verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Институции: Сè е исто, а и тој е тука

on 8 - 09 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Рекламократија на Пол и Корнблут. Антиутопија во книга и уште една во реалноста? Фото: на издавачот
„Рекламократија“ на Пол и Корнблут. Антиутопија во книга и уште една во реалноста? Фото: на издавачот

Македонија наместо демократија доби рекламократија. Сѐ е базирано на тоа народот да се држи во заложништво преку сервирањето шарени пропагандни лаги – сè со намера да не се остави простор да размисли за стварноста и за перспективите

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Поминаа осум месеци откако Груевски не е на чело на Владата. И? Нема никаква промена. На сцена се истите пропагандни финти, истиот беспризорен речник, истата нааканост и примитивност. Сè се случува како и пред тоа. Со мали разлики.

Има влада, но како да ја нема. Има премиер, но тој или е целосно безлична персона или, пак, таков, по партиска задача треба да изигрува. Останува незабележан, безмалку непознат за пошироката популација.

Тој, премиерот, иако е власт, претставува само трансмисија на партиската или, поточно, волјата на шефот. Сè се регулира од партискиот центар, односно од газдата. Груевски е постојано тука. За пропагандната машинерија најважно е што ќе каже тој, а за официјалниот премиер има место колку што мора. Не поминува ниедно владино појавување, а Груевски да не се истопори  пред камерите. Неговото мислење(!?) е истакнато, повторувано, ударно и конечно. Никој и да не помисли да се спротивстави. Притоа ги ужива сите привилегии на шеф на влада, иако веќе не му припаѓаат.

Ова е своевидно двовластие. Владејачката партија функционира по, сега засилен, модел, како и претходно. Владее преку медиумите и пропагандата. Институциите се небитни, тие се само трансмисија на волјата на една личност. Тезите за тоа дека во Македонија институциите на системот се целосно подјармени, само се утврдуваат.

 

ПАТЕТИКА ВО СЛАВА НА ПАРТИЈАТА

Сè е исто и тој е тука. И по сè, не постои ни милиметар поместување од агресивната пропаганда и политика. Телевизиските информативни емисии никогаш не биле пододворувачки. Во комунизмот, таков подидувачки тон имаше само за Тито. И во тоа време на едноумието, информациите кои се однесуваа за секојдневниот живот на луѓето не содржеа таква патетика во слава на партијата. Сега, за што и да се известува во контекст и со јасна импликација за заслугата на партијата и нивниот неприкосновен шеф. Активностите околу санирањето на поплавите во медиумите се сведоа на тоа дека партијата и шефот се единствените што им помагаат на настраданите. А, на терен помошта се сведе на предност за нивните симпатизери. Дури и во несреќата не можеа да ја надминат својата исклучивост.

По којзнае кој пат се потврдува тезата за тоа дека од Македонија власта направи болно општество! Се потврди пропагандистичката поделба направена во последниве десетина години, која е толку драстична што и во вакви моменти се размислува само на релацијата комуњари – вмровци. Поделбата беше можна со огромна заслуга на медиумите. Со намера да се разнебити она малку што остана од националното самочувство и општа граѓанска ориентација, власта удираше по сите сфери на заедничкото живеење. Поделбата е толку длабока, а партиската припадност е посилна од сите други.  Пропагандната машинерија направи подбишега од сите изблици на индивидуалноста и слободата на мислењето. Сите што не се со нив се „соросоиди“, нечии платеници, непријатели на народот и на државата. И таа интенција сега се зајакнува.

Според упорноста што ја покажуваат и покрај сè што се случува во последниве години, и покрај сите укажувања однадвор, тие не ја напуштаат тврдата пропагандна линија. Ги тераат своите проекти кои пукаат од корупција, како ништо да не се случило. Секојдневно се ветуваат нови и нови проекти, безначајни за општото добро или, пак, неостварливи. Иако, во меѓувреме, пука по сите основи. Наместо малку сепнување по трагичните поплави, тие продолжуваат со налудничавите проекти. Карикатурални барок-фасади, мастодонтски објект посветен на Мајка Тереза. Нешто што е сосема спротивно на мисијата на Мајка Тереза, а која сега сигурно се превртува во гробот. Продолжува лудилото наречено барок-фасади, споменици, паркови, тркала. Една нормална политичка реакција, кога стварноста ќе удри по глава, би било утврдување на приоритетите, запирање на спринтот кон бездната.

 

РЕКЛАМОКРАТИЈА

Македонија наместо демократија доби рекламократија. Сè е базирано на тоа народот да се држи во заложништво преку сервирањето шарени пропагандни лаги – сè со намера да не се остави простор да размисли за стварноста и за перспективите. Во пресрет на изборите, сè ова се зајакнува, предимензионира. Се ветуваат неостварливи проекти, се расфрлаат огромни суми… Не се знае кулминацијата, но сè тоа никако нема добро да заврши. Парите се одамна потрошени, се егзистира на рабуш. Така, рекламократијата наместо  демократијата, ако овие останат на власт, ќе оди во класична диктатура. Зашто тоа ќе биде единствениот начин да се одржат и понатаму на власт.

Проблемот на нефункционирањето на институциите во конкретнава констелација се покажува како клучен заради кој во земјата не се успеа во овој четвртина век да се воспостават основите на едно цивилизирано демократско општество. Самостојноста, независноста и неповредливоста на институциите требаше да биде тој залог за прогрес. Но, кај нас секоја гарнитура на власт првото што го правеше беше посегање по нивниот интегритет. Сите закони се така направени за да ја потврдат волјата на партиската врхушка, а сега само на партискиот шеф.

Ваквата состојба значи дека и изборите од декември ќе бидат уште едно фијаско за македонската демократија. Дотогаш ќе бидеме сведоци на бројни опструкции – во медиумите,  врз буџетот, Специјалното јавно обвинителство, Државната изборна комисија…

На Македонија ѝ треба системска обнова, во сите сфери. Пред сè, во сите  институции на системот, судството, медиумите, образованието, здравството, граѓанскиот сектор, безмалку во сите домени кои оваа алчна власт ги присвои и ги деформира.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести