verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Експертска алхемија за политички договор

on 8 - 09 - 2016       
Mediumi-i-izbori
Медиумите и изборите низ лупа. Фотошоп: СПФМ

 

„Козметички“ интервенции не го отстранија преовладувачкото чувство во јавноста дека Привремената комисијата за следење на медиумското известување на изборниот процес ќе се занимава со една, најблаго речено, сизифовска работа, која ќе се сведе на броење минути и на тегавење меѓу членовите на тоа тело за тонот, аголот, речникот, кога ќе се оценува квалитатетот на новинарските извештаи за изборниот процес

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

„Ни се роди. Сега треба да го нишкаме“. Се чини дека ова е најилустративната поговорка која е соодветна на рожбата наречена Привремена комисија за следење на медиумското претставување. Односно, како што се одомаќини називот за оваа комисија, ад хок тело, кое има должност да врши надзор на придржувањето кон медиумските одредби од Законот за избори. Ќе го нишкаме 100 дена. Толку трае неговиот мандат, а во што ќе се претвори во текот на таа стотка од  предизборни и изборни денови– останува да видиме. Но, според она што го следеше неговото раѓање и комплетирање со петтиот член, како да се потврдуваат изразените сомневања на медиумските експерти дека наместо да се департизира и да се професионализира Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, политичките партии што го скроија последниот дел од договорот за предвремени избори, направија само уште една фарса од реформите во медиумската сфера. Така Жана Трајковска, директорка на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, го толкува ад хок телото и додава дека телото ќе биде место за политички пресметки и за инаетење. Па, може да се случи и дополнително да ја блокира работата на АВМУ (МЕДИУМСКА КАРИКАТУРА: Можеби е подобро да нема АД-ХОК тело?!).

Навистина, раѓањето на ова тело во јавноста беше проследено со многу отпор. Родено од една нељубовна врска на четирите партии, оваа комисија е изнудена последица на цела една низа политички одлуки и чекори, конечно, по речиси две години изразито парализирачка политичка криза. Сега е тука, комплетирана, и треба да ѝ се даде шанса да го спроведе она за што е формирана. Зашто, не беше одамна за бргу да заборавиме, кога во април оваа година имавме сериозна ситуација кога под посредништво на Ванхојте, преговорите завршија без воопшто да се отвори пакетот медиумски реформи. Дури имаше и најави воопшто и нема да се отвора и дека ќе се оди на избори без тој дел од препораките за излез од политичката криза.

Се разбира, ова е само привремено решение за да се направи обид, колку-толку, да се исконтролира медиумското претставување и известување на изборниот процес на претстојните вонредни парламентарни избори. Дали обидот ќе се претвори во целисходен резултат, останува да се види, но многу опструкции што претходеа и што се организираа во периодот на формирањето на ад хок телото, предизвикуваат многу скептицизам.

 

ИЗНУДЕН ПОЛИТИЧКИ ПРОЕКТ СО ПОЛИТИЧКИ ИСХОД

Наместо департизација на ААВМУ, се прифати едно политичко решение и се формираше привремена комисија (ад хок тело), која во период од 100 треба да ја коригира или контролира катастрофално политизираната улога на регулаторот, која е највидлива преку изборот и квотите на членовите на советот, како и преку позицијата на директорот на Агенцијата.

Ниту имаше јавно утврдени и објавени критериуми за избор, членовите на ад хок телото беа директно предложени од партиите. Тоа е спротивно на принципите за избор на составите на регулаторните тела и само ја потврди агонијата на политичките решенија. Сепак, во последен момент се направи и еден позитивен чекор со отфрлањето на новата методологија која беше подготвена откако се оформи ад хок телото, во која токму суштината на оваа привремена комисија беше доведена во прашање, бидејќи таа методологија предвидуваше голем дел од надлежностите да останат во рацете на Советот на агенцијата. Поради реакциите на стручната јавност, на маса се врати претходната методологија усвоена на 5 јануари оваа година, кога се очекуваа предвремените избори во април.

Со методологијата од 5 јануари, привременото тело за надзор на изборното претставување во медиумите добива целосна функционалност да одлучува според извештаите од надзорот што ќе ги добива од стручните служби.

Освен оваа корекција, сега веќе усвоената „стара“ методологија предвидува извештаите за надзорот да бидат во циклуси од седум дена, за разлика од „новата“ која тоа го предвидуваше на 10 дена. Седумдневниот циклус, сепак, има некоја програмска логика со оглед на фактот што националните, па и сите други телевизии, својата програма ја организираат во седмични програмски циклуси.

Како и да е, овие „козметички“ интервенции не го отстранија преовладувачкото чувство во јавноста дека комисијата ќе се занимава со една, најблаго речено, сизифовска работа, која ќе се сведе на броење минути и на тегавење меѓу членовите на тоа тело за тонот, аголот, речникот, кога ќе се оценува квалитатетот на новинарските извештаи за изборниот процес.

 

СИВИ ЗОНИ МЕДИУМСКИ ЗА СУДИР НА ХИЕРАРХИЈАТА НА ПРАВНИТЕ АКТИ

Она што не успеа да го обезбеди методологијата е надзор на интернет-порталите, иако во изборниот законик и тие се вклучени кога се набројуваат медиумите што се опфатени со најновата верзија на овој закон. Агенцијата се прогласи за ненадлежна и наведе серија аргументи поради кои интернет-порталите, односно електронските медиуми, како што се именуваат во Изборниот законик, се изземаат од надзорот на изборниот процес.

Агенцијата, по повеќемесечни темелни истражувања, анализи и консултации, чија цел беше да се утврди опфатот на поимот електронски медиуми (интернет-портали) во Република Македонија и начинот на кој тие би се надгледувале, како прво констатираше дека Изборниот законик не го дефинира поимот „интернет-портали“, ниту неговиот опфат, а ваква дефиниција нема ниту во другите домашни закони.

Следната констатација на АВМУ е многу важна: „Во Република Македонија не постои регистер на интернет-портали, како што, на пример, има регистри на издавачи на печатени медиуми, на радија и на телевизии“.

Ова ја компликува дотолку повеќе работата, бидејќи доведе до судир во хиерархијата на правните акти, наречен „Изборниот законик наспроти Законот за медиуми“. Односно, Изборниот закон ги опфаќа интернет-порталите, а законите за медиуми (Закон за медиуми и Закон за адудио и аудиовизуелни услуги) воопшто не ги споменуваат во делот на опфатот на дефиницијата што е медиум.

Дополнителна конфузија во оваа „легислативна чорба“ предизвика иницијативата за донесување Закон за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции, кој спротивно на законите, ги прогласи интернет-порталите за медиуми. Повлекувањето на овој предлог-закон само потврди дека со него нешто суштинско не е во ред.

Како и да е, ад хок телото нема да се занимава со интернет-порталите, но тоа не ја затвори оваа тема. На пример: Како ќе се третираат интернет-порталите на националните радиодифузни комерцијални телевизии? Некои од нив се прилично високо на топ-листата најчитани интернет-страници. Што, на пример, ако ТВ „Сител“ емитува избалансирано изборно покривање на изборниот процес на малиот екран, а на својот интернет-портал го прави сосема спротивното?

Изборниот законик ги наведува и печатените како медиуми кои треба да бидат опфатени со надзорот. Методологијата на ААВМУ не содржи правила и упатства за следење на овие медиуми. Но, нашето истражување, поврзано со оваа тема, откри дека некои членови на советот ќе инсистираат и на надзор на печатените медиуми.

 

КОЈ ГО „ПРОВАЛИ“ ДЕЛОВНИКОТ ЗА РАБОТА НА АД ХОК ТЕЛОТО?

„Ни се роди. Сега треба да го нишкаме“, констатиравме на почетокот на оваа анализа. Убаво би било кога во тоа „нишкање“ би учествувале сите и кога никој не би го правел спротивното. Напротив, првите денови од официјалната работа на ад хок комисијата веќе најавија сериозни опструкции во нејзината работа.

Оваа привремена комисија, откако заврши нејзиното комплетирање (кое, исто така, беше проследено со многу силен политички зачин), треба(ше) да донесе деловник за својата работа. Во моментот кога го пишуваме овој извештај, 7 септември, тој деловник сè уште не е донесен, а изминуваат последните денови од седмичниот циклус кога треба да следуваат првите извештаи и првите мерки.

Во меѓувреме, во текст на „Дневник“ со наслов „Албанецот во ад хок-телото ќе биде избран преку јавен повик“ од 16 август, веќе беа објавени детали од наводниот нацрт-деловник за работата на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, во кој со поднаслов се констатира дека „Гласањето „воздржан“ да значи „против“:

„Посебно ќе треба да биде разработена и можната ситуација во која двајца членови на телото ќе бидат „за“, двајца „против“, а еден „воздржан“. Неофицијално дознаваме дека за ова ситуација се размислува да се прифати начинот на одлучувањето кој бил применуван во Државната изборна комисија. Според него, доколку се случи ваков сооднос во одлучувањето, тогаш гласањето „воздржан“ ќе се толкува како гласање „против“.“

Нашето истражување и нашите извори потврдија дека за такво нешто воопшто не станало збор на ниту една средба на ад-хок телото, бидејќи нејзините членови досега не одржале седница за да разговараат за деловникот што треба да го усвојат и кој ќе прецизира на кој начин ќе се донесуваат одлуките.

Секако, текстот во „Дневник“ само ја потврдува и екстензира политичката димензија што го следи ова тело. Останува на нејзините членови дали ќе успеат да се издигнат над преовладувачката политичка констелација на нивната работа за да ја остварат привремената улога што им е доделена достојно.

Суштинските реформи, сега засега, се ставени на „пауза“.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *