на нивниот, што би било загрижувачки зашто така би се формирале „меури“ на остро спротиставени мислења, кои никаде не би се сретнале и разликите во општествата би се заострувале, што, пак, би го отежнало создавањето консензус и компромис. Но, ова истражување (за среќа!) откри дека состојбата не е баш таква. Испитаниците велат дека социјалните мрежи и пребарувањето им помагаат да најдат најразлични вести и им помагаат да кликнат на брендови кои вообичаено не би ги отвориле.

Покрај ова, се забележува и значително незадоволство кај консументите кога станува збор за интернет-рекламирањето, како и незадоволство заради фактот што неретко не може да се препознае линијата меѓу новинарските содржини и рекламите.

 

СЕКОЈ ВТОР БРИТАНЕЦ ЧИТА ВЕСТИ НА АПЛИКАЦИЈАТА НА „БИ-БИ-СИ“

Минатата година употребата на паметните телефони се зголеми од 37 отсто на 45 проценти. Дури две третини од корисниците на паметни телфони велат дека ги користат барем еднаш неделно за следење вести. Иако често слушаме за мобилните апликации, барем кога станува збор за вестите, најголем број од консументите нив ги следат преку пребарувачите. Од ваквиот тренд отскокнува само Велика Британија, каде што 51 отсто од испитаниците вестите ги следат преку мобилна апликација, односно апликацијата за вести на „Би-Би-Си“. Но, „Би-Би-Си“ е единствен, додека во другите земји само 10-20 отсто од испитаниците имаат посебна апликација за вести што постојано ја користат. Една четвртина од нив велат дека паметниот телфон им е главна направа за следење вести (20 проценти во 2014 година), а тој процент се зголемува до 41 отсто кај младите под 35 години. Употребата на таблет-уредите се намалува, а само нешто повеќе од половината (57 отсто) велат дека главна направа за вести им се десктоп или лаптоп-компјутерите, што претставува пад од 8 проценти споредено со 2014 година. Исто така, повеќе од 45 отсто од испитаниците користат два дигитални уреди, а 16 проценти – три или повеќе уреди.

Барем што се однесува до овие 12 земји, употребата на интернетот и телевизијата за следење вести е на стабилно ниво, а печатот вообичаено паѓа. Но, тоа е просекот, а разликите се големи од земја до земја. Во земји како Германија и Франција, на пример, телевизијата не е многу погодена од интернетот, но, од друга страна, пак, во САД, Данска, Австралија и во Финска, интернет-медиумите се доминантни кога станува збор за консумирањето вести во однос на ТВ-екраните.

tv-internet
Битката меѓу телевизиите и интернетот: главен извор на вести (кликни за подобар преглед)

Оваа слика ќе се менува сè повеќе во корист на интернет-медиумите со текот на времето зашто младите се на нивна страна. Меѓу лицата на возраст од 18 до 24 години, речиси 60 отсто следат вести на интернет, а само 27 отсто на ТВ. Сосема е обратна состојбата кај лицата повозрасни од 55 години, кај кои само 22 отсто следат вести преку интернет, а 55 отсто на телевизија. Кај нас состојбата е уште подрастична на страна на телевизијата, за која дури 84 отсто од испитаниците (2013 година) велат дека од неа го добиваат вестите, односно 82,7 отсто во 2014 година (графикон долу).

mk-mediumi
Извор: АВМУ/Маркетвижн

Друга разлика во однос на Македонија и овие 12 земји е фактот што во ова истражување довербата во интернет-медиумите е далеку поголема од онаа во весниците и во другите печатени изданија. Ова е особено изразено во САД, каде 31 отсто од испитаниците им веруваат на интернет-медиумите, а само 5 отсто на печатените изданија. И во сите други земји разликата во довербата меѓу интернет-медиумите и весниците е 2 до 5 пати поголема на страна на интернет-медиумите. Ова, за разлика од кај нас, каде што е раширено мислењето дека весниците се подоверливи од порталите. Но, кога станува збор за довербата, во сите земји на прво место сѐ уште е телевизијата, на која најмногу ѝ веруваат 36-45 отсто од испитаниците во зависност од земја до земја.

 

ТРЕНД: СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ И НОТИФИКАЦИИ

Кога станува збор, пак, за форматот на вестите, 23 отсто велат дека отвораат видеовести на интернет (зголемување за 5 проценти споредено со 2014 година), додека 40 отсто велат дека текстот им е поприемчив, 29 отсто не отвораат видеовести заради рекламите кои често ги има пред содржините на кои кликнале, а 21 отсто велат дека видеовести повеќе би сакале да гледаат на голем екран.

Во однос на појдовната точка која служи за стигнување до вестите, првото место го делат пребарувањето или директното кликнување на порталот каде што се сака да се најдат вести, во зависност од земја до земја, додека на трето место се социјалните мрежи. Впечатокот (барем на авторот, а донекаде и според бројките на „Гемиус“) е дека во Македонија социјалните мрежи и агрегаторите на вести играат далеку поголема улога отколку директното одење на некој портал или наоѓање вести преку пребарување. Во земјава особено се важни агрегаторите со оглед на фактот што кај нас немаме сè уште силни и доминантни брендови меѓу интернетските информативни веб-страници, како што е тоа во развиениот свет на кој во најголем дел припаѓаат испитаниците од овие земји и наместо читателите да скокаат од портал на портал, кои кај нас ги има неодржливо многу, често до вестите се пристапува преку агрегаторите. Но, ако се појават доминантни брендови, кои би доминирале на пазарот и кои би заграбиле голем пазарен удел, лесно може да се случи улогата на агрегаторите да се намали.

И, на крај, вреди да се спомне дека голем пораст има и кај апликациите за нотификации. Меѓу 9 и 15 отсто од испитаниците ги имаат на своите паметни телефони и ова претставува речиси двојно поголем процент од 2014 година. Еве можност за иновативните новински портали во земјава да стекнат дополнителна публика со оглед на тоа што ваквите мобилни апликации во Македонија речиси и да ги нема.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести