verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Истражувачките новинари не веруваат никому освен себеси

on 8 - 11 - 2016       

 

insajder

За истражувачка сторија некогаш новинарот треба да разговара и со 80 луѓе.

 

Што му значи на некој човек ако кажете 500 милиони евра? Кој има толку пари? Никогаш читателот толку пари не фатил в рака, затоа и му се далечни. Но, кога тоа ќе го сведете на работи кои му се блиски, полесно ќе го прифати податокот и ќе разбере за колкава сума се работи.

 

Основното правило на новинарите кои работат истражувачко новинарство во Србија е работа, работа и работа! Притоа, како што велат нашите соговорници, за да се почне да се работи една истражувачка приказна, некогаш е потребно да се испие кафе и со 80 луѓе. Во тоа се уверивме и при нашата посета на највлијателните медиуми што се занимаваат со истражувачко новинарство во Белград, а во организација на БИРН Македонија и на Центарот за граѓански комуникации. Ги посетивме БИРН Србија, ЦИНС, КРИК и „Инсајдер“.

 

ТЕКСТОТ МОРА ДА ИМА АТРИБУЦИЈА

БИРН Србија е невладина непрофитна организација основана во 2004 година и се занимава со надзор и со анализа на општествените политички процеси. Тие се препознатливи во Србија по повеќето сегменти во кои работат – од тренинг за новинари, кампањи до ексклузивни истражувачки приказни.

Инаку БИРН Србија е членка на Балканската истражувачка мрежа, која е присутна во девет земји од регионот, меѓу кои и во Македонија.

Според Слободан Георгиев, новинар во БИРН, кога се работи во класичен медиум, тешко може да се истражува.

slobodan-georgiev„Времето во истражувањето е најбитен ресурс. Покрај тоа, многу е битно и како ќе го напишеме текстот кој истражува некој криминал или корупција. Тој не смее да кажува ништо меѓу редови, туку мора точно и прецизно да се објасни тоа што го знаеме. Втората работа што е битна во истражувачкото новинарство е атрибуцијата. Секој текст мора да ја има, иако денешната фактичка состојба е катастрофална, затоа што 90 проценти од текстовите немаат атрибуција. Значи, мора да се знае кој е изворот на приказната“, вели Георгиев.

Според него, секој текст треба да биде разбирлив за читателот за да може да го прифати како вистинит и инсистира една изјава да не биде поголема од две реченици.

slobodan-georgiev„Што му значи на некој човек ако кажете 500 милиони евра? Кој има толку пари? Никогаш читателот толку пари не фатил в рака, затоа и му се далечни. Но, кога тоа ќе го сведете на работи што му се блиски, полесно ќе го прифати податокот и ќе разбере за колкава сума се работи. На пример, да се каже дека со тие пари можат да се направат неколку болници во кои условите би биле европски и нема да умираат по толку и толку бебиња годишно. Тоа е вистинскиот пристап“, вели Георгиев.

Исто така, тој истакнува дека секое новинарство мора да има фер однос. Мора, вели тој, секојдневно да се докажувате за народот да ви верува.

„Иако тоа е тешко во Србија затоа што веднаш сте прогласени за предавници и за странски платеници. Но, тоа не ви е туѓо ни вам“, вели Георгиев.

 

ИСТРАЖУВАЧКИТЕ ПРИКАЗНИ МОРА ДА СЕ ПИШУВААТ ПРЕЦИЗНО

За Стеван Дојчиновиќ од Мрежата за истражување на криминал и на корупција (КРИК), која исто така е непрофитна невладина организација, најбитна работа во истражувачкото новинарство е да се пишува прецизно.

КРИК е дел од меѓународната новинарска мрежа „Организација на новинари кои се борат против криминалот и корупцијата“ (Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), која е составена од непрофитни истражувачки центри и од независни медиуми од дваесетина земји од светот, од Балканот и од Источна Европа сè до Централна Азија. ОЦЦРП го помогнал основањето на КРИК и му помага во неговиот развој.

stevan-dojchinovikj„Пишуваме прецизно. Бараме документи и внимателно работиме. За разлика од другите медиуми, ние гледаме да се фокусираме на одредена група луѓе“, вели тој.

 

 

Според него, од една страна лесно се стигнува до тема, затоа што Србија и Македонија се на исто ниво, па имаат многу корупција.

stevan-dojchinovikj„Од друга страна, има голем притисок врз истражувачките новинари и често против тие новинари се водат кампањи во провладините медиуми, а се случуваат и закани. Значи, има константен притисок врз новинарите за да не можат да ја работат својата работа. Инаку, постојат многу теми, буквално каде и да боцнете, задолжително има некоја приказна. Затоа кај истражувачките новинари има еден голем плус и голем минус во целата таа приказна“, вели Дојчиновиќ.

 

КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИКАЗНА

Проблем што го имаат истражувачките новинари кога ќе откријат некоја приказна е што многу тешко доаѓаат до мејнстрим медиумите, вели Бранко Чечен, уредник во Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС).

branko-chechen„Згора на сè, овие новинари се подложни на големи притисоци, па се организираат и вистински медиумски хајки, со што просто се уништуваат медиумите. Од друга страна, пари за истражувачко новинарство има сè помалку. Не сум сигурен како преживуваме. Од друга страна, единствени сме од сите новинари во Србија што работиме професионално и на граѓаните им даваме факти за да можат да извлечат заклучок“, вели тој.

Инаку, според Чечен, за една истражувачка сторија потребни се минимум пет месеци. Тој вели дека секогаш на приказната работат по двајца новинари.

branko-chechen„Имаме критериуми по кои ја бираме приказната. Првиот е колку луѓе засегнува таа. Откако ќе се увериме дека опфаќа голема група на луѓе, седнуваме и разговараме за тоа дали е изводлива. Кога имаме некој документ, ние не го објавуваме веднаш, туку мора да провериме дали тој документ е вистинит или не. Потоа тргнуваат разговорите со изворите, официјални и неофицијални“, вели Чечен.

Бранкица Станковиќ, одговорен уредник на еден од најпознатите медиуми за истражувачко новинарство во Србија, „Инсајдер“, објаснува дека кога се работи во други медиуми, навистина нема време за истражување.

brankica-stankovikj„Но, моето мото е – најдете време. Правете го тоа кога имате време, слободно време. Работата со истражувачките новинари е во тоа што никој уредник нема да ви дозволи да потрошите шест месеци за некоја истражувачка приказна. Втората битна работа е што ако сте истражувачки новинар, никогаш нема да бидете добро платени“, вели Станковиќ.

Таа објаснува дека „Инсајдер“ работи по неколку правила.

brankica-stankovikj„Прво што правиме кога сакаме да разработиме некоја истражувачка приказна е да просурфаме низ интернет и да најдеме сè што има за неа. Голема грешка на новинарите е што кога нешто бараат на „Гугл“, тоа го прават до првата, евентуално втората страница. Но, битни информации можат да се најдат дури и на 10 или 20 страница на „Гугл“. Потоа се прави список на потенцијални соговорници. Најчесто тоа се 60 до 80 луѓе со кои мора да испиеме кафе. Потоа одлучуваме колку од нив ќе ги викнеме на официјален разговор и ќе ги искористиме како извор. Потоа секоја информација ја бараме преку слободен пристап. Кога ќе добиеме документи, не ги објавуваме, туку прво детално ги проверуваме“, вели Станковиќ.

И тоа што е најбитно, вели таа, „Не веруваме никому освен себеси“.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести